1. Вие сте еден од најнаградуваните млади македонски писатели. Што го
мотивира Вашето творештво?
– Наградите придонесуваат за поголема видливост на книгите,
распродаваат тиражи, го олеснуваат патот до преводите. Но додека
пишувам она што мене ми е важно е да напишам роман на кој јас
како читател би му се воодушевил, не размислувам за награди, за
читатели, за критичари. Секогаш за себе велам дека првин сум
читател, а потоа писател. Да не сакав да читам книги најверојатно
немаше да сакам ниту да пишувам, затоа најважно ми е да напишам
книга која на читателот во мене би му се допаднала.
2. Вашите романи се кратки, но се литерарно многу густи, а и стилот Ви е
препознатлив и специфичен. Каков е нивниот одзив надвор од нашата
земја со оглед на тоа што се многу преведувани?
– Во Македонија кога ќе објавите книга без разлика дали станува збор
за роман како најпопуларен жанр или поезија за која се помалку
има интерес, никој ништо не пишува, критиката одамна е мртва кај
нас. Можеби е и подобро така зашто ние сме мала средина и сите се
знаеме меѓу себе, па објективна критика е невозможна, никој не
сака да се замери со колегите. Така беше и со мојот роман ,,Страв
од варвари” кој е мој најпреведуван роман, во Македонија само
Марија Ѓорѓиевска Димова имаше напишано за книгата, но за
преводите на романот имаше многу критики. За англиското издание
имаше пет критики, за италијанското две, за хрватското пет и една
тв критика…
3. Живееме во контраверзно време полно со агресија и недоразбирање.
Вашиот алтруизам и благонаклоност е благослов во Вакви времиња.
Која е Вашата порака и дали книжевноста би направила нешто човекот
конечно да се чувствува како ангажирано битие?
– Во моите романи ликовите се секогаш луѓе од маргината, луѓе чии
глас не се слуша доволно во општеството. Пишувањето е моја борба
против тишината и негирањето, преку моите романи сакам да им
дадам поголема видливост на оние кои општеството упорно ги пика
под тепих. Неколку пати имам кажано дека не верувам дека
книжевноста може да го смени светот, но може да го смени светот
на поединецот. Ако на само еден човек моите книги му го подобрат
или разубават животот, или за миг се почувствува дека не е сам/а,
токму за тој еден вреди да се продолжи да се пишува.
4. За кратко треба да излезе Вашиот најнов роман за кој сме сигурни дека
читателската публика го очекува со нетрпение. За што зборува тој?
– ,,Не кажувам” е роман за сите оние премолчени разговори меѓу
партнерите, меѓу нас и нашите родители. Со луѓето што најмногу ги
сакаме најмалку разговараме и сето тоа во име на љубовта и
стравот да не бидеме отфрлени.
5. Имавте и драматизација и инсценација на Вашиот роман „Лето во кое
те нема“. Како звучи трансферирањето на едно книжевно дело во друг
уметнички род?
– Секогаш ме фасцинирала таа трансформација на едно книжевно
дело во театар или филм. ,,Лето во кое те нема” беше поставено на
сцена и за мене како автор ми беше возбудливо да го видам своето
дело на еден поинаков начин, особено фасцинантно ми беше како
сите тие реминисценции и постојани навраќања во минатото –
инднината ќе бидат изведени. Но кога работите со одлична екипа и
невозможното станува возможно.
6. Каде е македонската книжевност на европската мапа и дали е доволно
видлива надвор од нашата земја?
– Македонската книжевност се повеќе ја освојува Европа, но за да
имаме поголем успех и поголема видливост не треба да чекаме
некој автор да добие Европска награда или да има да успее да најде
добри агенти, потребна е и стратегија во културата, потребно е да се
работи на промоција на македонската книжевност, ние сме
оставени сами на себе.
7. Дали некогаш можеме од Вас да очекуваме нешто во друг жанр:
поезија, есеј, драма?
– Мојата прва книга беше збирка поезија и тогаш бев уверен дека
освен поезија ништо друго нема да пишувам. Збирката поезија ја
објавив пред петнаесет години, а во меѓувреме објавив четири – на
пат е петиот роман, засега не планира да го ,,менувам” жанрот, но
никогаш не се знае.
Елементи