Elementi Logo

Интервју со Марко Грегур, пистаел и издавач од Хрватска

Backgorund

ПИШУВАЊЕТО Е СОГЛЕДУВАЊЕ НА ВИСТИНАТА

 

1.Секој твој роман е посебен настан во хрватската книжевност. Во добар дел од нив се занимаваш со биографиите на интересни личности од поновата хрватска историја. Од каде тој твој порив?

Ти благодарам за таа оценка! Имам среќа што моите книги имаат публика и што ги следат медиумите и критиката. Уште на самиот почеток на пишувањето си врежав во главата дека ќе пишувам за мојот мал град, бидејќи дотогаш тој не беше нешто особено запишан на картата на хрватската книжевност, ниту на културата воопшто, ако се изземе наивата во сликарството и големата дравска серија „Грунтовчани“. Притоа, и двете овие работи не се баш во Копривница, туку во нејзина близина и повеќе се приказна на подравскиот регион. Втората работа е тоа што ми е неверојатно колку лесно ги забораваме најдобрите меѓу нас, делумно затоа што таквите имаат свое мислење и не се дел од некоја групна приказна, па едноставно испаѓаат од неа. Така, на пример, пред неколку години копривничкиот музеј објави една публикација во која на крајот беа наведени важни издавачи, а не беше спомнат Винко Вошицки, всушност единствениот навистина важен издавач. И тоа откако напишав роман за него. Или, од Копривница е Паво Вук-Павловиќ, кој, ако не се лажам, е во самите темели на скопската катедра за филозофија, а малкумина би знаеле нешто за него. Сето тоа уште повеќе ме поттикнува да пишувам за тие луѓе… Засега пишував за Вошицки и за Жарко Долинар, кој беше првиот освојувач на медал од Хрватска, тогаш во рамките на Кралството Југославија, во 1939 година во Каиро. Двата романи беа објавени пред два месеца во „Фрактура“ и првите реакции се одлични. Јасно е дека пишувањето за тие луѓе е и прашање на некаков отпор, но и на согледување на вистината, независно од преовладувачките наративи. На пример, истражувам за уште еден можен роман; во него ќе биде и Вук-Павловиќ, бидејќи неговото семејство Волф, како што всушност се презивал, беше важно за овој град, како и двајцата браќа Волф кои ја основале „Подравка“, во која се вработила Злата Бартл. Малкумина ја знаат по име, но по прекарот тета Вегета ја знаат многумина. И сега, штом ќе ги прашам луѓето за неа, ако се развие разговор, испаѓа дека таа всушност не е важна за изумот на Вегета, туку сите други. Затоа што така некој рекол. Па прашувам: зошто тој некој би бил во право повеќе од Злата Бартл, и зошто тој не рекол ништо во половина век колку што Злата живеела со Вегета? Најчесто испаѓам безобразен и нејзин адвокат. А тоа не сакам да бидам. Сакам да ја прочитам и да напишам за неа онака како што јас ја гледам.

 

2. На книжевната сцена се наметна уште со романот „Можеше да се вика Леда“, со една многу интересна и трогателна семејна приказна. Потоа следеа „Вошицки“, „Шалапорти“, „Експозиција на темнината“, „Долинар“. Но семејните односи и интимните релации се присутни како мотив и во твоите други романи. Колку е тоа твоја книжевна опсесија?

Живееме во времиња на целосно распаѓање, во кои каква-таква економска самодостатност ќе доведе и до секоја друга самодостатност. Прво се раздвоија генерациите, а сега тоа продолжува и внатре во секое поединечно домаќинство, во секое семејство. Тоа има свои предности, во смисла дека порано жената морала да остане и во најлошиот брак затоа што немала каде да оди ниту од што да живее, но има и маани, луѓето сè повеќе се оддалечуваат едни од други. Мислам дека нема вистинска самоактуализација без вистински односи со другите. Тоа е во нас, во темелите. И затоа тоа ми е интересно. „Можеше да се вика Леда“ е интимна приказна која наиде на исклучителен одзив, беше во финалето за наградата „Ѓалски“, преведена е на македонски, наскоро излегува во Словенија, а во Хрватска неодамна во „Фрактура“ беше објавено третото издание. Добро ја забележа поврзаноста, но останатите романи во голема мера се различни – не се од автобиографски тип.

 

3. Мислам дека Марко Грегур започна со поетски дела. Значи ли тоа дека си ја запоставил поезијата или дека можеби еден ден ќе ѝ се вратиш?

Така некако често оди тоа, се започнува со песни. Полесно е да се напишат сто лоши песни отколку лош роман. Мислам дека отсекогаш повеќе сум се гледал себеси како прозаист, но таков кому стилот му е важен, а тоа е поезија. Моја прва книга беше збирка поезија. Уредник беше Драгутин Думанчиќ и по секоја цена сакаше на крајот да стави еден расказ што беше објавена во „Вечерњи лист“. Јас не бев баш за тоа, но тој не попушташе; велеше дека треба да се покаже дека сум прозаист и дека сум јас – тоа постојано ми го повторуваше – новиот Јерговиќ. Тоа не му го кажав на Миљенко, ниту сум го спомнал некаде; ќе му кажам кога ќе се видиме… Но пишувам и некои песни, ќе видиме како ќе испаднат, односно што ќе биде со нив. Мораат да стојат додека децата не ми пораснат, да не навлегувам сега во причините.

 

4. Добитник си на големата награда „Владимир Назор“ за книжевност. Дали наградите се поттик и дали тие се примарна цел кај хрватските писатели?

Мислам, неверојатно е тоа со пишувањето, или со која било уметност. За разлика од спортот, каде што поминуваат години и јасно е што си постигнал, односно со кариерата релативно кратко можеш да се занесуваш, веќе околу 18, најдоцна 20 години, во повеќето случаи се гледа до каде си стигнал, односно до каде можеш да стигнеш – во книжевноста луѓето пишуваат до смрт и се надеваат дека со некое ново дело ќе успеат да ги надминат сите претходни, дека некој ќе ги препознае, дека ќе најдат издавач, ќе дојдат до некое ниво… Често размислувам за тие луѓе: имаат напишано десет романи кои ги објавуваат како самиздат или на некакви маргини, никој не ги читал ниту ги спомнал, никој не чул за нивните автори, а тие и понатаму седнуваат и посветено ги пишуваат своите книги. И на крајот не знам што да мислам за тоа – дали се тоа луѓе што треба да се сожалуваат затоа што не можат да ја сфатат очигледната работа или се посветеници какви што ни недостигаат? И тогаш, дали и јас би бил таков, би пишувал понатаму ако никој не ги препознаел моите книги, не се осврнал на нив? Понекогаш мислам дека би бил таков, затоа што тоа е љубов. Среќен сум и благодарен што имав среќа моите книги да стигнат до читателите, до нашите најдобри издавачи и да добијат награди. Како млад писател, најголема желба ми беше да ја добијам наградата „Прозак“. Тоа беше национална награда за ракопис што значеше објавување во тогаш големиот и важен „Алгоритам“. Се сеќавам на моментот кога ме повика Круно Локотар и ми рече дека сум ја добил. Целиот свет беше мој. Секој сака неговата работа да биде препознаена и ценета. Голема чест ми е што ја добив наградата „Назор“, мислам дека сум меѓу неколкуте најмлади добитници, како и тоа што ја добив наградата „Фриц“. Тоа се можеби и двете најважни награди во Хрватска, покрај уште две други, наградата на t-portal и „Ѓалски“, каде што бев во финале.

 

5. Покрај писателската работа, се занимаваш и со издавачка дејност, и тоа многу успешно. „Неолит“ за кратко време стана една од водечките издавачки куќи во Хрватска. Како се снаоѓаш на книжевниот пазар и кои се твоите издавачки планови за 2026 година?

„Неолит“ ги објави првите книги во 2024 година, вкупно десет наслови, потоа 12 следната година, а за оваа планираме околу 18 книги. И претходно имав одредено искуство, а во книжевноста навистина се занимавав со многу работи – бев уредник во двонеделник за култура, водев книжевни трибини, организирав фестивал, бев во Советот на Министерството за култура за книгата и издаваштвото… Можам да кажам дека издаваштвото го запознав од сите страни, а ако на тоа се додаде и тоа дека сум писател од една поинаква перспектива. Така знаев што можам да очекувам. Сепак, започна дури и над очекувањата: покрај нашето министерство и Градот Загреб, уште првата година нè поддржаа практично сите фондови на кои аплициравме – од Норвешка, Австрија, Чешка, Шведска, Албанија и, секако, Северна Македонија. Исто така, присутни сме во сите книжарски ланци и поважни самостојни книжарници, а читателите добро реагираат на нашите наслови, како и медиумите.

 

6. Твоето книжевно списание „Артикулации“ беше многу интересна појава во хрватската периодика. Неодамна со дваесеттиот број го заврши неговиот живот. Книжевната периодика е особено тешка за одржување и бара голема посветеност. Кои се причините за завршувањето на животот на едно вакво, навистина интересно книжевно списание?

Списанието го покренавме како дел од една поширока платформа, за да ја заокружиме приказната со фестивалите што тогаш ги работев и да имаме простор за претставување на гостите, а првенствено се однесуваше на Алпи-Адриа фестивалот на млади писатели кој ги собираше авторите од Австрија, Унгарија, Словенија и Хрватска. Во десет години објавивме многу авторки и автори од Хрватска и од странство, им дававме простор на младите, отворавме одредени теми и прашања. Списанието навистина бара огромна посветеност, што и е главната причина за неговото гаснење. Бидејќи сега сум посветен на „Неолит“, како и Марио Колар кој исто така многу влечеше, одлучивме дека вака е подобро и дека е подобро да се посветиме на развојот на издавачката дејност.

7. Кои се твоите идни теми и идните книжевни возбудувања, односно за што Марко Грегур ќе пишува понатаму?

Постојат луѓе кои, кога ќе ги прашаш за што пишуваат, започнуваат со структурата, па со ликовите и мотивацијата, и тоа може да трае навистина долго, но јас така не знам и не можам. Некако ми е непријатно додека не ставам сè на хартија, и тогаш ми звучи глупаво и неубедливо, па мојот одговор е: пишувам. Имам неколку идеи, а моментално истражувам за споменатата Злата Бартл, која е една од личностите што не само што го направија ова место град, туку и личност преку која може да се раскаже поширока приказна за еден простор и едно време, што за мене можеби е и најважно. Исто така се радувам на третото издание на „Вошицки“, кое ќе излезе во „Фрактура“ во март, за да биде подготвено за саемот во Лајпциг, каде што во рамките на програмата на „Традуки“ ќе се претстави германското издание на „Вошицки“. А кога веќе зборувам за преводи, се радувам и на новите преводи на моите романи на македонски: „Шалапорти“ во ПНВ Публикации и „Експозиција на темнината“ во „Перун артис“.

Интервјуто го водеше: Сашо Огненовски

 

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 18

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ