1. Мотивот „тестамент“ е во последната песна од оваа поетска збирка. Која е конотацијата на овој мотив и зошто е од „свила“?
На ова прашања полесно ми е да одговарам како автор, а не како поет. Зашто, кога поетот почнува да ги објаснува своите песни, тие бледнеат зад расудувањето и стиховите го губат својот сјај и содржина. Taка може да се случува и во иднина. Но, знаејќи дека насловот на книгата треба да биде заедничкиот именител на нејзината содржина, се решив на овој наслов предложен од мојата покојна пријателка и поетеса Линдита Ахмети, бидејќи ми се причини дека ме одразува мене и мојата последна поетика во оваа книга.
Знаејќи ја мојата книжевна несмасност (многу ретко објавувам), проценив дека зборот тестамент ќе ги испровоцира моите читатели кои со години чекаат да биде објавена некоја моја книга со поезија. Тестаментите секогаш се изненадувачки за оние што ги отвораат, па затоа сакав мојата најнова поезија, пред сè, да ги изненади, да ги воодушеви толку што читањето би го сфатиле како надеж.
Потоа, свила! Во албанската поезија сум познат како поет на урбана поезија, на „автопатска литература“ (како што кажал Миѓен Кељменди) и како рок-поет. Во меѓувреме, беа изминати повеќе од десет години од мојата последна книга и забележав дека годините, возраста и многубројните читања го имаат направено своето. И јазикот незабележано се има променето. Станал понежен, помек, помазен. Станал како свила. Нешто не би било во ред со мене кога би инсистирал да бидам неискрен со мојот јазик.
2. Ти си ангажиран поет, но неретко во твојата поезија може да се сретне и лирската мотивираност. Дали сметаш дека поетот треба да биде ангажиран и која е неговата функција во современите социјални и општествени движења?
Општествените промени, возраста и читањето го менуваат човекот. Мојата прва книга почнав да ја пишувам и објавувам додека бев студент. Кога си млад, мислиш дека можеш да го промениш светот со поезија. Поезијата беше рефлексија на моите верувања и мојот живот. Ја доживував поезијата на ист начин како што ја доживував рок-музиката. Чудно, симбиозата во мене беше зачната. Беше крајот на 80-тите години од минатиот век, време кога еден систем почна да пропаѓа и сакав мојата поезија да го турне тој систем во бездната. Духот на рок-музиката во песните, како и мојот рокерски изглед, веројатно ме дефинираа пред другите како рок-поет. Но, во суштина, никогаш не сакав да ја злоупотребувам поезијата. Истата да ја направам алатка за постигнување на моите цели.
Со времето, како созрева авторот, како се променува преку читањето, сваќа дека ангажираноста е политички чин кој му фрла сенка на творештвото на еден автор. Мислам дека функцијата на поетот во современите социјални и општествени движења е да пишува добро, да го негува јазикот кој, преку социјалните мрежи станува се по тривиален, посиромашен во содржина и форма, додека синтаксата станува небитна и превртена. Да ја зачуваш јазикот од обезвреднувањето што му го нанесуваат алатките на современите социјални движења за еден поет треба да претставува негова најголема заложба.
3. Секако дека една од темите во оваа поетска збирка е и љубовта. Дали може љубовта да го спаси светот од подлоста, недоверливоста и злонамерноста?
Во свет во кој подлоста се маскира како прагматизам, а недовербата се смета за заштита, љубовта делува речиси како револуционерен чин. Таа е одбивање да се учествува во логиката на стравот. Љубовта не ги спасува работите со наивност, туку со длабоко препознавање на човечноста – и во другиот, и во себе. Дали може љубовта да го спаси светот? Не како метеор што ќе го уништи злото, туку како капка што постојано ја издлабува карпата. Љубовта е избор, постојан напор против цинизмот. Во поезијата таа не е бегство од реалноста, туку најдлабоко нурнување во неа – со цел да се најде нешто што сè уште вреди. Можеби не може да го спаси светот целосно, но може да го направи поподнослив, поблаг, поискрено човечки. И тоа е доволно.
4. Едно малку погенерализирано прашање: Каде е македонската поезија (а и албанските поети во истата) во европската книжевна мапа? Дали е доволно присутна и што треба да се направи уште за да бидеме повидливи и европски поартикулирани како писатели?
Познаваќи ги приликите, мислам дека на европската книжевна мапа сме маргина, често егзотика, некогаш само фуснота. Не поради недостаток на вредни поети – туку поради недостаток на преводи, литературна дипломатија и конзистентна културна политика. Недостасува институционален напор за промоција, но и лична упорност на авторите да комуницираат надвор од јазичниот комфор.
За да бидеме повидливи, потребно е: систематско преведување на најдоброто од нашата поезија; создавање мрежи со европски издавачи и фестивали; користење на дигиталните платформи како простор за интернационализација на нашите гласови. И – најважно – да веруваме дека сме дел од Европа не само географски, туку и по длабочината на зборот. Потребно е да зборуваме не само за себе, туку и за заедничките прашања на времето – со својот јазик, но со отворено срце. Тогаш и мапата ќе нè препознае. Во спротивно, ќе останеме ехо што не се шири доволно подалеку од сопствените долини.
5. Видовме, не само со оваа поетска збирка, дека Лулзим Хазири е прекрасен поет. Дали наскоро Лулзим Хазири би се обидел и со друг книжевен жанр? Да прочитаме раскази, некаков роман или есеи, драма?
Моето творештво е колатерална штета на мојот карактер, хедонизам и пребирливоста, што видно влиаеле во мојата поетска кариера, без некоја грижа на совест или жалење. Историјата на книжевноста, ако стигнеме до тие порти, нема да не суди зошто сме пишувале малку, туку засто сме пишувале лошо.
Потребата за пишување ми се чини дека најдобро ја опишал палестинскиот поет Махмуд Дарвиш. За да пишувате, мора да имате ум чист како кујнска чаша и срце беспрекорно како внимателно измиена чинија. Кога се чувствувам целосно заситен со духовна празнина, ја полнам главата со зборови кои не го интересираат никого освен мене: тие зборови се поезијата! Јас ум верник на поезијата!
Разговорот го води: Сашо Огненовски
Елементи