Elementi Logo

ИНТЕРВЈУ СО ИГОР ШТИКС

Backgorund

КНИЖЕВНОСТА МИ ПОМОГНА ДА СФАТАМ ДЕКА НЕ СУМ САМ

Ќе почнеме од дискурсот на јазиците. Јазикот може да биде татковина ако кореспондира со јазичните корени на оние што се развиле во слична насока. Каде ги гледате Македонците тука и дали верувате во панславизмот?

Ова Ваше прашање го врзувам со декларацијата за заеднички јазик која ја потпишав јас. Декларацијата вели дека без обѕир на тоа што јазикот го нарекуваме поинаку, тој јазик што се зборува во Хрватска, Црна Гора, Србија е заеднички јазик. Тоа значи дека ни е заедничка и јазичката и книжевната ризница во сите облици на кои тој јазик се зборува во стандардни или дијалектолошки облици. Македонците се овде најблиските роднини кои имаат привилегија и заради сопствената позиција и интерес исто така имаат пристап на тој заеднички јазик. А од друга страна имаат и непосреден пристап и кон бугарскиот јазик. Така го гледам македонскиот јазик каде се кореспондира со превод со другите јазични простори. Панславизмот е тежок збор и зад себе има долга политичка историја. Ние на подрачјето на поранешна Југославија заради рецентното искуство се уште се бориме со југсовенското наследство. Што е тоа што не поврзува денес кога веќе нема државна рамка? Остана само јазикот, останаа референците, историското и современо искуство и тоа за мене и токму затоа што мојот личен и професионален живот се врзува за Сараево, Белград, Загреб, па и Љубљана, тој простор за мене останува животна, книжевна и интелектуална ризница.

Во сите Ваши романи минатото се вкрстува со сегашноста, а драмското дејствие е длабоко вовлечено во филозофските расправи. Тоа е комплексна нишка на развој на проза која повремено потсетува на Умберто Еко. Зошто го одбравте тој начин на мислење и таа книжевна стилистика?

Благодарам за споредбата со Еко која ме обврзува. Она што би сакал мојата книжевност да го има со прозата на Еко е продуктивниот тек на нарацијата, знаењето и мислењето. За мене книжевноста отсекогаш била начин на спознавање на светот. Филозофијата тоа го прави на свој, филмот на свој, а книжевноста на еден специфичен начин ни помага да го спознаеме светот. Умберто Еко еднаш рече дека: „Човекот што не чита живее само еден живот, а човекот што чита илјада животи.“ Токму затоа еден роман како „Имато на ружата“ го читаме како современ роман, а не како неразбирлива схоластичка расправа од XIII век. Од многу рана возраст, со распадот на Југославија, војната и моето бегалство, се судрив со неразбирливиот свет околу себе. Книжевноста ми помогна да ја сфатам неговата комплексност, да ја сфатам својата сопствена позиција и да сфатам деке не сум сам.

Читајќи го „W“ имам впечаток дека третото „V“ е Игор Штикс. Дали би се занимавале во некоја следна своја книжевна авантура со претпоставки за иднината?

„Одговорот е „да“ зашто би се занимавал со основните претпоставки за сегашните и идните општества во коишто живееме. Но, како што е чест случај, за спознавањето на иднината, ни помага антиката, посебно „Бакхи“ на Еврипид. Ситуацијата во која избива Дионизиското, каде родителите ги убиваат своите деца, во кое несфатливото насилство е резултат на веќе извршеното злосторство, така што можам да кажам дека добро сте ги прочитале моите намери.

Кои се Вашите писателски водичи, т.е. кого читате за да пишувате?

Кафка, Лоренс Дарел, Хајнер Милер, Алехо Карпентиер, Едуардо Галеан, низата би можела да продолжи со Киш, како вечна референца, Бертолт Брехт, Винстон Хју Одн, Алеш Дебељак, така што низата продолжува и се комплетира со годините што ми се натрупуваат која можеби и би била поинаква како што беше поинаква пред 10 години. Тие книжевни имиња ја рефлектираат и промената на мојот идентитет.

Во Википедија пишува Игор Штикс (романсиер). Што е повеќе Игор Штикс: филозоф или писател?

Истото прашање на францискиот психоаналитичар Ж.Б. Понталис кој имаше само еден одговор што сега го копирам: „Се доаѓа од истиот извор.“ Теориската работа, есејот, романот, расказот, се само различни начини низ коишто проговорувам или во мене проговорува она што мора да поговори.

По распадот на Југославија сите ние живееме на пропатување низ различните лингвални острови. Каде е стациониран интелектуалниот живот на Игор Штикс и со што треба да се занимава книжевноста на овие новосоздадени географски пустини/оази?

Живеам меѓу тие оази во постјугословенскиот архипелаг кого го поврзувам со својата биографија болно свесен за можеби и непоправливата фрагментираност. Но, мојот интелектуален живот ќе го немаше да не бегав од тој архипелаг во далечниот свет, да не бегав и да не се вратев.

Егзодусот на овие простори се уште виси во воздух. Ти пишуваш за тоа во своите драми. Дали егзодусот е форма на преживување и колку ќе трае сето тоа?

За мене егзодусот беше токму начин на преживување. Еден егзодус во Сараево во војната и моите други егзодуси, но и враќања исто така беа животно емотивно и интелектуално преживување. Сето тоа најавува некои нови егзили и некои идни враќања.

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ