1. Вие сте автор со исклучително интересен стил, со специфика типична само за Вас. Каде се движат Вашите мотиви и интересирања и што е она што Ве возбудува и иницира при конципирањето на едно Ваше дело?
-Секој писател е, нели, стил за себе, но за мене, барем, најзначајната креативна особеност на писателот е различниот пристап кон книжевниот материјал од кој се гради творбата, оној секојпат инаков начин на работа врз делото, својствен за секој автор посебно. Не самата структура, процесот на градење на делото. Писателот е задоволен дури откако во него ќе ги препознае – барем задоволително забележани – сопствените естетски определби, композицијата на творбата што му се допаѓа, карактерите, описите, односите меѓу ликовите, дијалозите, стилот на наративот… накусо – елементите што го изразуваат неговиот интегрален литературен свет, и дури низ таа наслојка од својства што го чинат особениот творечки пристап делото ја подразбира – и самата стварност… Веднаш да кажам, ја сакам многи и стварносната проза. На неа сум изградуван, тие автори, класичните особено, сѐ уште радо ги читам… Но, во овој момент, книжевноста што мене ме возбудува, постои во оној естетски простор кадешто се губи огледалото на реалниот свет, а се препознава еден особен поглед од длабокиот чувствен и мисловен свет на авторот. Тој простор не е ни laterna magica во чија темна комора се проектира надворешната, атрактивно или заводливо извртена слика на светот вон нејзината темна комора, туку, понапред, еден флуоресцентен калеидоскоп од состојби, чувствувања, мотиви, слики, поттексти, нивни особени склопови… и од скриени идеи. Не пораки. Инспиративни идеи, очудени слики, фантастични ситуации, гротески од отуѓеното, обесчовечено секојдневие… кои на пати се постварносни и книжевно поудрани одошто реалистичките или натуралистичките пристапи. Таа поетика ми се чини дека кулминираше во збирката раскази „Парадоксикон“ која минатата година стана добитничка на „Рациновото признание“. Сите тие елементи или само некои од нив – како на пример мермерниот епитаф на мелопоетот Сејкил на мојата најнова книга „Столбот што пее“, со до сега најстарата забележана мелодија и философско четворостишје на текст со епикурејски инспирации – беа иницијалната сила што ја придвижи приказна за краткотрајната блаженост на периодите на мирот и бемртноста на патологијата на суровата воинственост која, само денес, ништи милиони луѓе низ целиот свет; и на која сме ѝ сведоци, на секој чекор, особено во ова доба во светот на пропагандистичките лаги што манипулативно се прогласува за – пост-вистина. Токму таа е темната комора со извртената слика на вистината и на долгорочно жртвуваниот хуманизам…
2. Дистопијата е една од Вашите возбуди кои ни донесе сјајни прозни дела како што е „Бродот. Конзархија“. Колку овој суб-жанр Ве обзема и дали би продолжиле во таа насока со оглед на тоа што сте автор кој совршено добро го владее тој начин на книжевно промислување?
-Вие кој добро го познавате тој роман, знаете дека тој, првично функционира како сатирична проза, како книжевна сотија првично полна со технолошки, потрошувачки, еротски дистракции…, а потоа постапно ја гради сликата на еден искривоколчен свет од блиската иднина, како локалната, така и општата, особено европската, но и глобалната економска, политичка, религиозна стварност длабоко забраздени во хипокризии и во тенденциозно искреирани симулакруми. Подоцна, во ромнот за оттуѓените и меркантилни луѓе од 2039-та која е годината на дејтвото на оваа футуристичка проза, се открива еден носталгички призив на други времиња со заборавени вредности и со грубо потиснати човечки мерки. Живееме и денес во свет на лажни вредности толку распространети и така жестоко повторувани што новото масовно општество на потрошувачите на интернет, неуморните купувачи на нови софтвери и апликации, на електронски „дивајси“ од сѐ понови генерации, живеење низ и во социјални мрежи, мрежни страници на лажно самостојни невладини организации што глумат Запад на не дебело забраздениов Исток, полукредибилни информативни портали, медиуми што афирмираат било военополитички или интереси на поместени тајкуни, некои веќе со неизлечливи месијански амбиции… кои ги опишав во мојот роман „Зад аголот“ уште пред десет години; тоа е светот што е бизарно моделиран денес и кој утре, во блиската иднина, за жал ќе се ре-моделира во уште поизневерни безвредности. Поседот, прагмата, интересот, брзиот секс, лажните застапувања на Другиот и на Другоста, коруптивната и профитерска реалност, станува сѐ. Човекот се губи во побарувачката и се троши во потошувачката. Размената на Малите конзархии (конзархија е систем што го „искреирав“ за оваа книга, устројство што е детално опишано како заканувачка, скорешна дистопија) се заедници на акционери и потрошувачи и крупни сопственици на акциски пакети и берзи. Денес, утре уште повеќе, сѐ се поседува. Здравјето на луѓето, како што гледаме во грозоморната епизода со приватизирното здравство наменето само за богатите, реалноста во која веќе доминираат и дејствуваат лекари-менаџери не хуманисти, згора на тоа болници во кои пациентот е заморче во држава без примена на регултиви и етички стандарди, општество што е драстично осиромашено во кое оној што нема е осуден на продолжена болест, често и на смрт. По диктат на прекутрупа и прекумерно збогатените скороевци, провинцијалци, примитивци и „батиња“ кои дистрибуираат бескрупулозна моќ и во политиката и ги уништуваат колективните вредности, општествените дејности – ги освојуваат и ги десеткуваат слобоните простори, но и ги ништат автентичните идентитети на градовите, пред се на Скопје… Време во кое се ништи секој вид на јавна сопственост, јавното здравство, јавното образование, се комерцијализираат верските организации, па дури и покојниците стануваат објект на тргување (во Скопје, на пример, и гробиштата „Бутел“ се акционерско друштво!) … сета таа нарушена, вознемирувачка, безредна слика, навидум либерално-капиталистичка, во суштина криминална, е дел од тревожната домицилна конзархија, една територијално намалена, акционерски подложена општествена заедница која во романот е именувана „Брод и Крајбрежје“, положена долж реката „Вардаксиј“, и која од Третиот „европеален“ круг, на севозможни начини, жртвувајќи средства и достоинства, од петни живи се труди да се добере барем во Вториот, бидејќи оној Првиот е наменет за старите конзархии, моќните конервативни европеални акционерски друштва… Сиот тој Галиматијас функционира и надвор од романот, во оваа препознатлива безвременост… И никому ништо. Но, бидејќи ништо не останува исто, сѐ станува – полошо. Не случајно, романот „Бродот. Конзархија“ има поднаслов „холограф“. Тој е критички ангажирана книга за стварноста на симулакруми, на лажни и промашени вредности, за една реалност која сѐ посилно шиба и боли. Драго ми е што тие негови редности се препонаени во Србија, каде романот, неодман објавен токму во Ваш превод, се препознава како релеванта проза и веќе добива суперлативи во тамошните книжевни одгласи.
3. Драмите на Томислав Осмални се исто така специфични. Мошне успешно навлеговте во сите драмски родови. Кои се Вашите интересирања во овој кнжевен жанр и дали имате намера и понатаму да се занимавате со дијалошката форма.
-Имам, се разбира. Зад себе имам десетина драми во различни жанрови. Од историски, како „Спилиони“ поставена во битолскиот народен театар пред двесетина години, до најновиот драмски текст „Нишала од злато“ епската приказна за Ташула и Џеладин бег од Охрид пишуван во нов, мултикултурален трагички клуч. Почнав со сатирична комедија во средината на осумдесеттите („Салон Бумс“) исто така на сцената на битолскиот театар, напишав повеќе современи драми чие средиште е Скопје од некои преломни времиња („Светулки во ноќта“, „Техно-ѕвезда“, „Пат за Парамарибо“, неодамна го објавим текстот „Враќање дома“ во книгата со две „Нови драми“), сите освен последниот, резлизирани во проекти на Скопско лето. На еден од првите битолски фестивали на монодрмата мојот текст „Облачна исповед“ ја освои прва награда за монодрамски текст што беше поставен на малата сцена во Драмски… Многу држам до мојата драма „Апокалиптична комедија“ антивоена гротеска со неопредлен хронотоп, што одново добива на актуелност во овие жестоки времиња кои светот го ставаат пред ужасна глобална воена закана, и текст кој за жал, сѐ уште не ја видел светлината на сцената… И сега, да одговорам пдиректно на Вашето прашање: ќе продолжам да работам и театарска литература. Ако одредена идеја ја бара драмската форма, ќе ја сработам на тој начин. И покрај сѐ. И покрај ова време во кое националните театарски храмови престанаа да ја негуваат – националната драматугија. На нивните репертоари се само странски автори. Најсветлите мигови на македонскиот театар ги направи токму со негувањето на националната драматургија. Драматурзите, до колку денес и ги има по тетарите, не градат репертоар и не канат режисери спрема испланиран, осмислената репертоарна политика, базирана пред сѐ на соодноси: современа светска драматургија, класика, акуелни македонски пиеси. Сега е обратно, режисерите ги опцртуваат програмите на театрите со своите спорадични предлози пред директорите кои ги прифаќаат тие – стихијно формирни репертоари на македонските театрите во кои – ја нема токму новата македонска драматургија. Веќе не се игра дури ни македонската класика од епохата на Чернодрински, Илјоски, Крле, Антон Панов… Последиците од таа стихијна ситуација создаваат парадокси. Од една страна нашиот театар нема изблици, нема, како некогаш претстави кои ќе ја дрмнат културната сцена, што ќе го изразат духот на времето, денес и тука… од друга страна, има години кога на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ нема ниту еден македонски драмски текст, па не се доделува ни некогаш најпрестижната награда, за најдобраа домашна драма. Незамисливо е „Стерииното позорје“ да помине без новата српска драма… Веднаш да кажам, не пледирм само на поставувањето мој текст. Ним, јас сум веќе во состојба, самиот да им дадам моја сопствена авторска јавност, пред сѐ со објавување во книги. Но, се прашувам, каде се губи креативната енергија на новите генерации даровити македонски драматурзи? Создаден е еден систем, најблаго речено на инерција, кој нив ги исклучува.
4. Еден сте од ретките големи аналитичари на стрипот како уметност, автор сте ги посветиле трите изданија – од 1987, 2002 и 2021 година – на првата македонска книга од теоријата на стрипот како и бројни објави низ весници и списанија тука и во најширокиот регион. Што, според Вас, треба да се стори за оваа уменост да го пронајде своето вистинско место овде на овие простори?
-Стрипот е кретивно сѐ повитална креативна гранка. За разлика од глувите времиња од пред дваесетина години, актуелната состојба отвора простор за креативен оптимизам во однос на македонската деветта уметност. Македонскиот стрип создава нови творби кои доживуваат примерни објави и афирмации и во меѓународни релации, редовни гости се на регионалните стрип фестивали. На стрипови работат сјајни автори од веќе возрасната генерација, од доајените Миле Топуз и Диме Иванов-Димано, до Смиле Цветановски, Тони Анастасовски, Ласко Џуровски (објавија прекрасни авторски албуми со стирпови и илустрации), зрелите автори како Александра Сотировски, Игор Јовчевски, Никола Темков. Функционира најстарата институција, „Македонскиот стрип центар“ со седиште во Велес благодрејќи на ангажманите на ентусијастите Ване Трајков и на Томе Трајков, формирана е асоцијацијата „Макстрип“ во Скопје со Давор Драмиќанин како нејзино актуелно средиште, книгоиздателството „Темплум“, преку списанието „Маргина“ и особено преку порталот „окно.мк“ афирмира авангардно творештво. Стрипот ги шири авторските граници на творците и на нови современи домени, од 2-Д анимацијата, илустраторската работа на странски стрипови, до креирањето ликови за странски стрипови до дизајните за електронски игри на развиени странски куќи. Во гејминог предничи Михајло Димитров-Тхе Мичо, а одлично работи и Томи Џуровски. Се појавија девојки стрип-авторки како Катерина Николова-Тери, да спомнам само една од најактивните меѓу таа фина нова авторска плејада… Творечки стрип сцената не била никогаш пожива, независно од тоа што специјализираните стрип списанија („Тотем“, „Стрипарт“, „Синдром“) излегуваат проретчено. Вниманието го привлекува живата и респективна издавачка дејност на книгоиздателството „Стрип квадрат“. Ова е само дел од имињата на повозрасните и новите стрип творци. Има плејада од ракописи, класични и авангардни како оној на графичкиот уметник Лазо Плавевски. Но, она што во таа жива стуација во доменот на „деветтата уметност“ ме прави посебно среќен е појавата на една нова личност во доменот на публицистиката на „деветтата уметност“ – Александар Стеванов, еден скромен и неверојатно посветен стрипофил, сјаен истражувач, аналитичар и автор на поголем број книги за македонското авторско присуство во изданијата на новосадското книгоиздателство „Дневник“, за ликот на првиот стрип автор на македонско тло (гиманазистот Желимир Книвалд), за стрип дејноста на српскиот автор и издавач Јован Јовановиќ-Змај, македонски и објави за македонскиот стрип и автор на до сега четириделната „Визуелната историја на македонскит стрип“ која до детал ја бележи целокупнат стрип актива на македонскиот стрип простор, авторски и публицистички и ја доградува меморијата на нашата креативна дејност во стрипот што на почетокот од 1980-те, ја започнавме во нашата генерација истражувачи и аналитичари…
Томислав Османли е добитник на бројни книжени награди и е преведуван на голем број јазици. Кои се Вашите книжевни примери кои извршиле големо влијание врз Вашиот литерарен хабитус?
-На еден или друг начин тоа се омилените автори, не само книжевници, туку и драматичари, сценаристи, стрип раскажувачи, од сите епохи… Од Хомер, Софокле, Аристофан, преку Сервантес, Гогољ, Достоевски, Толстој, Горки, Чехов, Нушиќ, до Томан Ман, Конески, Бруно Шулц, Е.М. Ремарк, Хемингвеј, но и Марк Твен и Карл Мај, потоа Каѕанѕакис, Албер Ками, Јурсенар, Херман Хесе, Гомбрович, Андриќ, Крлежа, Ацо Шопов, Данило Киш, филмските дејци Ч.С. Чаплин, Буњуел, Фелини, Ф.Ф. Копола, Тери Гилијам… до блескавите стрип раскажувачи како таинствените и воедно лирични стории на Хуго Прат, и аргентиците Алберто Бреча и Хектор Естерхелд… Тешко е дури и да се наброи доволно таа лична мултимедиска библиотека на омилените автори…
5. Каде оди македонската книжевност и дали е доволно преведена и презентирана во европски и светски рамки?
-Таа се развива бујно. Се појавија голем број нови, книжевно култивирани имиња, главно дипломирани компаратисти и воопшто познавачи на литературата, и нови книжевни дела, но сјајот на нашите книжевни доајени сѐ уште не е засенет од новите генерации писатели. Со исклучок на Гоце Смилевски. Сѐ уште блескаат имињата и творбите на Димитар Солев, на Чинго, на Славко Јаневски, Шопов, Ташко Георгиевски, Анте Поповски, старите и новите книги на Влада Урошевиќ и Оливера Николова двајца блескаво витални автори…, да спомнам само дел од таа плејада… Тоа за авторскиот дел. Инаку, во донос на опшетствената состојба во македонската книжевност, за разлика од поранешните времиња кога литературата беше поставена на највисокиот пиедестал, денес, лично сметам, дека е – кризна. Без посилни анагжмани на книжевните организации од кои втората едвај и да постои, таа е спадната на дејност која ужива најмали привилегии. И тоа е трагично, зашто писателите се најслабо платените, а најимагинативните дејци. Тие се основата на писменоста на една средина. Не постои култура која во прв план не ја става својата литература и своите книжевници. Постои цела серија од парадокси: од тоа дека не се преобјавуваат книгите на класиците, до тоа дека писателите за својата изворна креативна работа земаат помали хонорари одошто и преведувачите, дури и на истите нивни дела. Денес се пишува од ентусијазам, а се објавува поради бизнис. Политиката не ги поттикнува уметниците, творците на уметничкото пишување, туку – преку распределбата на буџетските сретства – со државни пари ги храни фирмите и издавачкиот бизнис кој би требало да е делум помаган, но во најголем дел веќе треба да е и самоодржлив. На тој начин, а и преку фаворизирањето на добар дел излишни, меѓу инаку оние продуктивните проекти на етничките заедници се одлеваат големи средства од книжевниот финансиски дел на македонскиот културен колач. Од друга страна, при распределбата на средства, комисиите не прават разлика помеѓу авторите, било со доајенски статус, било со изградено реноме, од едната и литературните почетниците и јуниори, од друга страна; дури обратно: зависно од издавачот кој ги пријавува, вториве се случува да добиваат повеќе за новите творби, од потврдените книжевни пера… Неопходна е категоризација која ја нема. И тука одлучува стихијата, наместо еден промислен, меритократски концепт и политика. Затоа, впрочем, за разлика од другите земји, ние денес речиси и да немаме писателска елита. Книгата е само потрошувачко добро кое е битно да се појави како наслов и како единица и да се наплати објавата. Осмислена грижа за книгата и за авторите, за жал, изостанува. Не се фокусира естетски издржаното дело, ниту се афирмира уметничкиот резултат. За разлика од порано, книжевна критика речиси и не постои. Не случајно денес тиражите се четири пати помали одошто во втората половина на минатиот век. Тоа е состајба што зрачи сосем погрешни мотивациски пораки: ако сакате успешно да се занимавате со книжевна работа, не морате да пишувате – само формирајте си издавачка куќа!
Елементи