Elementi Logo

Интервју со Ѓорѓе Косиќ

Backgorund

НАШИОТ ТЕАТАР Е ПОВЕЌЕ РЕЖИСЕРСКИ И АКТЕРСКИ, А ПОТОА ПИСАТЕЛСКИ

 

1. Вие сте еден од најспецифичните млади драматурзи во Србија. Кои теми ве привлекуваат и каде се насочувате кога почнувате да размислувате за нова драма?

Темите што ме привлекуваат се изолација, апсурд и потрагата по разбирање. Општеството нè отфрла, јазикот нè разделува, границите нè делат, а љубовта често е обид да ги пробиеме сите тие пречки. Не е тоа прашање само на новото време или социјалните мрежи; отсекогаш сме се соочувале со осаменоста, родени сами и умираме сами. Сепак, морам да кажам дека како созревам, го доживувам сè помалку трагично и „драматично“ (но не и драмско!). Како во Камиевиот „Мит за Сизиф“, иако го туркаме нашиот камен нагоре кон апсурдот знаејќи дека можеби ќе се оттркала назад, продолжуваме да се стремиме напред, наоѓајќи смисла во самиот пат. Во таа непрекината тежина, наоѓаме моменти на разбирање и блискост кои му даваат вредност на нашето постоење. Во новата драма што моментално ја пишувам, ги барам тие моменти на блискост во еден апсурден свет. Значи, суштински тоа се секогаш истите теми за кои сум пишувал и претходно, но со малку повеќе оптимизам.

 

2. Како многу млад драматург сте добитник на наградата Стерија за драмски текст. Што за вас значат наградите и дали ви се пресудни во кариерата?

Наградите кај нас се еден од главните начини драмскиот текст да се препорача на стручната и пошироката јавност. Затоа, наградата Стерија за драмски текст е извонредно значајна и во мојот случај одигра водечка улога за драмата да го најде патот до сцената. Освен тоа, наградите ми претставуваат важна поддршка и признание за вложениот труд, но не ги сметам за пресудни за кариерата. Повеќе ми значат континуираната работа и можноста преку текстовите да се поврзам со публиката.

 

3. „Приспивна за Алексија Рајчиќ“ доби многу награди и силно одекна во театарскиот простор во Србија и регионот. Колку се драмските конфликти скриени во фолклорот и народната книжевност и дали е тоа простор на кој ќе му се вратите?

Народната книжевност е драгоцено ехо на минатото и увид во мислата на нашите предци, исто така значаен елемент на националниот идентитет, нешто што се учи уште од мали нозе, на што се израснува. Тој однос, сепак, најчесто не се проблематизира и не се преиспитува на адекватен начин. За мене, драмскиот конфликт беше токму во тој дијалог меѓу народната книжевност и сегашноста, во нивната корелација и контрасти. Засега немам планови повторно да се впуштам во слични драмски истражувања, но – којзнае!

 

4. Каде се наоѓа Српскиот театар на мапата на Европските театарски трендови и што уште треба да се направи за да биде повидлив?

Ми се чини дека е присутен, пред сè, преку фестивали, соработки и поединечни успеси на режисери, актери и драматурзи. Зголемувањето на видливоста може да се постигне со зајакнување на меѓународните партнерства и промоција на современите српски автори во странство, што има врска и со културната политика на нашите институции.

 

5. Дали Ѓорѓе Косиќ размислува и за други книжевни жанрови покрај драмата? Дали некоја ваша инспирација е скриена во поезијата, прозата, есеите...?

Најголем дел од животот, поезијата беше мојата најголема инспирација и книжевна форма во која се чувствував најудобно како писател, бидејќи е интуитивна, со ритам, чувство, музика. Ако погледнете, „Приспивна“ е една долга песна облечена во облик на драма. Две драми кои ми се блиски во таа смисла и кои го променија начинот на кој го доживувам драмското пишување се „Кислород“ од Иван Вирипаев и „Меѓулушкото богатство“ од Момчило Настасијевиќ.

 

6. Што би бил Ѓорѓе Косиќ ако не би бил драматург?

Готвач! Храната е мојата голема страст и начин да се одморам од постојаното драмско фантазирање и да се заземјам. Имам фази; во моментот развивам опсесија со корејската кујна.

 

7. Дали драмскиот жанр е повеќе читан или изведуван и повеќе претпочитате драма во книга или во други формати?

Би рекол дека драмите секако повеќе се изведувани. Многу мал процент од театарската и читателската публика доаѓа до текстот на хартија. Иницијативи како награди, јавни читања и објави во списанија можат да ја зголемат видливоста на самиот текст, но кај нас тоа сè уште е една тесно специјализирана ниша. Тоа можеби има врска и со нашиот театар кој е „режисерски“ и „актерски“, а потоа – „писателски“. Поради тоа, сè повеќе размислувам за пишување и во други книжевни жанрови, каде што патот од текстот до читателот е многу подиректен.

Интервјуто го води: Сашо Огненовски

 

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ