Elementi Logo

ИНТЕРВЈУ СО ДРАГО ГЛАМУЗИНА

Backgorund

ЛИТЕРАТУРАТА ЗБОРУВА НА ВИСТИНСКИОТ НАЧИН

Интервју со Драго Гламузина, автор и уредник во издавачката куќа ВБЗ од Загреб, Хрватска

Го водите еден од најголемите книжевни фестивали во регионот – Вресок. Колку мислите дека се книжевните фестивали потребни на авторите и читателите и дали нивната функција во условите на транзицијата е исполнета?

Фестивалите се места каде писателите се среќаваат со читателите, но и со други автори и издавачи. За писателот секогаш е интересно да види како функционира неговиот текст во друга средина, која го чита целосно ослободена од локалниот контекст. И, исто така, важно е дека на фестивалите често се договара нова соработка, заеднички проект или превод. Неопходни се и на публиката бидејќи и овозможуваат да стапат во контакт со нови книги, интересни идеи, писатели различни од оние што ги читаат во нивната околина.
Мислам дека не е флоскула кога велиме дека фестивалите воспоставуваат мостови и овозможуваат подобро разбирање, а сето тоа ги прави границите попропустливи и придонесува да не бидат затворени во еден наратив, заробеници на еден начин на размислување. Дополнително, ми се чини дека фестивалите играат пресудна улога во создавањето на регионалната книжевна сцена, дека токму на нив се профилираат некои имиња и потоа стануваат познати на публиката во целиот регион.

И вашата поезија и вашата проза се некако поврзани во трилогии, барем тематски. Колку таа компакност ги отвора тематските и стилските ориенити на вашето дело?

Некако се случува секоја завршена книга да ми отвори нова. Односно, секоја моја книга на некој начин се потпира врз претходната, или проширува нешто од неа, или произлегува во некаков дијалог со неа.
Во романот Три намерно исклучив од светот на романот се што не е интимна врска на протагонистите, односно транзициската реалност, повоенота општество, економските проблеми итн., бидејќи сакав да нагласам дека љубовниците од тој роман се толку опседнати еден со друг што ништо друго не им е важно, што таа страст што ја живеат истиснува сè друго од нив. Кога почнав да го пишувам Вториот закон на термодинамиката, идејата беше да се опише самиот контекст во кој живеат ликовите од првиот роман, да се види како живеат нивните пријатели, што ги мачи, колку се слични или различни нивните приказни. Значи, токму она што недостасуваше во првиот роман.
Сега ја привршувам книгата која наскоро ќе биде објавена под наслов „Ноќен портир“. Тоа е дневник, но на некој начин и продолжение на моите два романи, само во различен жанр. Што се однесува до романот Три и Вториот закон на термодинамиката, новинарите и читателите постојано ме прашуваа колку автобиографски елементи има во овие измислени дела, си помислив – што ќе се случи ако воведам фиктивни елементи во жанр кој по дефиниција е автобиографски. Решив да ја напишам таа книга дури кога сфатив дека ќе ми биде интересно да се запрашам и да набљудувам како автобиографскиот материјал во автобиографскиот жанр се претвора во нешто што функционира како самостоен текст, независен од мојот живот.
Истото е и со поезијата. Во книгата Црниот зајак, собрани и нови песни ги објавив сите три мои претходно објавени стихозбирки и додадов нови песни. Секоја од овие книги ми изгледаше комплетна кога ги објавив, но вака поврзани се поддржуваат една со друга и прошируваат некои значења. Ми се чини дека Црниот зајак функционира како единствен и заокружен текст. А дали и како ќе се поврзе со некој нов текст, ќе видиме.
Не планирам далеку и не знам како ќе се развиваат моите интереси за пишување, но верувам дека овие концентрични кругови околу моите книги ќе продолжат да се прошируваат, дека сè за што пишувам ќе продолжи да се испреплетува и да се осветлува или да се преиспитува.

Добитник сте на многу хрватски книжевни награди меѓу кои и наградата Владимир Назор. Дали наградите стимулираат или обврзуваат, или можеби носат некоја тивка самољубивост?
Ја добив наградата Назоровата награда за Месари и ми значеше многу во тоа време, бидејќи ретко, или можеби никогаш, некој ја добил таа награда за својата прва книга. Таа награда ме направи видлив и секако ми го олесни влезот во литературата. Се разбира дека нешто ви значи кога некој ќе препознае што правите, но мислам и дека не треба да е трча по награди, да се лутиме на жирито и преку нив да се согледува својата и туѓата работа. Ваша работа е само да напишете добра книга, на останатите не можете да влијаете.
Во исто време, треба да биде јасно дека наградите не се апсолутна мерка. Многу често книга добива важна награда, но знаете дека ако составот на жирито бил поинаков,наградата би ја добила друга книга. Секој од нас, вклучително и критичарите, историчарите на литературата, членовите на жирито, има свој вкус, книги кои му се поблиски од другите и нема начин објективно да се процени вредноста на книгите. Но, наградите некако ја раслојуваат сцената, ги има доста, а кога ќе ги земете оние десет, петнаесет книги кои биле вклучени во различните избори, тоа се книгите што таа година се истакнале и на кои треба да им се обрне внимание.

Преведен сте на повеќе јазици, а со пет книги и на македонски јазик. Дали преводот ја има функцијата на поврзување на книжевните стилови и мотиви меѓу различните земји и дали хрватските автори ги интересираат слични теми со македонските?
Се разбира, преводите се неопходни за воспоставување комуникација, преминување на граници, размена на приказни. Преводите во регионот се специфични затоа што споделуваме многу искуства, па се разбираме многу подобро отколку кога една наша книга е преведена некаде надвор од регионот. Без разлика што поминаа многу години од распадот на заедничката држава, сè уште можам да најдам многу во книгите на македонските колеги кои ги препознавам како блиски, дури и како мое искуство, а верувам дека е и обратното. Мислам дека токму тоа е една од причините што преводите меѓу овие две литератури се доста бројни.
Како член на жирито за наградата ВБЗ за најдобар роман оваа пролет, прочитав роман од Нови Сад, кој се занимава со растењето и животот во Нови Сад од осумдесеттите до денес. Во тој роман видов многу свои ситуации и дилеми, особено кога авторот ги опишува формативните години на своите херои, па имав чувство дека авторот делумно пишува и за мене. Се додека е така, секако дека ќе има многу слични интереси и мотиви во нашите книги.

Уредник сте на една од најдоминантните издавачки куќи во Хрватска, ВБЗ. Кои книжевни жанрови и естетики се најинтересни за Вашите читатели и каде се интересирањата на оваа издавачка куќа во блиска иднина?
VBZ е голема издавачка куќа која објавува повеќе од 100 наслови годишно и вработува околу 80 луѓе. На некој начин тоа го диктира и нашата издавачка програма, која е многу широко поставена. Објавуваме книги и сликовници за најмладите, популарно-научна литература, историска и политичка публицистика, светски бестселери, но и најквалитетна светска и регионална литература. Голем број од најзначајните хрватски писатели се наши куќни автори, како и бројни нобеловци, добитници на Букер и автори на најквалитетни современи книжевни дела.
Издавачките куќи во Хрватска генерално се ориентирани кон еден од двата можни модели – тие објавуваат книги кои добро функционираат на пазарот или квалитетна литература која можеби не се продава добро, но за која можат да добијат доста големи суми на различни грантови. VBZ е една од ретките компании што ги издава двата вида книги. Нашата куќа е премногу гломазна за објавување и живеење само од книги кои сметаат на дарежливи грантови, но, од друга страна, од самиот почеток, вложивме многу во промоција на локалните и регионалните автори и во квалитетни преводи на најважните светски автори . Поради оваа причина, ја промовиравме и регионалната награда VBZ за најдобар необјавен роман, која изнесува 15.000 евра и е најдарежливата книжевна награда во Хрватска.

Дали книжевноста ќе ја совлада општествената хипокризија и неодлучност? Каде го гледате нејзиното влијание во глобалните, но и регионални социјални и политички движења?
Не сум сигурен колкаво општествено влијание има литературата денес, но секако е помало отколку пред 50 или 100 години. Но, без разлика, мислам дека само таа може да зборува за некои појави на вистински начин, дека тоа не го може ниту науката ниту политиката. Добрата литература навлегува во сложени области од нашите животи (во кои се судираат пориви, емоции, потсвест, желби, стравови, духовни импулси, религиозни проекции и разни интереси), кои никогаш не можат целосно да се објаснат рационално со научни инструменти и дискурс. Не знам дали оваа добра литература може да промени некои трендови, но секако има формативно влијание врз многу поединци, како што тоа некогаш го правеше кај мене.

Дали Драго Гламузина помислил на други книжени родови? Дали можеби во иднина драма или некакви есеи?
Досега имам објавено книги најчесто во тој поетско-прозен ритам, книга поезија, па роман, но сега следната книга ќе биде дневник, а потоа книга со раскази, а направив и скица за драма.
Тој дневник е, додуша, специфичен, бидејќи следи една приказна, која веднаш на некој начин ја уништува нејзината форма, па можеби можеме да зборуваме за роман во форма на дневник. Но, јас навистина не треба да го дефинирам. Тоа ќе го оставам на читателите.

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 12

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ