Збунетост, па надмоќност, неконтролирана желба да се биде забележан, страв и возбуда, гнев и несигурност, лутина и копнеж за задоволство, длабока потреба да се биде разбран, прифатен, да бидеш ти, неподнослив нагон да те снема, неконтролиран порив да ги уништиш сите што се виновни за состојбата во која се наоѓаш, да му се стави крај на целиот свет кога веќе не можеш да бидеш со неа – секој што „ги преживеал“ тинејџерските години неминовно го доживува ова. Но, секогаш нема кој да разбере за заедно да се помине како што ѝ прилега на оваа доба.
Амок, тоа лудило на неконтролиран гнев, тој внатрешен рев да се расчисти со сѐ околу себе на несвесно деструктивен начин, е главната движечка мајсторски изведена раскажувачка сила што го движи романот „Амок; луксембуршка љубовна приказна“ на луксембуршкиот писател Тулио Форџарини.
Шокантен и брутален, притоа горчливо и реалистички вулгарен, романот ја раскажува приказната за адолесцентната потрага по љубов, признавањето, среќата и сопственото место во денешното општество.
Раскажан во прво лице и поделен во 17 поглавја, романот го следи животот на еден 15-годишник од Луксембург, кој живее на маргините на општеството. Текстот го нурнува читателот директно во фиктивниот свет на главниот лик, кој се обидува да пронајде среќа, љубов и разбирање.
Живеејќи без татко, со мајка со проблематичен животен стил кон која во секое свое внатрешно обраќање користи погрдни зборови, ја пцуе, ја навредува, ја негира и исмејува, со отпор кон училиштето, не почитува никого, се опива, користи опијати, едноставно „не може против себе“ и единствено така може да се снајде со животниот контекст во кој е поставен. Префрлан е од едно во друго училиште, згрижуван од најразлични професори и институционални установи за деца со слични проблеми, истовремено постојано во страв да не биде испратен во поправен дом. Тој во еден момент ќе се вљуби во 13-годишната Ширли, уште една тинејџерка од маргините на општеството, со која заедно продолжуваат да бараат начин за излез од несовладливата реалност.
Еден дел од романот е напишан во второ лице, протагонистот не е именуван, ама неговото раскажување е организирано како дијалог со сопственото алтер его за повремено самиот читател да биде ставен во улога на наратор, а некаде од втората половина на книгата приказната да продолжи да тече во прво лице. Интензитетот и комплексноста на раскажувањето, и тематски и наративно, претставува уникатно решение на авторот кое му служи на читателот на непосреден начин да почувствува што им се врти во главата на тинејџери во романот.
Занимавајќи се со најважните тинејџерски проблеми на денешницата, од несоодветно однесување на училиште до честото користење опијати и предвременото стапување во сексуални односи, Форџарини убедливо ги рефлектира преовладувачките проблеми на денешната адолесцентна младина како што се социјалната изолација, занемарувањето, недостатокот на перспектива, нарушувањата во однесувањето и бесмисленото, неконтролирано насилство.
Грубиот јазик, остриот дијалог, внимателно меандрираните секвенци од соништата, мајсторската наративна техника, го издвојуваат „Амок“ не само како роман за млади, туку и како современ роман и по форма и по содржина, податлив подеднакво и препорачлив и за возрасни.
Авторот го води читателот во истражување на секојдневните реалности кои често не се застапени во медиумите, како и во јавниот дискурс, отворено и пластично ги актуелизира проблемите на младите луѓе за кои современите општества можеби располагаат со механизми за нивно решавање, ама, сепак, се чини, помалку успешно помагаат во нивната инклузија.
Романот покажува дека особено во современите општества кои навидум функционираат совршено, адолесценцијата не е најбезгрижниот период од развојот на човекот на патот кон созревањето, а неконтролираното однесување, беспричинското насилство и беспредметната деструкција не се длабоко личен избор.
Напротив, Форџарини укажува дека тоа се години во кои детето потајно спие во секој од нив и тие само сакаат да стигнат до „Фантазијаленд“, да се чувствуваат безгрижно во радоста што се споделува во близината на другиот покрај тебе, да се уверат дека на животниот рингишпил, особено низ „тунелот на ужасот“ секогаш мора да се возиш со некого, „без раце“, знаејќи дека кога не паѓаш сам, секогаш ќе се дочекаш на цврсто тло.
Романот „Амок; луксембуршката љубовна приказна“ ја има добиено наградата на Европската Унија за литература во 2013 година, и како што вели авторот, тој е различен од сето она што го има напишано пред него и по него. Според книгата е снимен и филм кој беше и луксембуршки кандидат за „Оскар“ за странски филм. Инаку, Форџарини обично пишува мрачни приказни, главно на француски јазик, инспирирани од ноар криминалистичките романи и филмовите од тој жанр. Неговото творештво е објавувано во весници, списанија и бројни антологии.
Објавувањето на рецензијата за книгата „Прегрни ме цврсто“ е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Марија Саревска-Тодоровска (1978) дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Активно се занимава со книжевен превод од англиски, шпански, српски и хрватски јазик и соработува со повеќе издавачки куќи. Член е на Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија и редовно учествува со свои текстови на теми од преведувачката дејност на годишните средби на преведувачи, кои се објавуваат и во списанието на преведувачите „Огледало“. На македонски јазик има преведено дела од Габриел Гарсија Маркес, Пабло Неруда, Едуардо Халфон, Ана Марија Шуа, Педро Заралуки, Едгар Валас, Киран Десаи, Орисон С. Марден, Ана Бучевиќ, Владислав Бајац. Ги има добиено наградите „Златно перо“, „Ванѓа Чашуле“ и „Кирил Пејчиновиќ“, кои ги доделува Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија.