Elementi Logo

РЕЦЕНЗИЈА ЗА КНИГАТА „ЕДНА ЖЕНА“ ОД ПЕТЕР ЕСТЕРХАЗИ

Backgorund

Раскошна сака/мрази јазично-еротска гозба во нејзина чест
(кон книгата „Една жена“ од Петер Естерхази во издание на „Готен“; превод од унгарски јазик: Златко Панзов)

Само умешните можат да пишуваат за неа, а тоа да не звучи блуткаво, евтино или наивно. А оние јазично вештите, книжевно искусните, со наталожен интелектуален багаж го прават тоа како што го прави унгарскиот писател Петер Естерхази.
Во 97 кратки поглавја од романот „Една жена“ тој создава неисцрпна химна за жената: онаа убавата, грдата, промискуитетната, заводливата, моќната, самостојната, ненаситната, непривлечната, неодоливата, секогаш податливата. Некогаш сака, некогаш мрази, ама секогаш е подготвена за нешто повеќе.
Романот е раскажан од гледната точка на машки наратор кој се смета себеси за голем и успешен љубовник, женкар, маж кој може да е или да не е вљубен во сите жени во светот. Некои пократки, некои подолги, поглавјата секогаш започнуваат со „има една жена, ме сака, или има една жена, ме мрази“, или варијации на чувството во јазични егзибиции на формата, интелигентно, често хумористично, бурлескно и дури раблеовски. Авторот медитира на темата на љубовта, која е неразделна од сексуалноста како начин на себеизразување и изразување преку и во другиот, на сите форми на машко женскиот сака-мрази однос, на сите лица и облици на љубовта во која човек се нурнува опсесивно, мазохистички ненаситно.
Со пребирливото задоволство на роден набљудувач, нараторот на Естерхази опишува дијапазон на жени (плус неколку мажи кои се преправаат дека се жени), често духовито, нежно, а двосмислено, понекогаш иронично, ама секогаш искрено, соголено. Зборува за таа една жена, за сите жени во/со кои често на неподносливо издржлив, а истовремено никако поинаку замислив начин мора да се постои.
Романот „Една жена“ е каталог на љубови, љубовни врски во кој до израз доаѓа и талентот на писателот да создаде полнокрвни ликови – досетливи, елегантни, курви, мајки, вулгарни, неговите жени ги обединува нивната многу човечка контрадикторност. И, секако, сите и тоа многу сакаат секс. Критичарите ќе кажат дека таа физичка ненаситност, Естерхази постепено ја поврзува со политичкиот пресврт во Унгарија, како потреба на земјата за нови истории и идиоми. Телото ја добива својата повеќезначна форма, физичко, од крв и месо, емотивно, сензибилно, похотно, јазично, текстуално, политичко, ама секој пат податливо и посакувано да се експлоатира, изложи, поседува, саможртвува.
И покрај одредени структурни ограничувања, романот е наизменично презрив и филозофски, а неговата нервозно-енергична нарација го задржува вниманието на читателот до самиот крај. Благодарение на вештото ползување на постмодернистичката техника, оваа проза е еруптивен вулкан и на интелектуална наслада, дошепнување, полемизирање, дијалогизирање со бројни книжевно-историски и филозофски теми не само од унгарската, туку и од светската уметничка традиција, вметнати вешто низ описите за воспевите на женското тело како шамичиња скриени во сите нејзини отвори податливи на сладострастието на нараторот.
Естерхази успева со толкаво мајсторство да зборува за една толку тешка тема, позната и со векови уметнички експлоатирана, темата за афективните односи меѓу мажот и жената. Дури и кога се работи за неискажливи теми, како што е привлечноста, наклонетоста кон некого, физички неиздржливата опчинетост со жената, тој зборува со вртоглава прецизност. Оваа проза вешто ја избегнува баналноста што толку често го придружува пишувањето за љубовта, сексуалноста и сексот, претворајќи ја во трактат за сите облици на Еросот, сите форми низ кои човек посегнува по единственото есенцијално чувство – љубовта. Во чест на жената што сака/мрази, текстот уште полесно се подава само на оние со силен желудник да ги сварат сите нејзини манџи.

Објавувањето на рецензијата за книгата „Една жена“ е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

ЗА АВТОРОТ

Марија Саревска

Марија Саревска-Тодоровска (1978) дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Активно се занимава со книжевен превод од англиски, шпански, српски и хрватски јазик и соработува со повеќе издавачки куќи. Член е на Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија и редовно учествува со свои текстови на теми од преведувачката дејност на годишните средби на преведувачи, кои се објавуваат и во списанието на преведувачите „Огледало“. На македонски јазик има преведено дела од Габриел Гарсија Маркес, Пабло Неруда, Едуардо Халфон, Ана Марија Шуа, Педро Заралуки, Едгар Валас, Киран Десаи, Орисон С. Марден, Ана Бучевиќ, Владислав Бајац. Ги има добиено наградите „Златно перо“, „Ванѓа Чашуле“ и „Кирил Пејчиновиќ“, кои ги доделува Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ