Elementi Logo

КОГА СЕ СЛУЧУВА ОНА НЕШТО ШТО НЕ ЗНАЕМЕ ЗОШТО, АМА СЕПАК ГО ЧЕКАМЕ

Backgorund

Кога се случува она нешто што не знаеме зошто, ама сепак го чекаме

Кон сликовницата „Јоел и Ио; љубовна приказна“ од Геир Гуликсен, илустрации: Ана Фиске
Превод од норвешки јаик: Искра Бадева

Четврток, сабота или вторник – времето, местото или часот можеби се важни многу подоцна кога ќе им се навраќаме на спомените од најраните периоди на нашето созревање, ама во мигот кога се случува единствено важни се само неколку нешта – мирисот, топлината и нашата големина во очите на другиот. Затоа што тоа е она што се случува кога не знаеме дека е можно, кога „не знаеме зошто го чекаме, а, сепак, го чекаме“. Отпосле дознаваме дека се вика љубов и дека знае и да боли и да се измолкне во нешто што никогаш не сме ни помислувале дека може да се повтори, особено кога сме возрасни.
За таквата љубов, за отпочнувањето на една љубовна приказна, за раѓањето на првата љубов не во магичните и чудесни простори на бајковитата идила во која се раѓаат првите чувства на препознавање во другиот, туку во секојдневието исполнето со предизвиците на реалноста зборува и Геир Гуликсен во „Јоел и Ио; љубовна приказна“.
Ова е специфична сликовница… Во неа се зборува за стравовите од непризнавањето во училишната средина, несигурноста во себеси, чудното однесување во необјаснивото претерано заштитничко однесување на возрасните од една страна, и внатрешното чувство на нешто необјасниво кое се препознава за момент во нечии очи.
Токму тоа и ја прави магична, затоа што Гуликсен како припадник на современата норвешка литература за деца и младинци го следи трендот на изразување и занимавање со теми кои ја допираат реалноста на современото живеење. А тоа е литература во која јунаците и „принцезите“, „недопирливите“ и „несовладливите“ се деца и поединци растени во опкружување каде што подвиг е да сјаеш во средина на разведени или самохрани родители, личен или хендикеп на некој близок, одекнувачкиот звук на семејното насилство низ кој се раѓа гласот на оние што заслужуваат хармонични тонови.
Скандинавската книжевност за деца и историски и поетички секогаш ќе се поврзува со автор каков што е Ханс Кристијан Андерсен, а сепак, и темите во нив не се типични за деца, тоа се впрочем, сказни за возрасни. По Првата светска војна, а особено по Втората светска војна, литературата за деца во Норвешка, поконкретно, се свртува целосно кон самото дете, неговата благосостојба, правото на уживање и безгрижност. Темите и оние на кои им се наменети добиваат пореалистичен пристап дури некаде од 70-тите години на дваесеттиот век.
Меѓутоа денес, во ерата на дваесет и првиот век може да се каже дека Норвешка ја живее новата златната доба на литературата за деца и младинци. Во земја каде што детето се доживува како компетентен граѓанин, каде што децата се луѓе, „не стануваат луѓе – тие се луѓе сами по себе“ и темите се поместуваат од идиличната бајковност со среќен крај и колоритни корици на кои јунаци се животните. Уште повеќе се потврдува она детското, недопрено и безгрижно, жедта за радост, палавост и неограничена смеа, личните, внатрешни странствувања во самооткривањето на себеси како единствениот јунак на кој треба да му се верува додека живат два живота кај раздвоените родители, или се обидуваат да го разберат и однесувањето на насилниот родител покрај сопственото.
Можеби затоа и кај Гуликсен, оваа кратка воздишка од секојдневните премрежиња, првата љубов, колку и да трае кратко и да остава чувство на миг, им овозможува на децата да ги препознаат своите први предизвици на патот кон созревањето, кога сè ќе биде поразбирливо, ама и еднакво нејасно, да почувствуваат што му се случува на срцето допрено од љубов, за првпат. Денот и понатаму ќе биде дождлив, ама пламенчето на внатрешното сонце ќе гори додека се сеќаваме на тоа.
.
Објавувањето на рецензијата за книгата „Љубовта на триесет и пет годишната жена“ е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

ЗА АВТОРОТ

Марија Саревска

Марија Саревска-Тодоровска (1978) дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Активно се занимава со книжевен превод од англиски, шпански, српски и хрватски јазик и соработува со повеќе издавачки куќи. Член е на Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија и редовно учествува со свои текстови на теми од преведувачката дејност на годишните средби на преведувачи, кои се објавуваат и во списанието на преведувачите „Огледало“. На македонски јазик има преведено дела од Габриел Гарсија Маркес, Пабло Неруда, Едуардо Халфон, Ана Марија Шуа, Педро Заралуки, Едгар Валас, Киран Десаи, Орисон С. Марден, Ана Бучевиќ, Владислав Бајац. Ги има добиено наградите „Златно перо“, „Ванѓа Чашуле“ и „Кирил Пејчиновиќ“, кои ги доделува Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ