Elementi Logo

САМО ЗАТВОРЕТЕ ГИ ОЧИТЕ И СВЕТОТ ПРЕСТАНУВА ДА ПОСТОИ

Backgorund

Само затворете ги очите и светот престанува да постои

кон збирката раскази „Љубовта на триесет и петгодишната жена“ од Калин Терзијски
превод од бугарски јазик: Душко Крстевски

Леснотија и дури некаква удобност во непридушените вулгарности, отворената дрскост и до болка искрената вистина за нештата овде и тука, за животот кој нема одложување, кој или се живее или секој ден се голта со голема грутка во грлото додека и не се претвориш самиот во неа – тоа е единствениот верен начин на кој Калин Терзијски може да ги раскаже приказните на своите ликови во збирката раскази „Љубовта на триесет и пет годишната жена“.
Збирката раскази „Љубовта на триесет и пет годишната жена“ на Калин Терзијски претставува една необична панорама од уште понеобични ликови за чии животи тој раскажува во својот самоприспособен „буковски манир“, проникнат со искуството од психијатриската пракса и познавање на човековата психа по различни основи. А секој пат одново урнебесно изненадувачки заводливо и искрено прифатливо дури и во најбизарните, најсуровите и најтрагичните исходи при допирот со апсурдноста на човековата трагичност и реалност.
Уште со збирката раскази „Постои ли некој што ве сака“, за која ја добива Наградата на Европската Унија за книжевност во 2011 година, читателската публика го запозна Калин Терзијски како раскажувач на проза која е најнежна и најгаловна во кулминацијата на својата иронична, остра суровост во отсликувањето на човековите судбини. Како што најчесто сведочат несекојдневните биографии на луѓето кои си го нашле своето место под сонцето, книжевниот успех на овој припадник на новата современа бугарска проза можеби не би бил таков каков што е да не е неговото лично, поточно професионално искуство кое го започнува како дипломиран лекар, со специјализација во психијатријата, а наоѓа сигурно прибежиште во литературата.
За волја на иронијата на животот, иако вели дека има чувство дека отсекогаш пишувал, со пишување телевизиски серии, потоа раскази и друга проза Терзијски започнал за да може подостоинствено да си го дозволи она што е потребно за достоен живот, а што не можел да си го пружи со плата на млад доктор.
Почнувајќи како хуморист, Терзијски успешно го преточува токму овој аспект како основна алатка во пристапот на раскажувањето на своите приказни за животите на просечни луѓе, луѓе не толку од социјалните маргини на општеството колку од духовните, „чудаци“ и „особеници“ по прашањето на потрагата или живеењето на животот на само својот, колку и да е необичен и невкалаплив начин на живот, во општоприфатените и очекувани општествени норми.
Како и најголемите американски мајстори на расказот тој најсигурно и најприродно црпи од личното искуство и дури терапевтски книжевно го споделува личното искуство со алкохолот („Алкохол“, роман), за преку него да им помогне на другите кои го имале истиот проблем да се најдат лице в лице со тој демон или, пак, искуството на лекар и психотерапевт да го пренесе во судбината на еден од ликовите кој соочен со терминалната смрт на својот пациент ја преживува и суштината на сопствената смртност, привилегијата на зрелоста да препознае кога треба да се стави крај („Дедо Мраз на млади години“).
Во расказите на Терзијски се запознаваме со ликови кои со својот невообичаен пристап кон сопствениот живот завршуваат како трагични херои во само својот универзум, каде што сè е можно и сè е дозволиво само ако ги затворат очите за светот да престане да постои. Лика и прилика на нечии реални животи, имагинарни ликови какви што може да се замислат само со бујна фантазија или едноставно книжевна интерпретација на сите оние моменти, со илузија за траење на цел живот, во кои човек е заглавен помеѓу апсурдноста и светоста на своето постоење.
Самите ликови, а и самиот автор, се чувствуваат безбедно во црниот хумор како сигурен начин да се излезе на крај со неподносливата леснотија на постоењето или, обратно кажано, неподносливата тегобност да се издржи нешто едноставно и подразбирливо како животот. Претставувајќи ги ликовите најчесто во гранични ситуации во емотивна и егзистенцијална смисла авторот се служи со ведрите, секој пат изненадувачки како бодеж на оса иронични забелешки. При што, авторот не ги насочува кон нив туку кон светот и опкружувањето од кое се дел и најчесто не по свој избор, остануваат вкалапени и оценувани според однапред зададените норми.
И по затворањето на книгата пред очите на читателот останува да пулсира исповедта за еден живот што се карактеризира со сувоста на средните години, во кој протагонистката го памети мажот кој на нејзиниот роденден си го прекинува животот пресекувајќи си ги вените („Љубовта на триесет и пет годишната жена“). Или, пак, вечно спокојните бранови во кои згаснува животот на човекот кој прв и единствен пат ќе го види морето и со сета сила ќе се нурне во неговите најмрачни длабочини за таму да ги најде „прекрасните нешта што никогаш нема да ги има“, воден од светлината на Месечината, која е само инаков одблесок на црнилото на смртта… за да остане запаметен по прекарот морскиот, не затоа што морето му е блиско туку затоа што таму си го остава животот („Пешо Морскиот“).
Бидејќи колку и да звучи парадоксално, применетата естетика на постоењето е тајна која можат да ја разберат само „тивките набљудувачи“. А останатите смртници, ако имаат среќа, да вкусат крајче од неа во овој живот, во кој никогаш не е доцна да се стане подобрата слика на себеси.

Објавувањето на рецензијата за книгата „Љубовта на триесет и пет годишната жена“ е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

ЗА АВТОРОТ

Марија Саревска

Марија Саревска-Тодоровска (1978) дипломирала на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Активно се занимава со книжевен превод од англиски, шпански, српски и хрватски јазик и соработува со повеќе издавачки куќи. Член е на Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија и редовно учествува со свои текстови на теми од преведувачката дејност на годишните средби на преведувачи, кои се објавуваат и во списанието на преведувачите „Огледало“. На македонски јазик има преведено дела од Габриел Гарсија Маркес, Пабло Неруда, Едуардо Халфон, Ана Марија Шуа, Педро Заралуки, Едгар Валас, Киран Десаи, Орисон С. Марден, Ана Бучевиќ, Владислав Бајац. Ги има добиено наградите „Златно перо“, „Ванѓа Чашуле“ и „Кирил Пејчиновиќ“, кои ги доделува Друштвото на книжевни преведувачи на Македонија.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 12

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ