Elementi Logo

МЕНЧЕ TO THE MOON

Backgorund
4. СЦЕНА – ДНЕВНА СОБА ВО ВИКЕНДИЦАТА

Во собата е Здравко полузадреман, легнат на креветот гледа во
телефонот, уште му е лошо. Ламбите и работите од автомобилот
се наоколу.
Се слуша `рчењето на Ај-Вар и Чичи од другата соба, а од таму,
тивко влегува Менче.
МЕНЧЕ
(ШЕПОТИ) Заспаа како јагниња!
Здравко ја игнорира, продолжува со телефонот.
Менче поткашлува и ги преместува и вклучува и исклучува
многуте ламби. Постојано го мести светлото.
Од телефонот на Менче се слуша звук – стига нотификација.
МЕНЧЕ
Конечно се спушти апликацијата за кинески. Сакам и
ние да ги разбираме.
ЗДРАВКО
Во прав момент, срце.
Одеднаш, Менче сомнително го погледнува Здравко.
МЕНЧЕ
Здравко! (ИСПАНИЧЕНА) Зошто тебе не ти падна на
памет да спуштиш таква апликација? Цело време си на
телефонот копаш, тргуваш со тие твои криптовалути
заради кои да те посетам те брка цела војска
извршители, ти кој си опседнат со апликации и сѐ што
е онлајн … не ти падна на памет тоа?!?!
Здравко се врти на другата страна и ја покрива и главата.
МЕНЧЕ
(ЗА СЕБЕ) Да, да, да, да! Затоа не ти треба
апликација! Здравко, во што си вмешан?
ЗДРАВКО
Менче, не сум верник, ама се молам за трошка
трезвеност, за тебе.
МЕНЧЕ
Трезвеност? Ќе ти дадам јас тебе трезвеност! Јас
мислам дека потрезвена не можам да бидам! Зошто си
толку таинствен?
ЗДРАВКО
Баш сум отворен Менче, мислам, ако ме оставиш да
дојдам до збор.
МЕНЧЕ
Се извинувам, кинески сум на почетен степен, можеби
затоа не сакаш да зборуваш со мене? Ма немој! Ми се
маткаш со некои полутајни мрежи, со автобуси, со
граници, со луѓе од ваму-таму. Си собрал Кинез на
патарина? На која патарина?
ЗДРАВКО
На Блаце!
МЕНЧЕ
На Блаце! Што е ова, Здравко, Боливуд? Не. Јас сега
јасно ја гледам оваа строго организирана мрежа. Сѐ
знам. Само чекам признание од тебе.
ЗДРАВКО
Што е сега?!?
МЕНЧЕ
Џабе глумиш! Да ги имаш моиве очи на еден ден, па да
видиш што гледам.
ЗДРАВКО
Право да ти кажам, истото го помислив… јас сигурно
не би издржал цел ден.
МЕНЧЕ
Ден! Ха! Ти не би издржал ни две минути да ја имаш
мојата свесност…
Здравко легнува, се покрива и гледа во телефонот.
МЕНЧЕ
(ПРОДОЛЖУВА) … попрво би поверувала дека ќе се
преселиме на друга планета, отколку ти во тимот на
длабоките играчи, играч во сенка. Здравко, се
сомневам веќе некое време во тебе…. И… знаеш
што?
ЗДРАВКО
Не знам дали сакам да знам.
МЕНЧЕ
Знам дека главниот на операциите си ти! Мозокот си
ти…
ЗДРАВКО
Менче, сериозно замина со мозокот ТИ!
МЕНЧЕ
Не, не не… дај Боже тоа да беше случајот, ааа
колку ќе ми беше полесно. Сѐ ми е јасно! Маскиран си
како шофер на автобус, земаш 18000, имаш кредити и
триста извршители на глава… а ти си мозокот! Како
порано не го видов ова! Здравко, ти го рашири
вирусот низ светот! Го донесе и кај нас! (КРАТКА
ПАУЗА, МЕНЧЕ ЗЈАПА ВО ЗДРАВКО) Ете, се поднасмевна.
Ти ја знам таа „не се смеам“ насмевка. Разоткриен си
Здравко! Само мисли си дека дејствуваш
неконспиративно, дискреционо, практично – лузер, а
за кого работиш ти всушност? За длабоката држава. За
оние во сенка. Здравко, кој толку сака да
манипулира?
ЗДРАВКО
Ц, ц, ц, ц.
МЕНЧЕ
Не викај! Ќе ги разбудиш Чичи и Ај-Вар! (ЛУТА) Ти
најде да работиш во сенка, со триста извршители на
глава! Намирисав сѐ, целата твоја завера. Поврзан си
со сите! Со коренот! И нема да можеш да ми
противречиш овој пат! Нема шански јас и илјадници
други теоретичари на заговор сме во заблуда.
Илјадници – болдирам!
ЗДРАВКO
Опа, сега си теоретичар на заговори?
МЕНЧЕ
Од секогаш сум била Здравко, ама ти тоа не си го
видел!
ЗДРАВКО
Менче, јас ако не го гледам не знам кој гледа!
МЕНЧЕ
Како не! Тикви го гледаш! Тешко мене и моето јас со
тебе. Како сакаш да се однесувам во моментот кога
сфаќам дека знаеш да зборуваш кинески, а јас не знам
за тоа!?
ЗДРАВКО
Што?!? Зборувам кинески? Јас?!?
МЕНЧЕ
(ПРОДОЛЖУВА) Ај-Вар – ОК го прифаќам како свој, ја
прифаќам и Чичи, ќе ја наречам едноставно братучетка
да не почнувам кој на кому му е жена и мајка тука.
Ама да знаеш Кинески и да не ми кажеш… Здравко,
што се случува? Или ми го имаш испрано мозокот…
или си полудел!
ЗДРАВКО
Јас?!?
МЕНЧЕ
(ЛУТА) Што ќе рече мајка ти кога ќе дознае дека
работиш за длабоката држава?
ЗДРАВКО
Леле.
МЕНЧЕ
Тешко тебе ќе биде Здравко. Е сега речи дека сум
луда!
ЗДРАВО
Си.
МЕНЧЕ
(ЗАГРИЖЕНА) Како ќе им кажеме на Ај-Вар и Чичи?
Здравко, уште е рано да дознаат…
Тишина.
Здравко со неверување гледа во Менче, се обидува да го свари
разговорот. Менче тивко пати бидејќи Здравко е во длабоката
држава.
Се слуша тропање на влезната врата. Менче и Здравко исплашени
се погледнуваат. Тропањето трае.
Менче почнува панично да ги гаси ламбите.
МЕНЧЕ
Дојдоа! Дојава од длабоката мрежа! Мора да нѐ
слушнале! Ах, не сакам Ај-Вар и Чичи да се разбудат
и непотребно да се трауматизираат…
Тропањето продолжува.
ЗДРАВКО
Од таму сигурно не се.
МЕНЧЕ
Тогаш, кој може да е? (ПО КРАТКА ПАУЗА) Хм,
македонска работа, виделе дека свети, па и вирус да
има, пак сакаат да ти се пикнат дома. Ц, ц, ц.
Повторно се слуша тропањето.
ЗДРАВКО
Кој е?
Одговор нема.
МЕНЧЕ
(ТИВКО) Можеби е некој нем. Сака да каже кој е ама
не може! Има различни судбини по светот.
ЗДРАВКО
Неверојатно возможно!
Здравко полека тргнува кон вратата.
МЕНЧЕ
(СРЕЌНА) А ако имаме некаква награда?
ЗДРАВКО
(ТИВКО) Каква награда? Ништо не сме играле.
МЕНЧЕ
Имаше некаква наградна игра со апликацијата за
кинески што ја купив! И после зошто си разговарал
сам со себе? Затоа што не ме слушаш, ти кажав дека
спуштам апликација за кинески.
ЗДРАВКО
Аха. И одма дојдоа да те наградат?
МЕНЧЕ
Љубоморен си!
Менче лута, ја отвара вратата. На вратата е ПОЛИЦАЕЦОТ. Менче
вриска.
ПОЛИЦАЕЦОТ
Возачка и сообраќајна!
Менче е збунета. Не знае што да направи, одеднаш паѓа, се
преправа дека е мртва. Здравко колку може се снаоѓа, почнува
да ја тажи мртвата Менче на глас.
Ај-Вар и Чичи сонливи дотрчуваат од другата соба.
Полицаецот сфаќа дека се Кинези, во паника е.
ПОЛИЦАЕЦОТ
Вируси! Вируси!
Чичи го нокаутира полицаецот. Полицаецот паѓа и мрмори
неразбирливо.
Менче ги отвара очите.
Ај-Вар ја кара Чичи на кинески додека се обидува да го освести
Полицаецот, а таа му превртува очи. Апликацијата на Менче
преведува.
АПЛИКАЦИЈАТА
Не е убаво. Како така… Кога ќе се смениш! Не
требаше да те пуштам на карате…
Полицаецот се освестува.
ПОЛИЦАЕЦОТ
Кинез! Кинез! Еден! Два! Вирус! Вирус! Мамо! Мамо!
Полицаецот полека се обидува да се исправи.
Менче почнува да кашла, а по неа почнуваат и сите други,
кашлаат приближувајќи се кон полицаецот кој во голема паника,
се обидува да се заштити и да избега. Едвај се исправа додека
да стигне до вратата и конечно бега.
МЕНЧЕ
Чичи, гордост моја! На целото семејство! Еден за
сите, сите за еден, така треба! Брус ли може вода да
ти носи.
Чичи и Менче се прегрнуваат.
Ај-Вар и Чичи заминуваат во соба, Ај-Вар продолжува да ја кара
Чичи на која и се спие.
Апликацијата на Менче ги преведува нејзините зборови на
кинески со задоцнување.
МЕНЧЕ
Здравко? Ти го кажа ова или апликацијата?
Здравко воздивнува, си легнува и се покрива целиот. Менче ја
заклучува вратата и почнува да ги пали, гаси и преместува
ламбите.
Мрак.

ЗА АВТОРОТ

Весна Куслеска

Весна Куслеска е родена 1983 година. Драматург и сценаристка. Автор на сценарија за краткометражни филмови и ТВ серии како и на наградениот драмски текст „Шест дена работи, седмиот одмарај“.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ