
(Кон претставата „Кокошка“ по текст на Николај Колјада, во режија на Теодора Силјановска и во продукција на незавсината театарска група „Вортекс“ од Скопје. Улоги: Билјана Драгиќевиќ Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Кристина Гиева и Томе Станковски)
Николај Колјада го нарекуваат таткото на современиот Руски театар, новиот театар во којшто драматичарите се залагаат за т.н. „природен говор“ чија артифициелизација станува значенска константа, а дејствието со себе носи натуралистички моменти. Имено, Колјада, напишал повеќе од сто пиеси станувајќи најизведуван и најчитан драматичар во Русија воопшто. Пред дваесетина години во интервјуто на Марф Хендерсон за театарското списание „Американски театар“ вели дека напишал деведесет пиеси и дека триесет од нив се добри. Во подобрите пиеси од тие триесет се наоѓа и „Кокошка“, негова амблематска пиеса по која заедно со „Мурлин Мурло“ е најпрепознатлив во светката драматика. Фуриозното темпо на сите негови пиеси, скоро натуралистичкото дејствие кое на многу наврати се случува во реално време прави овој руски драматичар со своите пиеси да ги освои сцените на сите пет континенти. Поставуван и оспоруван, најмногу заради неговата поддршка на рускиот претседател Владимир Путин, Колјада постанува и контраверзен писател чија енормна фреквентност му донесува на светската драматика многу особени пиеси привлечни за сите театарски куќи. Во Македонија Колјада е поставуван во многу наврати, а „Кокошка“, неговата горчлива комедија во овој момент се игра во два театри: Битолскиот и независниот театар „Вортекс“ од Скопје. И „Кокошката“ на Колјада и онаа на Теодора Силјановска говорат за слободата на уметникот и неговите внатрешни стеги. Но видувањето на Теодора Силјановска има во себе состојка на актуелност која говори не само за универзалноста на овој драмски текст туку и за едно време кое во театарот застанало. Застанало на сказалките од часовникот кој веќе не го мери талентот, туку само театарскиот промискуитет и престижот. Колјада во овој текст споменува дека сите актери и актерки не се исти и дека почитта кон театарската уметност е еквивалентна на актерскиот уметнички учинок. Врамена во интимна сцена-квадрат, оваа „Кокошка“ станува дел од нас кои се обидуваме да го метаболизираме театарот сочувствувајќи со оние што сакаат да ја поддржат нашата илузија и да ја спојат со нивната за уметноста да биде само на еден начин лечебна, на оној искрениот, кој веќе не е неприкосновен. Се чини дека најмногу заради актерската енергија и слободата на импроивизацијата, ова видување на младата режисерка Теодора Силјановска не поведува во еден театарски свет кој обично не го гледаме, но во оваа драматика на Колјада станува наше опкружување.

Оваа верзија на „Кокошка“ најмногу лежи врз актерскиот сензибилитет и го потврдува правилото дека кога режијата го нема примарниот аспект, самата претстава ја исфрла во преден план. Ала на Билјана Драгиќевиќ Пројковска е актерско достигнување кое е алма матер на целиот актерски контекст на самата претстава. Нејзината фуриозност и автентичност бујат со секоја реплика и го дозираат хуморниот свет на и онака циничната комика на Колјада. Ала во корпусот на Драгиќевиќ Пројковска е навистина ала чиј пламен одушевува и инспирира, па со секоја нејзина актерска тирада и дејствието добива на волуминозност. Нејзин партнер per excellence во целата комична констелација на претставата е сјајниот Ане Блажовски кој својот лажлив и манипулативен антихерој Фјодор го доведува до реторичко совршенство формирајќи лик чиј Минхаузеновски однос кон луѓето станува начин на живот со нескротлива илузија дека целото негово изигрување и подметнување е она најголемото што човек во темни времиња може да го направи за да преживее. На овие две маестрални улоги се придружуваат и улогите на Кристина Гиева, чија Дијана е субмисивна кокета која во театарот „преживува“ снаоѓајќи се преку наклонетоста на другите колеги и младата и наивна, кутра „кокошка“ Нона која во мошне допадлива актерска игра ни ја донесува Ванеса Тримчевска, и двете големо освежување на македонската театарска сцена. Тука ќе го споменеме и секогаш оптимистичниот Васја на Томе Станковски, лик кој како да е изваден од кај Гогољ, секогаш со решенија кои никогаш не функционираат, еден особено духовит актерски лик кој импонира со својата прецизно изнијансирата карактерност.

„Кокошка“ е претстава која има исто така допадлива визуелност која најнмногу се потпира врз доста прагматичниот простор на малата сцена на театарот „Комедија“ каде што самата сцена како визуелно решение на режисерката совршено „работи“ за интимноста на дејствието и заедно со осредните костимски решенија на Марија Пупучевска создава едно театарски гнездо на никогаш неизгаснатите духовни несогласувања и сценски престиж. Тука некаде се усогласува и музичката илустрација која е исто така избор на режисерката, па општо земено, овој камерен театарски проект е уште едно убаво срочено сценско дело со одлична актерска енергија и добро конципирана режисерска слика, претстава која функционира и на планот на впечатокот, но и на планот на уметничко дело.
Рецензија на Сашо Огненовски
Елементи