Elementi Logo

ТАТКО

Backgorund

Татко

За првпат по долго време ги допрев неговите раце. Всушност, не знам дали воопшто некогаш сум ги допрела. Барем не на овој начин. Испиените дланки и нивното бавно движење едвај ги почувствував. Тежината со која се соочува периодов, навистина е неподнослива. Болките се секојдневни, и сѐ поприсутни. Гледам во дланките и се обидувам нежно да ги истријам со жолтиот сапун. Секое движење му создава болка. Иако не ми зборува, тоа го гледам во неговиот лик. Замижува, ги стегнува вилиците онолку колку што му дава силата, а челото ги испакнува сите брчки што тегобно се исцртувале низ годините. Остарел. Го набљудувам неговиот блед лик, наместа исцртан со светлокафеави пеги, кои, ако добро се загледа човек, ќе забележи дека навистина ги има многу. Челото му е испотено и ладно, а од дланките чувствувам млака топлина што ми предизвикува морници. Толку е слаб што, чинам, ако малку поцврсто го фатам, ќе се срони пред мене дел по дел, исто како песокта што ритмично паѓа во стаклениот часовник. Ги гледам моите раце. Личат ли барем малку на неговите? Слаба сум. Ме сепнува гласот на мајка ми:
– Ајде, дојди, какаото е готово. Одмори малку, умрена си од работа!
Останувам до него. Толку спокојно се чувствувам, што додека него го набљудувам, мислам сиот мој замор некаде исчезнал. Умрена сум од работа. Да, но колку лошо би се чинело сето ова ако е реалност – умрена од работа. Може ли работата да ми го одземе животот така брзо, така молскавично? Кај нив никогаш не се чувствувам уморна. Таму сѐ е тивко и смирено.
Ја истурам водата од леѓенот, седнувам да се напијам какао, и гледам дека веќе е пладне. Почнуваат вести. Го забележувам неговот лик. Тој сѐ уште е со затворени очи, но брчките ги нема. Нема стискање на забите. Има само мало придвижување на усните што личи на блага насмевка. Личи на спокој. На неизгаснат копнеж и надеж. На пламен што иако слабо трепери, тука е, присутен до нас, живите.

Марина Шикова Димовска – „Приказни од кујната“ (2022, ПНВ Публикации)

ЗА АВТОРОТ

Марина Шикова

Марина Шикова

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ