Ти што ќе стоиш на Газибаба,
потомче - чуј:
одовде и јас Скопје сум го гледал,
а денот беше пролетен, од тие
кога во меко единство се плетат
свежите линии на крововите
и сека топола е - зелен водоскок.
Со поглед малце премрежен сум бил
(одошто - молчам)
но видовит и јасен.
И знај:
јас сетив дека овој повик мој
е најсмел заграб во иднината,
со твојот дух е преграб, јас би рекол,
и како остра секавица сече
век по век тој,
и вика, клика, рика:
Мисли на мене!
Од поетската збирка „Лирски записи“
Блаже Конески (Небрегово, 19 декември 1921 – Скопје, 7 декември 1993) — истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Тој бил и еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик и значајна личност во македонската книжевност. Блаже Конески е роден на 19 декември 1921 година во с. Небрегово (Прилепско), од мајката Цака. Тој потекнува од познатиот прилепски сој Љаме (Љамев(ци), Љамески), од гранката Конески (по поглаварот Коне, неговиот дедо). Блаже Конески имал сестра Милица. Основното образование го започнал во Небрегово, каде семејството живеело седум години по што се преселило во Прилеп и таму Конески го продолжил и го завршил основното училиште, а потоа и нижа гимназија. Како најдобар ученик во училиштето, добил стипендија и образованието го продолжил во Крагуевац, каде завршил виша гимназија. Потоа се запишал на Медицинскиот факултет во Белград, но по еден семестар се префрлил на Филозофскиот факултет, на студиите по филологија, на отсекот за словенска филологија. По капитулацијата на Кралството Југославија, Конески се префрлил на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, каде ги продолжил студиите по филологија, дипломирајќи во 1944 година.[2][3][4] Со оглед на тешката положба во која се наоѓале Македонците во Кралството Југославија и во Царството Бугарија, Конески студирал на Универзитетот во Белград како Благој Коневиќ, а на Универзитетот во Софија како Благој Конев. По завршувањето на Втората светска војна, Конески се вработил како лектор во Македонскиот народен театар во Скопје, а во 1946 година станал предавач на Филозофскиот факултет во Скопје, каде во 1957 го добил звањето редовен професор. Притоа, тој го предавал предметот историја на македонскиот јазик, а во текот на целата универзитетска кариера ја извршувал и функцијата шеф на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици. Во 1952/1953 година бил декан на Филозофскиот факултет, а во 1958-1960 година бил ректор на Универзитетот во Скопје. Исто така, Конески работел и како уредник на списанијата „Нов ден“ и „Македонски јазик“. Во 1967 година станал член и на МАНУ и прв претседател, а таа функција ја извршувал до 1975 година. Покрај тоа, Конески бил дописен член на академиите на сите републики на Југославија, во 1968 година станал почесен доктор на Универзитетот во Чикаго, а бил почесен доктор и на Универзитетот во Вроцлав.