-Писателот е генералот, а буквите се неговата армија.Од генералот зависи како ќе ја подготви неговата армија, во која формација ќе ја постави и кое оружје ќе и го даде за да биде уште помоќна!-
-И тогаш кога најмногу ќе ти бидат потребни и кога неизмерно ќе ти недостигаат, кога ќе сакаш силно да ги стиснеш и припиеш на твоите гради, тогаш нема да бидат до тебе. Со солзи во очи ќе се сеќаваш на деновите поминати со нив, а помеѓу тоа време и сега, секогаш ќе постои мост. Мост, кој што нема да можеш никогаш да го поминеш, а секогаш ќе можеш да погледнеш на другата страна и ќе ги видиш тие ангелски лица кои те израснале и оформиле како личност. Сакајте ги и почитувајте ги своите родители, зошто на тој начин се почитуваме и себеси. Вечноста не постои, затоа живејте го сегашниот миг, за да не треба утре да живеете во минатото.
Врз темелите од крајот на некоја лоша етапа од животот, обидете се да го градите почетокот, иднината на вашето ново поглавје, вашето ново патешествие. Ако не се обидете, никогаш нема да знаете колку цврста ќе биде таа градба.Дали ќе трае вечно како пирамидите во Египет, или ќе падне како Берлинскиот Ѕид. И тогаш кога животот ќе те тресне од земја, стани, исправи се, истреси ја прашината од тебе и удри си една шлаканица, затоа што си го дозволил тоа !-
ГЛАВА ПРВА
Паѓам на колена, па пак станувам, тешко дишам, се гушам, нозете ми се тресат, дланките ми треперат, челото ми се поти, капките пот навлегуваат во моите очи, ги бришам со прстите, мртви тела насекаде, тригодишно девојче со играчка в раце беспомошно и неподвижно лежи, притиснато со голем блок од зграда што паднал врз неа. Погледот ѝ е вперен во мене. Застанувам, повраќам, телото ми се грчи. Не ова не е вистина, ова е само лош сон. Се допирам, сфаќам дека постојам тука во овој момент, ме обзема параноја. Сирени од единицата за брза помош и полицијата пиштат насекаде, го насочувам и го фокусирам погледот лево-десно низ урнатините, па погледнувам нагоре, зградите се преполовени, сцени како од битката за Нормандија. Раскрвавени тела, мајки плачат по своите чеда, а деца осамени лутаат, плачат и си ги бараат родителите. Пожарникарите ги гасат огновите, ги пребаруваат урнатините, можеби сѐ уште има некој жив под нив. Повторно паѓам, се исправам и куцајќи со едната нога сфаќам дека сум повреден. Нека оди сѐ по ѓаволите, крварам на глуждот. Но, не се предавам, продолжувам напред, ја барам неа, нејзината зграда, каде што работи или барем тоа што останало од градбата, Хотелот Ibis Consepcion каде што до пред половина час беше на нејзиното место. Студена пот ме облива, рацете ми се тресат, телото ми трепери, но продолжувам низ булеварот 154. Треба да сум со моите другари пожарникари, но мислите ми се кај сестра ми. Сигурно е добро… Продолжувам напред, во главата ми поминуваат милион мисли, само таа ми остана, само неа ја имам. „Немој и ти да ме напуштиш, даде“, лутам, не запирам, уште минута имам пеш, ова е хаос, како одеднаш да се случуваат освојувањето на Берлин, нападот на Перл Харбор и Виетнам. Продолжувам низ трговскиот центар Mall Plaza El Trébol, прилично нова градба, којашто му се спротивставила на земјотресот со сета сила, само стаклените покриви ги нема, газам по езеро од стакло, поминувам низ под од неколку мртви тела. Пред вратата паднат столб потиснал една жена, кутрата, а била пред самиот излез. Алармот ечи низ целиот објект, црвени сирени укажуваат на евакуација, луѓето веќе одамна го напуштиле објектот, а јас го скратувам патот за да стигнам до хотелот.
Иако куцам со едната нога, болката не ја чувствувам, само една работа ми е важна. Да ја видам сестра ми жива и здрава. Продолжувам низ паркингот, се пробивам низ колите кои заедно со алармот од трговскиот интерпретираат една депресивна, ѓаволска мелодија, која звучи како олицетворение на злото. Се тетеравам низ паркингот и погледнувам пред мене, наоколу и сѐ уште не можам да поверувам дека природата може толку да му спротивстави на човекот. Хотелот Ibis Consepcion се наоѓаше пред мене и имаше што да видам, половина градба се наоѓаше распадната, пожарникарите само што пристигнаа и побрзав за да им се придружам. Поминувам низ Авенијата Pdte.Jorge. Alessandri Rodriguez, која се наоѓа пред самиот објект. Хотелот се содржи од две симетрично поставени згради. Зградата каде што треба да биде сестра ми е најразрушена. Застанувам, погледнувам нагоре и солзите сами почнуваат да ми течат, липтам како мало дете, но сепак постои надеж, не е сега ниту време, ниту место за да попуштам и да им се препуштам на емоциите. Им се придружувам на колегите пожарникари, земам опрема, го облекувам заштитното одело, ја стегам и ја припивам на грбот боцата со кислород, го навлекувам заштитниот шлем на главата и маската против отровни гасови и чад, и, игнорирајќи ги наредбите од претпосавениот, се упатувам директно кон зградата во којашто би требало да е сестра ми Нивес. Со помош на скали, бидејќи влезот е непристапен од одронот на зградата, со другарите влегуваме низ најблискиот прозорец на првиот кат. Се наоѓам во просторот, глетката е запрепастувачка, крвта бруи како вкрстени реки кои се сечат меѓу себе, гнасејќи го целиот под од мермер. Многу мртви тела наоколу, рецепцијата каде што би требало да биде сестра ми е отсечена со урнатини, а јас упорно, како лудак, започнувам да викам на сет глас:
„Нивеееес! Нивеееес! Нивеееес!!!
ГЛАВА 12
Капките од поројниот дожд насилно го милуваа асфалтот на раскрсницата каде што се пресекуваа Десеттата авенија и Јужен Гренвил. Средните жолти светла од семафорите непрекинато трепкаа, свирките од колите доминираа, надвикувајќи го дури и звукот од дождот. На олку прометна раскрсница едвај на крај се излегуваше со семафор, а не пак, без него. Пцовки ечеа на сите страни, закани за тоа кој кого треба прв да пропушти да помине, додека електричарот кој беше задолжен за санирање на дефектите од семафорите на тој дел од градот, само што пристигна и мртов ладен, кроце си го пушеше цигарето со чадорот в рака.Чепкаше нешто во трафостаницата среде тој хаос од возила, луѓе и од дождот кој земаше сѐ посилен замав. На аголот се наоѓаше аптека со црвена тенда под која на скалите кои водеа до неа, засолнети од силниот дожд, стоеја луѓе кои како на трибина од стадион само се смешкаа извикувајќи овации и воздишки и беа во исчекување да искрсне некоја тепачка среде коловоз. Наспроти аптеката се наоѓаше ресторанот „Харвард“, којшто го носеше името на славниот Универзитет во Кембриџ, Масачусетс. Неговите големи прозорци беа поставени така што и гостите внатре го следеа целиот тој театар што се случуваше тоа попладне на улицата Јужен Гренвил. Но тие беа малку попривелигирани од народот којшто стоеше засолнет пред аптеката. Гостите од ресторанот се наоѓаа како во некоја важна ложа од “Royal Albert Hall”.
Додека од зад стаклото на ресторанот го следеше целиот тој театар на отворено, глетката на Насим му ја пресече еден забрзан велосипедист кој со чанта на глава се штитеше од дождот. Ненадејно и со голема брзина, возејќи по тротоарот, помина пред него и професорот отшто толку многу се исплаши се штрекна и ја истури шолјата со кафе врз листовите кои му беа распослани на масата пред него.
„Ах, проклет да си! Идиот, каде ви е културата, дечишта невоспитани!“, извика луто станувајќи и тргнувајќи ги листовите над кои беше замислен веќе некое време. Со салфетка си ги бришеше панталоните во пределот кај препоните и ракавите, бидејќи тука најмногу се потури. „Не сте вие виновни, родителите не ви посочиле како се вози велосипед низ град, пропадната генерацијо една, кај нив е вината, не е кај вас!“
Насим зборуваше со прилично повисок тон додека сѐ уште занесено си ги бришеше дамките и одеднаш во ресторанот настана молк. Ја исправи главата и виде дека сите зјапаат во него и веднаш прекина да зборува гласно, сепак не му прилегаше такви зборови да излегуваат од неговата уста, но пуста нервоза на сѐ ќе те натера. Гестикулираше знаци на извинување кон гостите и се покаја што гласно извика и ги вознемири. Седна и го повика келнерот за да го промени чаршафот на масата и да го исчисти нередот. И додека момчето што служеше во ресторанот го правеше тоа, Насим ги држеше в рака натопените листови. Ги прелистуваше и виде дека само врз некои неважни натписи се истури кафето, поголемиот дел беа суви и неоштетени.
И во тој момент како ураган низ вратата накиснат влезе Марк, кој претходно беше договорен со Насим. Како да се наоѓаше на некоја селска ливада, го довика Насим преку десет маси.
„Насим! Пристигнав!“, извика толку гласно што и гостите кои си уживаа во мирната и пријатна атмосфера се свртеа кон него. Насим само ги преврте очите, а таман помисли дека сите заборавиле на случката со кафето од предмалку, еве го кусиот и дебел Марк настапи на сцена.
Додека се движеше кон масата на која го чекаше Насим, од што му беше накиснато палтото, капки со вода прскаа по гостите, а овој не забележуваше ништо. Само ја држеше чантата во другата рака и замалку што не удри еден од гостите.
„Како може да си таков идиот, Марк?“
„Што згрешив сега, Насим?“, го праша, правејќи се малку налудничав.
„Што викаш толку, срамота е, јас предмалку критикував еден велосипедист за неговата некултура на возење, а исти таков и дури полош доаѓа и уште од влезот го извикува моето име како да довикува овци на бачило.“
„Ај, бе Насим, да ме немаш мене, макар еден ден да не ти го кренам притисокот, ќе ти фалам, признај! Што ти е гајле за другите!“
„Потивко, не викај толку, сепак сме угледни професори, можеби некој ќе нѐ препознае. И дај му го на келнерот палтото да ти го однесе некаде на суво, сѐ направи жива вода наоколу!“
„Имаш право, Насим.“
„Момче, момче дојди!“, повторно гласно му довика на келнерот како само тој да е тука и гостите намуртено повторно се свртеа накај него.
„Ќе те молам палтово стави го на некое суво место за да се исуши и те молам внимателно и нежно, осетлив материјал е“, му се обрати на келнерот и седна спроти Насим, оставајќи ја чантата на другото столче.
„Во ред“, му кимна со главата келнерот и тој преврте очи, а Насим само ја стави раката преку очите.
„Отсега само во канцеларија ќе се состанувам со тебе, што ти станало, ме срамиш од прегеска.“
„Големиот Насим Хурамеин е засрамен пред очите на едни обични луѓе, дали е тоа возможно! Викаш јас сум бил некултурен, а ти се шеташ со дамки од кафе на панталоните.“
„Марк, ај те молам престани, претеруваш!“
„Добро, добро, ветувам крај, ја затворам устата. Ајде сега кажи ми што имаше и што е толку итно за да ми го покажеш“, Марк се потпре со лактите на масата и без да трепка гледаше во листовите пред Насим.
„Што си зјапнал?“, му се обрати Насим.
„Па, ајде, покажи ми, нели имаше нешто важно да споделиш со мене.“
„Еве вака, погледни ја оваа цела страница од симболи“, му посочи Насим и го заврте листот со А4 формат кон зачуденото лице на Марк.
Тој веднаш од шегобиец се трансформираше во сериозен и заинтересиран истражувач. Марк го збрчка челото не тргајќи го погледот од листот, ги извади очилата од предниот џеб и си ги стави на себе врз различните очи кои беа едното светлозелено, а другото светлокафеаво. Го зеде парчето хартија в рака и се внесе во напишаното.Тоа на листот беше отпечатена фотографија од триесетина симболи напишани на парче папирус.
„Каде е најдена оваа плагула, Насим?“
„Во Индискиот Океан, на островот Маврициус, деветстотини километри источно од Мадагаскар. Таму се наоѓаат седум пирамиди изградени од непознат архитект, токму среде океан. Чудно, нели? Ми го испрати мој колега кој е моментално таму и работи на ископување на локалитетите ширум островот.“
„Хм… Баш чудно“, коментираше Марк додека со едниот прст си ја кружеше слепочницата, а во другата рака го држеше листот. Го вртеше обратно, па бочно, па хоризонтално фрлаше поглед на површината од сликата, случајно окото да не му забележи нешто.
„Препознаваш нешто од тие симболи воопшто?“, љубопитно го запраша Насим и се исправи малку од столот кон листот што беше во рацете на Марк.
Марк извади од чантата една цврста опаковка од скај во која се наоѓаше специјална минијатурна лупа, која секогаш ја носеше со себе, па ја приближи до површината на листот, зумираше горе-долу додека не му се избистрија некои од симболите.
„Ќе ве замолам да ми донесете еден ‘џек’“, му се обрати Марк на момчето кое предмалку му го однесе палтото.
„Марк, виде нешто интересно, протолкува нешто, кажи ми?“
„Па, да ти кажам искрено, Насим, всушност, не знам како да ти кажам, ама сѐ е интересно, толку мистично“, рече Марк, додека поминуваше преку симболите со минијатурната лупа. „Ова парче папирус веројатно датира некаде од петти, шести век, најдоцна од единаесеттиот, кога веќе пергаментот стапил на сцена и го потиснал. По начинот на изработка можам да го препознаам тоа. Да било постаро би било во многу полоша состојба, но ова е доста зачувано. Последните години на користење на папирусот, древните народи откриле нова техника на зачувување со тоа што го премачкувале со лепливо брашно и го гланцале со слонова коска. Гледаш како нема многу оштетувања, само неколку дупки и реси од страна по рабовите. По него е пишувано со атраментум, што е вообичаено за тој период, но тоа што ми е чудно е кај симболиве. Се трудам да ги протолкувам, но препознавам само шест симболи. Другите ми се тотални анонимуси. Никаде ги немам сретнато, како што ми изгледа, ова ќе биде вториот Војничев код, но ќе ги земам дома со мене и ќе се обидам да откријам нешто… А, да, и ова можеби ќе те интересира… Уште почудно е тоа што тие шест симболи коишто ми се познати се едни од главните симболи на кои им се воодушевувале ниту помалку ниту повеќе, туку древните Маи. Погледни, овде имаме шест симболи: Сонце, Земја, Господар, Куќа, Јагуар и Небо.“
И Насим се исправи, го полазија морници.
„Но, како е можно…“
„Да, Насим, убаво ме слушна, цели шестнаесет илјади километри од Јукатан и Гватемала каде што ти истражуваше, токму од другата страна на светот, преку океаните и морињата имаме идентични симболи со оние на Маите. Кажи ми, како би можеле да ги поврземе овие две точки во светот, на толкава оддалеченост? Ова е невозможно, ова е тотален хаос. Во тоа време немало шанси да пропатувал некој од едната до другата точка, барем досега не постојат такви записи и откритија. Последен период кога биле споени сите континенти во еден, било во периодот на континентот Пангеа и само тогаш можело некако логички да се премине од еден на друг континент без да се плови преку океани, но и таа можност ја отфрламе, бидејќи тоа било пред сто седумдесет и пет милиони години и тогаш не постоела никаква интелигентна раса. Колумбо ја открил Америка во петнаесеттиот век, но и ова ми нема логика, овие симболи се од претходно. Тогаш како се поврзани овие две места? Како би можел некој да пропатува толку далеку, кога за тие цивилизации бродовите биле научна фантастика. А и попатно на друга локација би имало некакви остатоци од слични траги. Но, ова е баш како да се транспортирале со чартер лет од едно место на друго“, воздивна возбудено Марк и го испи вискито со молскавична брзина.
„Можеби и има логика сето тоа Марк“, се досети Насим. „Мене ми мириса дека тука на повидок имаме нешто многу големо. Нешто што ќе го промени лицето на целата историја, начинот на тоа како сме гледале на светот досега. Сѐ што нѐ учеле во учебниците по историја јас одамна велам дека ќе се промени.“
„Се сеќаваш на моето предавање од минатиот месец, во март, за наодите на цртежи од древните Маи на кои се исцртани чудни форми налик на вселенски летала?“
„Да, Насим, се сеќавам, можеби си имал право, а многумина се исмеваа со тоа и гледаа со потценување, критиките беа огромни, меѓутоа ќе им докажеме дека не се во право тие квази научници.“
„Марк, јас тврдам дека тие цртежи што ги презентирав тогаш пред студентите и дека ова парче папирус се некако поврзани. Но, сето тоа ќе го дознаеме кога ќе ги протолкуваш и останатите симболи и хиреоглифи. Токму тие шест симболи ги имам честопати среќавано низ моите авантури во џунглите, но никако не можам да ја спојам клучната алка што ги поврзува. Многупати на моите експедиции низ џунглите во Гватемала имам среќавано цртежи од древните Маи, од нивните обреди, од нивниот познат календар кој бил неверојатно точен, нивните сточарски и земјоделски занимања, случки од секојдневниот живот и сум забележал дека овие шест симболи се неизбежен дел во секој од нив. Честопати на сите тие цртежи во позадина има предмет налик на правоаголна форма на кој се исцртани токму истите симболи. Затоа и ме полазија морници предмалку и започнав да треперам. Како тој предмет да е неизоставен дел од нивниот живот. Како да ги следи насекаде. Мора да има објаснување, можеби одговорите ми се пред носот, а не можам да ги воочам и да ги разберам. А, речиси целата кариера ја вложив во овие истражувања…“
„Насим, јас ќе го земам ова парче хартија и ќе го проучам подетално дома. Таму имам одлична опрема и нормална, мирна атмосфера за работа, за разлика оттука во ресторанов со овие развревени без’рбетници кои по цел ден пијат кафе и ручаат во фини одела и си мислат дека светот се врти околу нив.“
„Момче, ќе те молам донеси ми го палтото, тоа најубавото“, самоуверено му се обрати Марк на келнерот. Си ја спакува лупата назад во футролата, ги собра наочарите и ги пикна во чантата. Листот го превитка четири пати и го стави во внатрешниот дел од палтото.
„Пријателе, одам, вакво нешто нема време за чекање. Се слушаме кога ќе имам нешто конкретно, а ти остани ми со здравје. Пријатно!“
„До гледање, Марк!“, се отпоздравија без физички контакт, а Марк се упати кон излезот, додека Насим остана замислено да зјапа низ стаклото, каде што надвор сѐ уште се одвиваше бесплатниот театар и капките дожд засилено удираа по асфалтот.
ГЛАВА 18
Изминаа две недели од средбата со двајцата професори, јас и сестра ми Нивес се поздравивме со Хермила, ја гушнав толку силно небаре ми е мајка. Можеби не ни беше родена, но со сестра ми ја засакавме толку многу, доволно за да ти недостига кога си одвоен од неа. Време беше да се тргне на пат кон непознатото. Стоев на платформата која што си ја направив за себе, гледајќи во платото каде што ветрето ја милуваше шумата по своите зимзелени дрвја и се прашував, каде, всушност, патувам, па нели требаше да го најдам својот мир тука во Ванкувер? Погледни ги сите тие дрвја… Тука се откако знаат за себе. На истото место каде што никнале, не можат да се поместат, бидејќи ако ги откорнат и ги засадат на друго место, во друга земја, највероватно ќе се исушат. Така е и со луѓето, кога ќе се одвоиш од твоето родно место, еден дел од твојата душа умира, парче се откинува, се суши исто како дрвјата, но ние секогаш бегаме од своите огништа барајќи нешто што и самите не знаеме што е тоа, а потоа се чудиме што сме такви крути, изнемоштени, депресивни. Погледнав таму на хоризонтот баш во лединката каде што се случи убиството. Можеби не требаше да бидам овде тој ден и да го видам сето тоа… Но, судбината бира, а тогаш ме избра мене. Се збогував од Хермила, од мојата куќа, дворот за кого ѝ дадов задача да се грижи додека не сум тука. Се збогував исто така со Ник, капетанот на мојата пожарна бригада каде што работев и по којзнае кој пат ме разбра дека не сум во состојба периодов да се вратам на работа комплетен и сѐ уште се прашував како ме толерираше. Но, добар човек беше, можеби ме засака, па не сакаше да ме изгуби од својот тим. Зедов одмор три месеца, бидејќи не знаев колку време ќе се задржиме во џунглата. Интересно звучи, авантуристички, но читав каква немилосрдна може да биде… Авионот полетува за два часа, сѐ е спремно, ќе летаме за Мексико, сестра ми ми довикна од долу дека е време…
Беше шест часот изутрина. Со Насим и Марк треба да се најдеме за еден час пред аеродромот во Ванкувер. Предметот со симболите го спакувавме нормално во куферот, немавме намера да го криеме, бидејќи така само можевме да навлечеме сомнеж. За момент се присетив на куќата која ни ја сруши земјотресот и каде го поминав целото детство во Консепсион. Ах, сѐ би дал сега да се вратам назад во времето на свои 13-14 години…
Малата избледена фотоградија сѐ уште ја чувам во паричникот, каде со Нивес имаме по 13 години и сме со своите родители на некој пикник среде голема расцутена зелена ливада каде насекаде имаше цветови од лапагерија. Ја немав погледнато од денот кога се случи земјотресот, од 27 февруари, тој проклет ден. Сега повторно ја држев во раце додека бев далеку од својата земја. Ја погалив сликата со едната рака и на очиве ми навираа солзи кои беше тешко да се задржат, исто како и што спомените не можеш да ги избришеш. Една солза ми капна врз сликата, баш каде што се наоѓаа моите родители. Ја избришав солзата од сликата и слушнав некој чуден звук на зуење. Кога ја исправив главата тоа беше тука, право пред мене и ме гледаше толку безгрижно.
„Кај си другарче, ти не се плашиш од мене? Постојано ме следиш, толку ли сум ти интересен? Бегај од луѓето, злобни се, ќе ти наштетат… Нема некое време да се видиме, ќе патувам… А ти да бидеш тука кога ќе се вратам.. И за миг одлета назад во шумата.
Тоа беше истото колибри кое Сантијаго го виде по трет пат. Можеби и тоа дојде да се поздрави со него.
Време беше да се тргне, ги натоварија куферите во колата и се упатија кон аеродромот…
(извадок од романот „Храмот на натписите“ во издание на Литература.мк, Скопје, 2021)
Роден на 08.04.1988 год. во Скопје.Основно училиште завршил во “Партенија Зоографски” во Скопје.Средното училиште го продолжува во “Ѓорѓи Димитров” исто во Скопје, додека Факултет запишува во 2008 год. на катедрата за Географија, во склоп на Природно Математичкиот Факултет во Скопје, на кој во самиот финиш ги остава студиите во мирување.Желбата за пишување му се јавува на негови 22 години каде започнува со пишување на својот прв роман, кој по 7 години на почетокот од 2019 год. конечно ќе го објави под името “Странец под Алпите” преку издавачката куќа “Мартина” каде се печати во многу мал тираж од само 300 примероци и достига солиден успех.Веднаш потоа во временски период од 10 месеца го пишува својот втор роман “Храмот на Натписите” кој го завршува во Фебруари 2020 година, еден месец пред да се прогласи светската пандемија од вирусот Ковид- 19...