Elementi Logo

КИЛАВИ ДОЛГОВИ

Backgorund

Килави долгови
Наплатните рампи кријат многу повеќе
од борци за здив.
Средбите со семејствата што патуваат
спротивно од првозапалениот оган
се наивна рутина
што им ги длаби коските
во ревносните мечти
заглавени над очите.
При застој, извиците ги предводат
трнливи самогласки
и наместо игли им ги пробушуваат
ушните тапанчиња,
а потоа скришно бегаат назад,
да не останат забележани во метежот.
Оддалеку, мракот им ползи
кон занишаната свест.

Заветници
Еднолично вперени кон себеси
го корнат семејниот фитил и го палат
во ритамот на паганската потсвест,
се лулаат да земат сила
од светилка да направат силуета.
Нивната празнина отсликува цели народи
и дел од идните поколенија,
зашто на прсти им се бројат
верните на селидба
во душата на огнот.

Мал тестамент
Овој пат стана зграда
на заборавени души.
Ветровиот глас личеше
на звук од приспивна харфа,
со кој каменот стануваше
сѐ поусвитен и помазен.
Сите се гледавме во него.
Се криев ко никулец
во процепот на калдрмата.
Немав никој – доволно ми беше само името
и зрната изгазени.
Чија беше оваа немајчина желба
камену излитен?
Не, ниту ти не знаеш.
Истите денови и тебе
те надживуваат.
Камо да ја имаш таа среќа
да те погали детска рака,
да израснеш со душа
каде орлите ги шират крилјата
со жед за слобода.
А ти, во ноќите да помислиш
на твоите зрна.
И ние да бидеме
орелски јата!

ЗА АВТОРОТ

Пепи Стамков

Пепи Стамков е роден на 7.6.1999 во Скопје, иако целиот живот го поминал во Гевгелија, каде завршил основно и средно образование. Дипломирал во 2023., на Катедрата за македонска книжевност и култура, на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Пишува поезија, есеи и книжевна критика. Неговите песни се објавени во стихозбирките „Метрички карван“, во електронското списание „Репер“, како и во најстарото македонско книжевно списание „Современот“ (каде, покрај песните, објавил неколку есеи). Коорганизатор е на второто издание на фестивалот „Коронијалс“. Добитник е на наградата „Блаже Конески“ која ја доделува Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, за есеј на тема: „Раскажувачкото мајсторство на Блаже Конески“.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ