Elementi Logo

ТЕОРИЈА НА СВЕСТА

Backgorund

Извадок од романот „Мртвите знаат најдобро“, добитник на наградата Пегаз за 2020 година. Автор: Владо Јаневски

ТЕОРИЈА НА СВЕСТА

Што ќе ти се случи ако почнеш да им веруваш на гласовите во твојата глава? Фуриозо понекогаш им веруваше. Денот најчесто го почнуваше со појадок и утринско кафе во блиската кафетерија. Секогаш седнуваше на истото место, длабоко во аголот, на маса со неколку столови. Сакаше да му се сервира кафето откако ќе завршеше со појадокот. Тогаш му се придружуваше и неговата имагинарна пријателка, Мерилин Монро. Кон друштвото се приклучуваше и исто толку имагинарниот Ајнштајн, кој најчесто молчеше задлабочен во некои свои нови теории. Научникот не престана да работи и по смртта. Мерилин немаше ништо против да му биде имагинарна пријателка на Фуриозо, а за присуството на Ајнштајн на Фуриозо не му беше јасно која би можела да биде причината, бидејќи додека одеше на училиште не беше по науката и секогаш бегаше од часови по физика.
„Навистина, не знам зошто си тука“, овој пат му рече на Ајнштајн.
„Можеби ова ти е некој вид казна за тоа што си бегал од часови“, му рече научникот.
„Да наздравиме за убав ден и за убави работи“, рече Мерилин кревајќи го филџанот со кафе.
„И за бројот триесет и еден“, Фуриозо го подигна својот филџан.
Ајнштајн не рече ништо, ниту наздрави бидејќи не пиеше кафе. Побара само чаша вода.
„Зошто триесет и еден?“ Мерилин го праша Фуриозо.
„Стигнаа до триесет и првиот кат“, тој ја потсети на градежните работи на новата зграда што се издигаше на крајот од улицата. Наздравуваа за секој новоизграден кат. Всушност, наздравуваа за секакви промени што ги забележуваа наоколу. Минатиот пат Фуриозо наздравуваше за своите нови чорапи со ликот на Мики Маус.
„Утринава поминував оттаму и погледнав нагоре, но не забележав нов кат“, рече Мерилин.
„Верувај ми, кога сум те излажал?!“
„Те молам, подај ми го весникот“, го замоли Ајнштајн.
Фуриозо се пресегна и го зеде весникот од кошницата што му беше на дофат. Се потруди да ја најде страницата со крстозбори и така отворен го стави весникот пред научникот. Имаше забележано дека Ајнштајн може да помине часови решавајќи крстозбори.
„Благодарам“, рече Ајнштајн пред да се задлабочи во крстозборите, сакаше и анаграми, но никогаш не погледнуваше во судокуто.
„Зошто не сакаш судоку?“ еднаш му забележа Фуриозо.
„Губење време“, рече Ајнштајн.
„Дали некогаш ќе престанеме да се убиваме?“ Мерилин сосема неочекувано праша откако отпи од кафето и си го избриша размачканиот кармин од долната усна.
„Не“, без многу размислување рече Фуриозо.
„Зошто?“
„Затоа што насилството е дел од човечката природа.“
„Дали може да се промениме?“
„Не ми се верува“, рече Фуриозо.
„Сè е релативно“, си помисли Ајнштајн додека ги слушаше двајцата.
„Што се случува по смртта?“ праша Фуриозо.
„Мртвите знаат најдобро“, рече Мерилин.
„Зборуваш од искуство?“
„Јас сè уште не сум комплетно мртва… Живеам во твојата фантазија, нели?“ го потсети Мерилин.
„Сум ги гледал повеќето твои филмови и понекогаш си замислувам дека личам на тебе“, рече Фуриозо.
„Личиш. Особено со твоите влакнести, криви нозе“, Мерилин почна неконтролирано да се смее. На Фуриозо му стана непријатно, но ја остави да се изнасмее.
„Мислиш дека се шегувам, но така се чувствувам однатре, ако знаеш на што мислам“, ù рече.
„Не знам“, рече Мерилин.
„Ти се допаѓа мојата фантазија?“
„Сум била дел и од подобри фантазии.“
„Сигурно не толку скоро. Помладиве генерации речиси те заборавиле. Којзнае дали веќе воопшто умеат да фантазираат“, рече Фуриозо.
„Ако продолжиш вака зајадливо, ќе те оставам сам во ќошов со твојот измислен Ајнштајн“, му се закани Мерилин.
„Не го одговори моето прашање“, ја потсети Фуриозо.
„Што се случува по смртта?“
„Да.“
„Прашај се што се случува со домот кога семејството кое живеело во него ќе го напушти и секој ќе замине на своја страна“, рече таа.
„Домот почнува да се распаѓа и на крајот умира, исчезнува“, рече Фуриозо.
„Јас мислам дека домот продолжува да живее во сеќавањата на оние што еднаш живееле во него и тој ќе живее додека и тие се живи и додека продолжуваат да ги пренесуваат спомените за домот на своите поколенија и пријатели“, објаснуваше Мерилин.
„Човекот не е дом“, рече Фуриозо.
„Секој човек е дом на безброј атоми. По смртта атомите продолжуваат да постојат и понатаму“, најпосле се јави и Ајнштајн.
„А што се случува со свеста, изчезнува?“ го праша Фуриозо.
„Свеста е дел од секој од атомите што го сочинуваат човекот, секое живо битие и сè друго што постои“, рече Ајнштајн.
„Дали ова е некоја од твоите нови теории?“
„Може да биде – теорија на свеста. Има уште многу да се работи додека ја комплетирам. За почеток, ако успеам да ја објаснам на наједноставен начин за да ја разбере некој како тебе, тогаш сум на добар пат.“
„Обиди се.“
„Замисли дека атомот е голем колку едно фудбалско игралиште“, започна Ајнштајн.
„Замислувам.“
„Тогаш што мислиш, колку би било големо јадрото?“
„Колку фудбалска топка?“ претпостави Фуриозо.
„Уште поситно, колку зрнце грашок. Денешната наука вели дека во преостанатиот празен простор во тоа фудбалско игралиште орбитира еден или неколку електрони кои се уште поситни од зрнце грашок.“
„Поситни од зрнце песок?“
„Поситни од прашинка. Што мислиш, што би можело да има во преостанатиот празен простор од замисленото фудбалско игралиште?“
„Не знам, забораваш дека бегав од часови по физика.“
„Свест.“
„Свест?“
„Токму така“, рече Ајнштајн. „Тој навидум празен простор во секој атом е свест. Целиот универзум е исполнет со таква, космичка свест. Ние сме составени од таа свест и од имагинација. Се разбира, засега ова е само теорија, но моите првични пресметки покажуваат дека свеста, која сите овие векови наназад ја баравме под дрво и под камен и насекаде во мозокот, се крие токму во самиот атом, во секој атом, го исполнува целиот универзум. Со помош на таквата свест и со нашата имагинација ние го креираме просторот околу нас и сите форми во него. Математички ваквиот модел е сосема одржлив. Моментално работам на ментален експеримент со кој ќе покажам како е тоа можно. За понатаму ќе видиме.“
„Јас ништо не го разбирам“, Мерилин му шепна на уво на Фуриозо.
„Немој да мислиш затоа што сум стар не можам да чујам што шепотиш“, ù рече Ајнштајн.
„Престанете и двајцата. Не заборавајте дека сте само производ на мојата фантазија“, ги прекори Фуриозо и погледна наоколу. Во кафетеријата немаше многу муштерии, секој беше потонат во своите мисли додека го пиеше утринското кафе.
„Фантазија – токму тоа се обидувам да ти кажам“, Ајнштајн го затвори весникот. „Сè што гледаш наоколу е производ на космичката свест за која пред малку ти зборував, и на твојата фантазија. Кога си замислуваш дека ова не си го замислуваш туку само го доживуваш, тоа е реалност.“
„Овој почнува да ме загрижува“, на Мерилин почнаа да ù се тресат рацете. Стана од столот и зачекори кон прозорецот.
Фуриозо се вознемири, ја следеше со поглед. Се плашеше дека таа ќе направи некоја сцена и ќе го вовлече во непријатна ситуација. Уште помалку сакаше таа да истрча на улица додека тој седеше на масата со Ајнштајн. Научникот исто така се вознемири, како да очекуваше Фуриозо ненадејно да си замине од кафетеријата и да го остави зад себе како изгубено време.
За среќа, Мерилин вдиша длабоко и се насмевна со намера да ја промени темата на разговор.
„Зошто не зборуваме за времето надвор?“ рече таа. „Погледнете низ прозорецот – прекрасен ден, како измислен да возиме некаде во природа.“
„Одлична идеја, баш ми се вози покрај брегот“, рече Фуриозо и стана да ги плати појадокот и кафето.

Извадок од романот „Мртвите знаат најдобро“, во издание на Арс Ламина, Скопје, 2020 г. добитник на наградата Пегаз.

ЗА АВТОРОТ

Владо Јаневски

Владо Јаневски е македонско-австралиски писател, сликар, илустратор, стрип уметник, светски патник и до неодамна активен на полето за истражување и развој во водечка светска компанија. Објавени дела: роман „Мртвите знаат најдобро“ („Арс Либрис“, Скопје, 2020), роман „Чудо зад аголот“ („Магор“/„Пагома прес“, Скопје, 2020), роман „Под друга капа“ („Магор“, Скопје, 2019), роман „Made in Jabana“ („Слово“, Скопје, 2004), збирка наградувани раскази „Нема враќање“ („Студентски збор“, Скопје, 1985). Неговиот најнов роман „Смртта не е крај“ е во подготовка и наскоро би требало да биде објавен во издание на „Арс Либрис“, Скопје. Добитник е на наградата за најдобро сценарио за долгометражен игран филм на Меѓународниот фестивал на филмски сценарија Скрипт фест 2021 за сценариото „Под друга капа“и на наградата Пегаз за роман на годината во Македонија за 2020 г. за романот „Мртвите знаат најдобро“. Повеќепати бил наградуван и на конкурсите за раскази на „Студентски збор“ и „Нова Македонија“. Застапен е и со наградувани раскази во книгите „Електролит 2006“, „Електролит 2007“ и во списанијата за литература „Маргина“ („Темплум“, Скопје, 2006, 2007, 2008) и „Балкански книжевен гласник“ (Белград, 2007 и 2021). Изложувал во Сиднеј и на интернет. Неговите слики се дел од приватни колекции на повеќе места во светот. Објавувувал карикатури во познатиот Австралиски магазин “The Bulletin with Newsweek”. Неговиот дневен стрип “As Long As We Try” редовно се објавува на Фејсбук и го следат поголем број читатели. Од средината на март 2021 почна да работи на својот најнов стрип „Палавковците“ кој освен на Фејсбук се објавува на неколку портали и во магазинот „Везилка“.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ