Од „Глава што лебди“
По завршувањето на шестиот час, вратите треснаа и надвор излета толпа од глаголи, именки, бројки и придавки. Се групираа и поаѓаа кон своите маала, бидејќи прилозите и честичките ги чекаа дома. Три глаголи и две именки, едната oпшта, другата aпстрактна, се тргнаа настрана и го фатија патот кон булеварот. Ги влечкаа нозете по тротоарот додека усните им се движеа брзо, правејќи разни гримаси, а рацете мавтаа во воздухот, како да диригираа на невидливиот оркестар што свиреше улична симфонија. Очите им се ококоруваа, па се гужваа, а веѓите потскокнуваа при секое преувеличување на фактите, при секој неочекуван израз или случајна возбуда. Зборуваа за Придавката од нивната група.
Придавката беше најпопуларна од сите групи. Сите ја викаа „Придавка Број Еден“. Секогаш беше многу модерна, интересна и привлечна. Згора на тоа, беше паметна и добра. Всушност, не добра, таа беше најдобра. Секогаш беше учтива и дарежлива. И не само што беше паметна, туку и мудра. Таа никогаш не дозволуваше глупави, наивни, невоспитани злонамерници да ѝ го нарушат совршеното расположение. Токму поради тоа немаше ниту една подобра од неа. Останатите придавки беа толку заинтересирани за неа што понекогаш се чувствуваа безначајни. Како никој да не ги забележуваше во нејзина близина.
Придавката Број Еден беше најсакана и најпочитувана и од поголемите и од помалите од неа. Можеби тоа беше така бидејќи покрај сѐ, таа беше и богата. Секогаш се облекуваше раскошно, дури некогаш премногу грациозно и софистицирано во споредба со останатите во нејзината средина. Сите беа занесени од нејзината појава. Насмевката ѝ беше широка и блескава, очите големи и ведри, косата бујна и кадрава, телото витко и лесно. Да, во очите на сите, таа беше совршена. Ако беше подебелка или ако имаше поситни очи можеби немаше да биде толку позната бидејќи ќе ја сметаа грда, чудна и несфатена од околината или, како што би рекле малку поголемите, „екцентрична“, или така некако. Но никој не помислуваше на тоа. Сите ја обожуваа и зборуваа за неа токму бидејќи беше таква.
Оддалечувајќи се полека од училиштето, се оддалечија и од темата за Придавката и поразговараа за подметите и прироците од погорните одделенија. Патем, искритикуваа некои предлози кои се движеа еден зад друг од другата страна на улицата. За тоа време интернационализмите и нивната најпопуларна група, веќе беа стигнати на крајот на булеварот и артикулираа гласни звуци пред да се разделат секој на своја страна.
Откако ги исцрпија речиси сите теми за разговор, двата глаголи и трите именки бараа друга тема. Имаа уште време за муабетење пред да се разделат. Тогаш Апстракната Именка се сети на случката со Заменката од групата број четири. Никој од останатите немаше чуено за тоа. Именката, горда и задоволна што ќе ја соопшти најважната вест на денот, што не беше поврзана со Придавката, се пододвои од групата за другите да можат повнимателно да ја следат. Апстракната Именка раскажа како дознала дека тоа утро една Заменка толку се збунила и се засрамила пред сите што се вцрвенила, се затворила во тоалетот и останала таму неколку часа. Имено, Заменката имала потешкотии при решавање на некаква задача и некоја Апстрактна Именка од таа група ѝ помогнала. Најпосле ја решиле. Тогаш, Заменката со цел да ја пофали пред другите за Именката кажала „таа“ наместо „тој“. Именката толку луто ја погледнала што на Заменката ѝ затреперил гласот. Според изгледот и звукот на Именката, очигледно било дека „таа“ ѝ одговарало најмногу. Но, сепак Именката не се чувствувала така. „Таа“ се чувствувала како „тој“...
Тука Апстрактната Именка подзастана, очекувајќи реакција од останатите. Трите глаголи и Општата Именка ги ококорија очите и извикаа едно „АУУ!“. Потоа Општата Именка се уфрли, тврдејќи дека таа самата никогаш немала такви проблеми, но дека чула дека апстрактните именки имале ист проблем како оној на апстрактната именка од групата број четири. Од друга страна, пак, нејзе, како општа именка, ѝ се случувало некогаш да ѝ го згрешат родот или бројот, но таа секогаш ги поправала и си останувала иста. Апстрактната Именка продолжи да раскажува. По кратко, јавно и гласно објаснување од страна на Апстрактната Именка од групата број четири во училницата, останатите сведоци на таа чудна збрка се збуниле. Некои се муртеле, некои се смееле, едни ја заземале страната на Именката, други на збунетата Заменка. Набргу, Заменката сфатила дека местото не ѝ било таму. Сфатила дека не е лесно слепо да се води по претпоставките што претходно се испоставувале точни. Сфатила дека има отстапувања од правилата, дека не секогаш работите се онакви како што изгледаат и дека таа не е секаде исто прифатена. Од тој момент па натаму, Заменката сфатила дека ќе мора секогаш да го доведува во прашање своето постоење.
Всушност Заменката имала нешто што постарите го нарекуваат „егзистенцијална криза“. Да, токму така го нарече тоа Апстрактната Именка – „егзистенцијална криза“. Кога ги кажа овие зборови, останатите два глагола и Општата Именка се запрепастија бидејќи не знаеја што значи тој израз. Се разделија кај раскрсницата и се упатија секој кон својот дом. Иако самите не го дознаа неговото точно значење, на некој начин тој израз беше почетокот и на нивната егзистенцијална криза. Почеток на многу прашања што им ги поставуваа на своите возрасни Прилози и Честички што немаа крај. Одговорите, пак, беа различни, но секогаш слични. Прилозите велеа „Утре ќе зборуваме“ или „После ќе ме прашаш, чекај сега“; Честичките велеа, „Ќе ти кажам кога ќе пораснеш, баш сега ли ме најде“. И така глаголите си глаголуваа по свое, некои именки за да им се допаднат станаа глаголски, некои си ги сменија заменките, збунетите заменки полека почнаа да си ја прифаќаат новонастанатата ситуација, а придавките стануваа се „поелоквентни“, „покул“ и „небинарни“.
Среќавајќи се после многу години, некои што не можа да се сместат во јасна и убава реченица им љубомореа на другите, некои експериментираа со себе и пробуваа најразлични броеви и родови, други пак се преобразуваа во илјадници кованици.
Марија Ангеловска пишува поезија и проза. Учествувала на неколку книжевни конкурси во Македонија, а нејзините дела се застапени и во регионалната збирка „Ракописи 41“. Во 2021 година ја објавила збирката раскази „Глава што лебди“ со која ја освоила наградата „Новите!“. Три нејзини раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).