(дел 3 од поглавјето „Месијанската болест“ – Елеазар и Андес одат во занданата за да разговараат со остарениот маг Баал-тус-сар за вистинскиот месија, Избраниот)
Тврдината Махеронт ги беше зарила своите масивни ѕидини во грбот на сурова карпа, од која кон запад се отвораше поглед кон Мртвото Море и Јудејската пустина, а кон исток – кон голите ридови на Набатејското кралство. Со тврдината управуваше Манаис, стар џелат кој уште служел кај Ирод Велики. Сè уште силен и вешт, со мала посада на стражари ги чувал одбраните затвореници на Ирод.
Манаис ги познаваше од порано, накратко ги извести за заробеникот. Старецот се вика Баал-тус-сар; во младоста бил почитуван ѕвездочитач, но во староста морално паднал, се пропил, залутал и се задолжил кај Ирод Антипа. Бидејќи не можел да го врати долгот, завршил во Махеронт, каде чекал откуп или Иродова милост. На Елеазар му беше мачно од устата на џелатот да слуша за моралниот пад.
Ги воведе во утробата на тврдината. Ги заплисна смрдеа од мувла, валкани човечки тела, излачувања и крв, што го потсети Елеазар на престојот во ќесариската зандана. Одејќи по ходникот, од ќелиите во нив зјапаа грабливи лица, измачени, остарени во копнеж по слобода, исушени од страв. Манаис со факелот го осветлуваше патот до крајот на ходникот и запали кандило на ѕидот. Срамежливата светлина ја облеа внатрешноста на последната ќелија и контурата на човечко тело во неа.
— Тој е — рече Манаис и си замина.
Елеазар ги напрегна очите во полумракот, му се обрати на затвореникот на грчки.
— Приближи се, не те гледам.
Завиткан во партали, обрисот со тешки чекори се доближи до решетките. Се појави ќелав и разок старец. И покрај разокоста, имаше продорен поглед. Издолженото, коскесто лице му беше обраснато со долга седа брада. По парталавата облека и смрдеата, Елеазар заклучи дека старецот е долго во зандана.
— Можеме и на домашниот јазик — одговори старецот на арамејски.
Елеазар кимна и го одмота свитокот папирус со пораката.
— Ова ти му го напиша на големиот тетрарх?
Старецот трепкаше со разоките очи.
— Јас.
— Ти си Баал-тус-сар, нели?
— Јас сум. А како се викаш ти?
— Јас сум Елеазар, а ова е Андес.
— Елеазаре, како се вика татко ти? — го изненади со прашање.
— Јуз Асаф Арматаим.
Веѓите на старецот скокнаа.
— Го познавам татко ти, чесен човек. Реткост за трговец. А интересен е и твојот избор на занает.
— Остави ме мене и татко ми, да се вратиме на пораката — строго го прекина Елеазар. — Значи, големиот тетрарх Ирод нè испрати да утврдиме дали е вистина тоа што си го напишал?
Баал-тус-сар се насмевна, ги покажа зачуваните заби.
— Не мораш да бидеш толку службен. Да разговараме како татко и син. Но насамо…
Елеазар и Андес се погледнаа, па Андес без збор замина.
— Те слушам — Елеазар сакаше што побрзо да го заврши разговорот и да побегне од смрдеата.
— Те интересира дали пораката е вистинита. Вистинита е.
— Докажи.
Старецот отсутно се насмевна.
— Нема докази, можеш само да ми веруваш на збор.
Елеазар полека го губеше трпението.
— Од твојата приказна зависи дали ќе излезеш жив одовде.
— Добро, кога си запнал: бев на неговото раѓање.
Елеазар недоверливо ја накриви главата.
— На раѓањето на месијата?
— Значи, Елеазаре, сине на Арматаим, знаев дека Ирод Антипа ќе испрати некого да провери дали ја зборувам вистината. Тој, како и неговиот татко Ирод Велики, е болесно чувствителен на секоја навестување на загрозување на својата положба. Затоа ги има вас, ловците на месии. Во работата со месиите се неизбежни недоразбирања, погрешни толкувања и претерувања. Сите распнати со кои ги украсивте крстовите можеби се бунтовници и убијци на Римјани, но месии сигурно не се.
— Како знаеш дека тој на чие раѓање си бил е вистинскиот месија?
— Иако Вавилон одамна го изгуби сјајот, во него и понатаму живеат најучените магови, од кои уште како млад ги научив сите тајни на ѕвездочитството. Бев почитуван и богат. На секој полуписмен маг од Индија до Херкуловите столбови му е познато пророштвото за доаѓањето на месијата што ќе го сруши стариот и ќе создаде нов свет. Прашањето е дали некој ќе ги препознае знаците на доаѓањето? Препознај солза во дождот. Кога пред триесет години ѕвездата на Ефраим засјаи над Вавилон, моите сопатници Мелк-ки-орр, Ка-ес-парр и јас ги отворивме тајните свитоци и го препознавме знакот: времето на месијата пристигна. Возбудени, тргнавме кон запад, следејќи го знакот на небото. Во сиромашна штала недалеку од Ерусалим најдовме мајка во породилни маки. Набргу роди машко дете. Мајката беше уште девојче, а таткото постар човек. Дојдоа од некаде од Галилеја. Породилните болки ја фатија на пат и така се породи меѓу стоката. Сите знаци се вклопија. Бевме надвор од себе од среќа, го дарувавме детето со дарови, како што му прилега на месијата. Но, небрежно, на глас зборувавме за него. Тогаш со Јудеја владееше Ирод Велики. Бевме странци, не знаевме за неговата месијанска параноја. Испрати ловци да го убијат детето. Во последен миг детето со родителите го сокривме во Египет. Не знаејќи кое дете е идниот месија, Ирод Велики нареди во околината да се убијат сите машки новороденчиња. За секој случај. Знаеш ли дека тогаш главниот ловец беше нашиот заеднички познаник, Манаис? Смирено ја спроведе Иродовата заповед…
Елеазар внимателно го слушаше старецот. Зборовите му течеа уверливо. Му изгледаше бодар, како престојот во занданата да не му наштетил на умот и телото.
— И каде е сега тој месија?
— Не знам. Откако ги испративме во Египет, побегнавме од Иродовиот гнев назад во Вавилон. Му ја изгубивме трагата. Денес е зрел маж, чекори некаде по оваа земја, подготвен да го исполни пророштвото.
— Каде се твоите сопатници? Мелк-ки-орр и Ка-ес-парр?
— Одамна не се повеќе на овој свет.
Пламенот во кандилото затрепери како да ќе згасне, сенките танцуваа по лицето на старецот. Тишината ја нарушуваше пукањето на жарот што повторно се разгоруваше.
— И нема никого жив што може да ја потврди твојата приказна?
— Нема.
— Родителите на детето?
— Ти реков, им ја изгубив трагата. Можат да бидат било каде, ако се уште се живи. Човек не мора да види за да верува. А јас верувам во пророштвото: напролет, во триесеттата година од својот живот, месијата ќе почне да проповеда и по неколку години, пред смртта, ќе ја пронесе Речта што ќе го промени светот…
— Рече „пред смртта“? Зар месијата ќе умре?
Старецот го искриви лицето во гримаса што имитираше насмевка.
— Да. На крст.
Елеазар ја затресе главата во неверување.
— Се лажеш, старче. Светите списи зборуваат за месија што ќе дојде да ги предводи најхрабрите синови на Израел и да ги уништи сите непријатели. Месијата нема да оди на прсти и да шепоти, туку ќе чекори како војник и ќе грми како молња што расцепува столетен кедар. Месијата е војник-поет. Меч и лира. Богот на Израел и неговиот избран народ, заедно!
Баал-тус-сар очајно одмавнуваше со главата.
— Не, месијата нема така да дојде. Ќе дојде незабележливо, како тивка вода, во партали ќе ја носи Речта и ќе умре напуштен од сите, па и од најверните. Но Речта ќе остане, како ехо ќе патува низ светот. Оваа пролет наполни триесет. Тргна на својот пат, Елеазаре…
Елеазар и Баал-тус-сар се надмудруваа со погледи. Разокото око на старецот гледаше урокливо.
— Зошто токму сега? Зошто не тргнал порано, како млад човек во полна сила?
— Треба да се погоди вистинското време. Да бидеш прерано во право значи да бидеш во криво.
— А сега е вистинското време?
— Да.
— Последно прашање, старче: како се вика?
— Не му го знам вистинското име. Го викаат Босоногиот. Светлокос и синокос, велат.
— Кој вели?
— Гласовите… — Баал-тус-сар се доближи сосема до решетките, зборувајќи уверливо. — Сите ние, Елеазаре, сме слепци во пештера во потрага по одамна изгаснат пламен. А тој го носи во себе, го чува. Тој е чуварот на огнот со кој ќе го запали светот… На твое место, би го побарал кај пустиникот што на Јордан им ги мие гревовите на луѓето.
— Кај Јоханан Ха’Матбила? Лудакот што јаде скакулци и ги кори луѓето?
— Да. Од него ќе почне. Така велат светите списи.
Старецот замолкна, уморно се потпре на мувлосаната постела, ја наслони главата на решетките.
Елеазар размислуваше, се намурти.
— Зошто ми го кажуваш сето ова? Зар не треба да премолчиш, да сокриеш од мене сè што знаеш?
— Сакам да го забрзам она што мора да се случи.
— Зошто? Зар јас ќе бидам тој што ќе го стави вистинскиот месија на крст?
Баал-тус-сар зборуваше бавно, уморно.
— Што е запишано, ќе се случи. А јас го кажав она што имав да го кажам. Сèедно ми е дали ќе ме ослободиш или ќе цркнам овде, спокоен сум затоа што ја исполнив својата мисија. Кога човек е млад, сам се опасува и оди каде што сака, а кога ќе остари, ги раширува рацете за другите да го опасаат и да го водат каде што не сака. Стар сум, очите ме издаваат, но гледам отаде границите на нашиот тесен свет, отаде сопствениот мрак. И јасно гледам…
Старецот се одвлече во длабочината на ќелијата, вртејќи му грб на Елеазар. Разговорот беше завршен.
Превод од хрватски јазик: Сашо Огненовски
(Извадок од романот „Нека биде така“, издание на Сандорф, Загреб, 2025)
Роберт Меѓуречан (Загреб, 1969) заработи номинации на сите конкурси за книга на годината со својот прв роман, дрскиот антивоен памфлет „Продавајќи почести, првиот сопственик“ (2008). Неговиот втор роман „Кога јагнињата ќе замолчат во Здихово“ (2011) ја продолжува книжевната пресметка со девијациите од блиското минато. Покрај пишувањето романи, тој пишува и сценарија, драми и компонира. Моментално живее и работи во Минхен. Како учесник во татковинската војна, тој е горд што не искористил ниту една од придобивките што можел да ги има.