Предвод од српски на македонски јазик: Елена Петковска Ѓорѓиевска
Има една приказна за маестро Андрес Сеговија. Го прашале маестрото, длабоко завлезен во својата десетта деценија, што му е најомилиот спомен од неговиот богат и исполнет живот.
Се знае дека маестро Сеговија свирел до последниот ден, планирал мастерклас и го бирал репертоарот за претстоечкиот концерт. Престанал да излегува, но ги примал пријателите во својот мадридски стан на авенијата Конча Еспина. Последното дело што го отсвирел, а има и доказ за тоа, било алегретото на Мануел Понсе, на неговиот концерт во Мајами. Во Америка му се слошило, но оздравел и се вратил во Мадрид на почетокот на април, а починал на 3јуни 1987.
Сето ова го пишува во книгите што ги читаат гитаристите. Но, приказни, како оваа за неговиот најубав спомен, може да се слушнат не само од гитаристите, туку од добрите мајстори изработувачи на гитари и лаути, и тоа сосема попатно и тихо. Така се муабети во мајсторските работилници. Занаетчиите му шепкаат на увото што сака да слуша.
А Неапол, каде што сме сега, тоа најповеќе е град на скриени богатства и тајни: планета на земјата, чудо создадено на магма. Во Неопол има многу четврти, а во нив мајсторски работилници, каде приказните лебдат низ мирисот на лак и струготини.
За одговорот на Сеговија за најубавиот спомен, ми раскажува мајсторот Бепе. Неаполитанец, благословен со дарба за раскажување. Гледа во неаполската улица, а зборува за Мадрид како да бил таму и ги знае сите сокаци и авении, вметнувајќи ги во приказната за Сеговија законите на својот занает како своевидни гитарски пасажи.
– Беше тоа едно летно утро, а мадридските рани утра се слични на наполитанските. Тоа е единствениот дел од денот кога џагорот на градот за час се смирува и се разлева една фина свежина. На едно такво утро од својата младост се потсетил Сеговија во својот одговор, додека го спремал репертоарот за концерт, вежбајќи скали и етиди, размрдувајќи ги своите вкочанети прсти. Ги свирел етидите на Тарега, потоа Карули, а Карули ти е, немој да заборавиш, наш Неаполитанец, па затоа неговите етиди се врцкави и брзи.
Бепе станува, ја става алуминиумската кафитијера ( што постара, толку е повкусно кафето) на решото и еве веќе се слуша звукот на шиштење. – На добрата гитара не ѝ треба китнеста розета, како што на доброто кафе не му треба шеќер – така вели Бепе, па додава:
– Предната плоча на гитарата треперела ( а треба да знаеш дека ако предната плоча е потенка, повеќе трепери и звучи попродорно). Со секој тон звукот станувал се потопол, а истовремено и појак. Сеговија сакал гитари од темно дрво, со звук што е нежен, а моќен.
Од некои минати времиња, Бепе за час се враќа во сегашноста:
– Свири така Сеговија во портикот на старата куќа, во градината полна со мандарини и палми. Свири, со набрекнати прсти од кои течат етиди. Би вежбал тој и понатаму, но пред него проаѓа една млада и убава жена, која носи корпа полна со грозје. Подзастанува малку и го слуша, спуштајќи ја корпата на земја и откинувајќи еден грозд од свежата модра овошка.
За неа, утрото веќе одамна почнало, зашто грозјето се бере в зори, па затоа челото веќе ѝ попримило бакарна боја од првото сонце. Имала светол тен и долга црна коса, облечена во тенка ленена кошула со неколку раскопчани копчиња кои ѝ ја откривале линијата на бујните гради. Гитаристот свирел сѐ додека по брзата, дурска етида, не престанал.
Му пришла и му рекла: – Толку рано, а толку весело! – а потоа му откинала еден грозд и му го ставила во вдлабнатината на гитарата како да е ќуп. Сеговија го почувствувал мирисот на грозјето и женската топлина. А потоа си отишла – собраното грозје мора веднаш да се стави на свежо, темно место.
– Утро е, отпиј од кафето – ја завршува Бепе приказната со насмевка под мустаќите.
Работилницата на Бепе ќе ја најдеш лесно: на земјата побарај ја планетата Неапол, а во неа маалото што почнува десно од плоштадот Данте (таму каде што градот се слева кон некогашниот декуманус). Таму е еден од многуте такви дуќани. На вратата пишува: Бепеовата работилница за изработка на дрвени инструменти. Стои и знакот „Се враќам брзо“, но тој виси речиси на сите наполитански дуќани.
Времето, во ситничарниците, си тече во свој ритам. Зборувавме за Сеговија, за спарнината на денот и свежината на утрото. Бепе сега го доближува увото до отворот на мојата гитара – Да, нешто скрцка, како да се слуша птичји звук.
Пишува: Работилница за изработка на инструменти, како на сите добри занаетџилници. Но, кај Бепе, нештата одамна отпловиле подалеку од таа ознака, а звукот на гитарата и човечкиот глас се споиле во еден неразделен интервал. Никогаш не е самотно овде. Самиот мајстор вели: Твое е да свратиш, а мое е да работам. – На секому што ќе дојде му го вели истото, а овде секогаш има музичари. Некој наминал за Бепе да му ги подмачка чивиите или да му ја прицврсти кобилицата пред концерт, затоа што се разлабавила заради влажниот наполитански воздух полн со морска сол.
Тука е и еден писател на „книги без корици„ што знае се за неаполските песни и секогаш вели дека меланхолијата во нив е оној типичен копнеж за најблиските, за љубовта и родниот крај, една морнарска, емигрантска носталгија. За овој добар познавач на песните, Бепе вели: тој нема да напише ништо, туку само ги вежба скалите, ги размрдува прстите, како Сеговија од приказната.
Писателот денес раскажува за некоја песна што емигрантите од Југот ја пееле преку океанот, со мандолина и чаша њујоркшко пиво или виски, наместо неаполитанско црвено вино. Сѐ што допира до чувствителното срце е дел од оваа песна: и болната мајка, и оставената драга, и Наполитанскиот залив и Везув кој му дава топол здив на градот.
Би зборувал писателот и понатаму, но Бепе му ја подава мандолината како чаша на Емануел, момчето кое свири и го учи занаетот:
– Ајде, отсвири ни една весела, да не помислат оние што не се од Неапол дека сите песни ни се тажни. Дај една тарантела!
– А ти – ме прашува Бепе – знаеш ли некоја од Пино? – мислејќи на Пино Даниеле.
Никој како него не го прославил наполитанскиот звук толку далеку од наполитанскиот брег. И каде и да тргнеш – кон морскиот кеј или во центарот, во тесните лавиринти на наполитанските улици или ридот кон Вомеро трагајќи по најубавиот поглед на целиот град, секаде има белези од песните на Пино. На ѕидовите, на графитите, песните се слушаат во рестораните и насекаде те следи неговиот назален глас, кој го стопува блузот со наполитанската песна. Има и кај него балади, но и брзи и весели песни за добар почеток на денот и за топлите карневалски ноќи. Наскоро ќе дојдат таквите ноќи во Неапол. Животот овде е секогаш преполн со славје.
Се знаеше за Пино во светот и Клептон свиреше со него, се знаеше за него како и за Сеговија, нп гитаристите сепак велат: – Сеговија, таткото на гитарата. – Тоа е затоа што Сеговија свиреше и во десетата деценија, а Пино починал во своите шеесети.
И за Пино има приказна нашиот Бепе. На името Пино, кое веќе е еден милозвучен прекар, тој му додава неаполски призвук и го претвара во Пинучо, како да се работи за момченце:
– Ме прашуваат дали сум го познавал, еј слушај, дали сум го познавал. Па, јас го научив да ги свири првите акорди баш тука каде што седиш ти.
Подоцна вели дека Пино свраќал кај него безброј пати, барајќи му да го отстрани оној треперлив птичји звук што знае да се заплете меѓу жиците. Или само онака, наполитански успат, на филџан свежо кафе од кафитјерата, на жив збор. Или просто: да отсвири пред него некоја своја нова песна, па да му каже мајсторот по срце и душа, дали мелодијата влегува во уво и срце.
– На мајсторите, сликарите и писателите им расте цената кога ќе умрат. А гитарата е тука да се свири на неа, а не да се суши како пршута – вели Бепе и почнува да ги откачува гитарите од куките. Некои се негови, некои не се, но сите се на продажба и ниедна не е. Секоја е своја и од неа мајсторот се збогува тешко како од чедо. Иако прво вели дека не е пршута да се суши, секогаш додава – нека одлежи уште малце.
Кој за што, а мајсторот за мајсторското ткиво – дрвото. Кедарот, штом ќе се направи гитарата, добро звучи, а на смреката ѝ треба време и звукот станува подобар низ годините. Гитарата, пред сѐ, треба да се чува во добра футрола со постава, затоа што на дрвото не му годи ни премногу влага, ни премногу суво.
– Каде би ја носел? – така прашуваат мајсторите за гитарата, секогаш во женски род. – И Бепе го прави истото денес и ми додава тихо: Дојди да видиш нешто.
Отвора два ковчези и ми покажува дрвени плочи: махагони, абонос, палисандер, бразилско и афричко дрво од роза. Ретко дрво или како што велат рибарите од Пињасека за рибата, така и мајсторот за дрвото – добар улов.
Реткото дрво е тајна. Залив, море, лимони – не. Тајна и богатство, два збора што за миг може да ја опишат душата на градот. Неапол има многу годови: под работилницата на Бепе се наоѓаат стари римски подруми, а ако продолжиш понатаму ќе наидеш на остатоци од грчки бунар. Точно е, Неапол е чудо што се создало на магма, па затоа во текот на денот се вжарува од животот и човечкиот говор. Но, Неапол е и град во кој се чува можеби најголемото богатство на светот: дукати, круни, ѓердани, скиптри, како дел од тестаментот на Сан Џенаро (Свети Џенаро). Големото богатство се чува во ковчезите на Сан Џенаро, богатство дадено со вера и надеж за спас на градот од чума, опсади и војни.
Добриот Бепе почнува нова, а стара наполитанска приказна: – Ниеден Наполитанец не би зел ни бисерно зрно, а камоли рубин за себе, во случај да испадне од тие реликвии.
*
За време на Втората светска војна богатството на Сан Џенаро било засолнето во Рим, за да не го ограбат, како што обично бидува за време на војна. Но кога сѐ се завршило, во Рим се колебале дали да го вратат чуваното. Заседавале наполитанските големци во тукушто ослободената Италија и во сиромашниот и богат Неапол, кого да пратат во Рим. Сето тоа требало да се направи без многу помпа, тихо и во текот на ноќта, затоа што така се пренесувале богатствата од век и веков. Но, знаеле и дека не треба да се расипат односите со Ватикан. Рака на срце, направиле сѐ што треба и со помош на монасите го пренеле во еден манастир, а потоа во Рим. Но, богатството е како добро вино, ќе му се услади и на оној што ќе земе да го чува, ќе се навикне на него и ќе си помисли – мое е.
Заседавал наполитанскиот совет дали во Рим да прати луѓе од мек, дипломатски ков или да најдат некој друг, близок до ватиканските бискупи, кој би можел да се завземе таму и да го врати богатството кое е нераскинлив дел од Неапол, без многу бука и фанфари. Се мислеле и дали на сет глас да разгласат дека Неапол ѝ е благодарен до небеса на Светата Столица што го причувала богатството во тие тешки воени времиња и еве го враќа недопрено на отсекогаш сиромашниот Југ. Така мудрувале и мозгале Наполитанците.
Најпосле одбрале некој Џузепе Наваро – профитер, шверцер, човек од улица и од подземјето, кој се збогатил во текот на војната, продавајќи, препродавајќи и шурувајќи и со ѓаволот и ангелите. Конечно Наполитанците одлучиле: ќе го пратат него и добриот свештеник, дон Стефано, да го вратат богатството назад во Неапол. На Дон Стефано, со сета негова чесност, истрајност во верата и грижата за градот, никој не можел да му приговори. Одлучиле или подобро кажано, не одлучиле туку така се наместило – но тука учителката Историја запира, отварајќи ја делтата за кралицата Приказна.
Се зборува дека на среде собирот на градските големци, Наваро влегол, аронгатно и гласно и седнал меѓу членовите на градскиот совет, по што кратко и јасно рекол: – Јас ќе појдам за Рим за да ви го вратам богатството! – Некои молчеле, некои воздивнувале тешко, и си мислеле во себе: Како да не, тој ќе го врати... – Наваро бил низок и црномурест човек со краток фитиљ и жесток темперамент, кој не се одвојувал од својот пиштол и спиел со нож под перница.
Се мрморело и думало, и сите биле против оној кој им упаднал на среде заседанието, нудејќи услуга со тон на човек кој е воен профитер и кој се надева дека ќе му се простат гревовите со тоа што ќе му помогне на градот во неволја, претворајќи се преку ноќ во голем јунак, хајдук и светец.
Така велат дека биднало, и дека сите биле против, но само добриот свештеник дон Стефано, молчел и извикал – Во Рим! И јас ќе одам со него.
Свештеникот рекол дека Наваро е негово и нивно, наполитанско дете, од четвртта што се вика Санита. Тој дел на градот е сиромашен, суров, груб и владе криминал. Но, никогаш немало силувања и и никогаш не се напаѓале болните, туку и најцрните ѓаволи од улицата му палеле свеќи на Свети Џенаро. Наваро, ако крадел, крадел од оние што имале и премогу, но никогаш не земал од црквата и секогаш оставал пари под иконите.
– Кој е чист, без грев, прв да фрли камен – им рекол дон Стефано на присутните. Тука запрел и не кажал ништо повеќе, ниту за гревовите, ниту за искупувањето.
За тоа, како го вратиле богатството, во мракот на наполитанската моќ, расправаат многу луѓе во Неапол. Како тоа Неапол го избрал најголемиот крадец да го врати најголемото богатство. Се знае дека Наваро го возел дон Стефано до Рим во блескава лимузина и тоа била баш ланчата што му припаѓала на синот на Мусолини. Вестите брзо стигнале до Неапол: во Рим Наваро го пазел дон Стефано како да му е роден татко, му ја отворал вратата од автомобилот, му палел цигари, го бранел и пред да го нападнат, како да го брани својот крај и целиот Неапол, не плашејќи се од ватиканските бискупи, папската гарда и самиот Папа.
Богатството било вратено, а Наваро не земал ни зрно, а не сакал ни да прими ниту една лира како награда. Оттогаш, богатството на Сен Џенаро е во Неапол, таму каде што и припаѓа. А, Неапол и понатаму е град преполн со сиромаштија и изобилие.
Има нешто во самото прераскажување. Раскажувачот зборува, па подзастанува и чека. Бепе сега исто така го чека прашањето повторувано со векови, а кое е срж на самата приказна, а приказната пак е најголемо богатство на човечкиот род: – Што се случило со Наваро?
– Неколку години работел чисто и чесно, станал господин, почнал да носи најскапи одела, филцан шешир и џепен часовник. Со градоначаникот бил на „ти“, играле карти и пиеле кафе како јас и ти сега – вели Бепе – но крвта е крв. Не за долго, им се вратил на својот сплеткарски бизнис, коцкањето и борделите. Парите се трошеле – а парите стекнати така, му рекол и дон Стефано – се ѓаволски измет.
Го уапсиле за прикривање на данок, па завршил во затвор. Излегол оттаму слаб и поситен од кога и да е, а ништо не останало на него освен широкото одело. Најпосле, Џузепе Наваро завршил таму и каде што почнал, како продавач на половна облека во истата наполитанска четврт од каде што потекнувал. Како и да е, во Неапол и ден денес му палат свеќи.
*
Во ситничарниците очите гледаат во дребулиите, но приказните пловат понатаму. Неапол е широкоград, а Наполитанците неизлечиво ги следи раскажувачката дарба. Во овој град како сите да се везден под дејство на некој опијат, као магма под тлото што се мрда, уживаат во зборовите и храната. Така во својата приказна за видовите дрва, Бепе вметнува анегдота за Сеговија и покажува афиш од концертот во Неапол, а писателот на книги без корици ги раскажува легендите за потеклото на песните.
Сите се митови – митови за создавањето. И ништо не може толку алхемиски да се проткае низ разговорот, како музиката и приказните за неа. Се случува во Неапол да има носталгија и меланхолија. Бепе вели: – Не е тоа носталгија, драги мој, туку ти недостасува жена ти. Кога ја нема, држи се за гитарата – па потоа додава: И те молам, во име на Свети Џенаро, батали ги баладите и бакаролите. Свири нешто весело додека е утро!
Има една планета по име Неапол, а во градот четврти и ситничарници полни со скапоцени камења и тајни. На нашата земја за час паѓа самрак. Велат дека пред смртта човек се сеќава само на низ од слики од кои една ќе се издвои и ќе блеска до последно. Таква е сликата за мадридското утро и претстојните дневни жештини, и погледот на младата жена со бујни гради која стои на страна, го слуша гитаристот и му подава грозд.
Дали Сеговија баш така одговорил на прашањето кој му е најомилениот спомен од сите слики, патувања и жени – не можеме со сигурност да тврдиме. Но, наполитанската приказна на Бепе знае да го понесе секој оној што умее да слуша, исто како што опива и звукот на добрата гитара.
НИКОЛА ПОПОВИЌ (1979), прозаист, италијанист и преведувач. Автор на книгите патеписи Приказни од Либан, Скици за пловидба. Неговите раскази се застапени во бројни списанија и антологии. Преведен е на неколку јазици.