Elementi Logo

Backgorund

НАДА

 

Драг вујче,

денес е недела. Бог е желен за одмор. Нада лежи на металниот кревет. Има длабоки бразди по лицето. Лицето ѝ е тркалезно, личи на дупка низ која светлината не поминува. Стомакот ѝ е покриен со шарено списание. Го добивме во пакетчето. Списанието е сјајно и масно. Лука зеде конзерва грашок, малку брашно и литар масло. Маја ги зеде шеќерот и солта. Тоа е сè што добиваме секоја недела, малку храна и весели списанија. Кога ќе падне ноќта, Лука излегува од задниот дел на куќата и оди да донесе вода. Мене никогаш не ме праќаат, зашто мислат дека од страв сум заборавил сè што знаев, дури и што е вода.

Никогаш не ми даваат ништо од пакетчето, велат дека не разбирам и не чувствувам. Тие им се радуваат на пакетчињата како мали деца. Нада го доби списанието. Маја се прашуваше што ѓавол ги спопаднал тие странци кога во вакво пакетче пикнале љубовно списание:

– Зар некојси Швабо да нè учи за љубовта? – негодуваше.

Лука мрмори: – Овие се ебени Англичани.

Нада вели: – Дојди.

Се приближувам. Ме плаши нејзиниот голем стомак.

– Не плаши се. Гледаш како се бакнуваат – покажува со прст на насловната страница на списанието. Двајца се бакнуваат, тој ја гали по стомакот. Таа е бремена. Таа има темна кожа. Тој е бел како нас. Има бебешка руса коса како Нада. Не го знам јазикот што ја објаснува таа љубов.

– Ме боли. Ужасно ме боли – вели Нада и ми ја стиска раката. Чувствувам силен стисок. Устата ми е зашиена, но јазикот ми вреска.

– Од болката се раѓа љубов. Ќе биде храбро момче! – вели Нада и ги затвора очите.



* * *

Драг вујче, 

Стомакот на Нада е сè уште покриен со љубовното списание. Ништо друго не се промени освен што лицето ѝ е посивено и чаршафите се стуткани. Наместо исушената крв на чаршафите, ги замислувам веселите цвеќиња пред бабината куќа. Ништо не мрда под списанието, иако во моменти на свесност Нада му зборува на својот син. Денес не се помрдна цел ден. Со чајот од домашна мента од лимената кутија (на која пишува „За Ариф против несоница“), тапкам околу нејзините исушени усни. Ова не е нашата куќа, нè сместија тука кога избркаа некои други. Нада се труди да не стенка.

Ти се колнам дека можам да испуштам офкање, но се плашам. Еднаш офнав, а Маја ми се нафрли и рече: – Што офкаш божем знаеш нешто, нит зборуваш нит разбираш!

Вчера Маја му рече на Лука: – Што ќе правиме сега кога цркна балиското копиле? Што ќе правиме со неа? Што ако и таа цркне?

– Треба да ѝ кажеме. Требаше веднаш да ѝ кажеме на жената.

– Што да ѝ кажам? Бебето ти умре, така рече бабицата! А нема ни бабица, не дојде веќе, којзнае, може очите ѝ светкаат во земјата.

Маја потрчува, се наведнува и заридува покрај стариот мијалник. Прошепотува: – Зар во ова се претворив?... Не можеме ли да стигнеме некако до болницата?

– Нема ни болница, нема...



* * *

Драг вујче,

од сите страни одекнуваат страшни звуци. Така ги замислував гласовите на чудовиштата. Чудовиштата доаѓаат кога најмалку се надеваш. Нада ми раскажуваше приказна: брат и сестра се оставени на планина, каде што недалеку во шумата живее злата коб. Секогаш кога ќе се обидат да избегаат, сè во шумата станува едно, станува мрачно и зборува со истиот ужасен глас.

Маја често викнува: – Лежи, бомба!

И легнуваме на подот што мириса на влага. Сите освен Нада, која гледа низ прозорецот покриен со најлон. Во очите ѝ светкаат искри. Лежам на подот покрај неа и ја барам нејзината рака. Кога успевам да ја дофатам, чувствувам наплив на страв низ врвовите на прстите.

– Само уште едно ебено апче имаме да ѝ дадеме – вели Лука.

– Небаре делува, небаре овде нешто делува! Ѝ треба морфиум, човеку. Знам јас, сега сè се распаѓа во неа. Тоа мртво ја труе неа жива! – вели Маја.

– А да го извадиме? Имаме нож. Можеме да ја спасиме.

– Луд ли си ти, пих, што сè нема да чујам од тебе! Тато те учеше да расклопуваш мотор на стојадин, а не на човек.

– А каде е сега таа стока што ѝ го направила копилето?

– Се скрил кај своите.

Можеби тој сакан човек е мртов, си помислувам. Легнувам покрај Нада и се молам.

Нада стенка, ги стиска усните и понекогаш очајно вреснува.

– Немој да врескаш, и оној наш Перо го болеше, па му помина. И гледај, сега превезува банани преку Трст во Босна – си говорам во себе додека замислувам убава детска глава што се распрснува и ја убива Нада.



* * *

Драг вујче,

Синоќа видов две сенки како се прикрадуваат до креветот на Нада. Едната беше висока и имаше нож. Го спушти списанието, а потоа полека поминуваше преку стомакот. Другата сенка ѝ го грабна ножот и го фрли во аголот. Нејзиниот фустан ги преврте лимените лончиња на масичето. Сенките се сопнаа една од друга и исчезнаа. Треперев прашувајќи се дали Нада дише сè додека капките крв од нејзиниот кревет не ме разбудија од тоа бунило.

– Стани, лежиш тука ко да не си жив – извика Маја.

– Дали овде некој е жив? – рече Лука, а потоа патетично додаде дека се шегува и дека Маја никогаш не била поубава.



* * *

Драг вујче,

Го зедов нејзиниот мал куфер и ги гледав фотографиите. Јас, ти и таа во Живогошќе, непосредно пред да тргнеме за Босна и да се сместиме кај твоите роднини во подножјето на Влашиќ. Нада носи розов фустан со насликани сини цвеќиња. Знам, ти секогаш велеше дека Живогошќе е депресивно во зима, дека нема никој, дека луѓето во таквите места се дрогираат од досада, дека ќе ми биде многу подобро на некое друго место, дека некогаш можеби и ќе проговорам. Можеби конечно би можел да ја прифатам смртта на мама и тато. Можеби ќе беше подобро твоите сирачиња да останеа, но знаеш, можеби и таму некои зли луѓе ќе нè разделеа на живот и смрт. Можеби патиштата на Нада и Асим никогаш немаше да се вкрстат.

На една фотографија тие двајцата се гушнати, тој е згоден дечко од блиското село, со коси зелени очи и поглед желен за живот. Нада се бореше затоа што ти, вујче, требаше да дојдеш следната пролет да нè однесеш во Америка, земјата на соништата. Помина една пролет, па друга, па уште една, и потоа уште една... Сега не ни мислиме на пролетта, размислуваме само за краците на ова чудовиште. Нада ѝ се препушти на вистинската љубов и ја заборави приказната дека ќе ја омажиш за Американец, дека ќе заврши студии по глума во Њујорк и ќе биде светска дама. А јас ѝ се препуштив на мојата неразделност, на тишината.

Ги мирисам сапунот на баба Анка, разгледницата од твојата посета на Англија, неколку украсни салфетки што Нада ги размени со своите пријателки од Живогошќе. Им го покажував сето тоа на нејзините затворени очи. На салфетките има нацртано цвеќиња, некои се божикни и потсетуваат на нас: на тебе, на мама и тато, на баба Анка.

– Пиле, не заборавај да запливаш еднаш за мене – ми рече – запливај еднаш за мене.

Тоа го запамтив.



* * *

Вујче,

додека бегавме по ридестите патишта, мислев дека го препливав целиот залив во нашиот крај. Кон крајот на зората видов војници и со поглед прашав дали се тие луѓето на Асим, дали ќе нè убијат. Дали Асим е меѓу нив и дали ќе се сети на малото немо момче кое ја придружуваше Нада? Кога подобро ќе размислам, Лука и Маја ме оставија на половина пат. Беа побрзи од мене.

– Види, не плаче, побрзи сме од него, не можеме да го влечкаме – рече Маја додека бев загледан во ѕвездите на најблиското небо. Една од нив беше Нада, друга беше нејзиното дете. Требаше да се вика Исак. Исак кој постои само во мојот јазик. Исак кој остана наполу извлечен од нејзината постелка.

Знаев дека ќе паднам во бездна, но не знаев дали некој некогаш ќе ме извлече, зашто Нада не беше крај мене. Зошто го избрав животот, зошто не останав покрај неа? Дали е тоа човечки, се прашував додека паѓав...



* * *

Сакана Надо,

недела е. Имавме семеен ручек. Јадевме лосос и зелена салата, тоа би требало да има позитивно влијание врз мојот мозок. Кога јадеме, замислувам една чинија за тебе, те гледам во некое дамско издание со движења и зборови што навестуваат светла иднина.

Вечерта ги превртувам грубите писма што никогаш не стигнаа до тебе. Секоја вечер сум подготвен за минатото. Се сместив на брегот на реката Лоара со Алфред и Розана. Алфред е доктор. Неговата ќерка е само две години постара од мене. Грижлива е исто како тебе. Има дом во Бретања. Има осумгодишен син, Лукас. Тој често доаѓа кај нас. Тој за мене е како твојот Исак. Во негово присуство мајка му никогаш нашето чудовиште не го нарекува војна за да не го повреди. Сфатив дека доаѓам од некоја чудна земја, секогаш зборуваат за некакво пропаѓање, за некакви распади. Сè уште не успеав да проговорам. Алфред вели дека ќе се излекувам кога ќе се ослободам од минатото, кога ќе си простам. Секогаш кога ќе почнам да размислувам за минатото, му се препуштам на паѓањето или го посетувам замокот Шенонсо. Тој е единствениот замок изграден над реката. Го обележале жени со чудни мината, а сите им биле посветени на своите љубови, исто како тебе. Сите чекори на Асим во мојата имагинација доаѓаат во овој замок и те бараат тебе.

Никогаш не дознав дали војникот што ме разбуди беше Асим, знам дека бладав во себе Надо, Надо! Војникот рече: „Малиов не е со сите, носете го во прифатилиштето.“

Во прифатилиштето лекарот ми даде доза ламотригин и ми рече дека сега сум безбеден. Подоцна ме однесоа до границата во Хрватска, ми рекоа дека тука сум со своите. Но тебе те немаше таму. Немаше никој, освен Алфред, кој ме превезе во Франција како немо момче кое страда од епилепсија. Долго време бев само еден од испитаниците за неговиот нов лек и останав единствениот комушто тој лек не му помогна. Има ли лек, сакана Надо, за моето молчење?




Превод на македонски јазик: Виолета Танчева-Златева

ЗА АВТОРОТ

Емина Ѓелиловиќ-Кевриќ

Емина Ѓелиловиќ-Кевриќ е родена во Травник, во 1989 година, а живее во Витез, Босна и Херцеговина. Магистрирала босански/хрватски/српски јазик и литература на Филозофскиот факултет во Зеница, на тема: „Конструкцијата на меморијата во јужнословенската интерлитературна заедница: репрезентативни модели на логорското искуство во литературата“. Ги објавила поетските книги „Овој пат без историја“ (2016) и „Мојот син и јас“ (2021); збирките раскази „Избришани животи“ (2021), „Кратки раскази за обидите за избавување“ (2025); како и книгите за деца „Tale about the boy Adi and computer“ (Стокхолмски проект 2023, илустрирана бајка), „Писател пред судот и други бајки“ (2025, раскази). Членка е на ПЕН-центарот на Босна и Херцеговина. Добитничка е на неколку книжевни награди.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 21

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ