Секогаш скршнувам во споредни сокачиња што знам дека ќе ме однесат на вистинското место, макар и со подолго одење по калдрмата, дупките, ѓубрето што синоќешниот ветер го собрал пред нечија искршена порта зад која животот замрел; го удвојувам чекорот кога ненадеен лаеж ми ги фрла срцето во петици и душата во носот, па свртувам во соседното уличе цврсто гушнато со боцкави, прашливи грмушки од двете страни на изронетиот асфалт – само и само да ја избегнам средбата со себеси пред некој од излозите горделиво испрчени на блескавиот булевар.
Беспанданската ковид-пандемија стана добро оправдување за отуѓувањето и затворањето во својата черупка, за толку фалената индивидуалност и фанатично бранетата неопходност од лична слобода и интимен простор празнејќи го така колективниот простор од заедничка смисла и изопачувајќи го создавањето на големите национални и глобални архетипови – зашто масовната психоза нè збрлави и заборавивме дека отсуството е друго име за спреченото присуство на другиот со кој заедно го ткаеме животното платно и ја населуваме празнината – не со оневозможени и невидливи траги туку со својата плот, која копнее по допирот и топлината на другите тела, о ти безумна и самоумислена сингуларност!
Во што ли ќе се претвори овој безмерен молк во кој ја криеме осаменоста додека се провираме низ иглените уши на времето и се губиме од другата страна на можното, пред повторно да се разминеме – јас те чекам на врвот од бранот додека ти стежнат од каења се спушташ на дното, а кога ќе изнурнеш од него, бранот веќе поминал и ме исфрла на брегот, ноќта ме вовлекува во својата утроба и жедно ги испива сите молитви додека се прпелкам меѓу остатоците од денешните и сите минати капачи, меѓу ѓубрето кое го поклопува хоризонтот тонејќи во севселенски молк.
Наместо појадок, решаваш конечно да ја голтнеш калоричната буква Л расчепатена во средината на зборот како газдарица на неимоверен имот и да ја почнеш одуката од лошите навики кои се косат со сите уки и поуки што се навртуваат кон тебе по вадите што ти ги длаби животот.
Пред да почнеш да го разлачуваш црното од новиот ден за да остане само светлината, додека си уште орно буден и присутен, додека со свесно задоволство сркнуваш утешна голтка од првото утринско кафе на терасата од големата куќа во која цела година самуваш чекајќи ги летото и печалбарите, си помислуваш дека е можеби време да го спуштиш бајракот, да ја вратиш камата во канијата, да ги собуеш испрашените обувки, да се очистиш од болките и раните, од соништата и илузиите, и испразнет од сѐ земско – да тргнеш (а каде? а каде? врескаат патиштата борејќи се за превласт, а само едниот-неизбежниот молчи), зашто ако предолго останеш овде, ќе се претвориш во плен на баналноста и озборувањата и нема ни да сетиш кога ќе те проголта барата на примитивизмот.
Виолета Танчева Златева е родена на 25 април 1968 година, во с. Бориево, Струмица. Дипломирала на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Југословенска книжевност. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2000 година. Член е на Редакцијата на списанието за книжевност и култура „АКТ“, на Редакцијата на списанието „Стожер“ и на Здружението на лекторите на Република Македонија. Работи како лектор во Издавачки центар ТРИ – Скопје. Ги има објавено следните книги: Проза: Книга за сонот (куса проза, 1991), Враќања (роман, 1993), Враќајќи се во Бориево (раскази, 1999), Шарени писма (епистоларен роман за деца, 2008). Поезија: Мојот Пикасо (2007), Заробеници на молкот (2010), Огнена (2011), Нашата приказна (2013), Година без лето (2015), Патот (2018), На работ на светот (2021). Освоила четири награди на анонимниот конкурс за краток расказ на „Андриќеви денови на културата“ во Травник во 80-тите години, прва награда за проза на анонимниот конкурс на Независни изданија „Ѓурѓа“ во 1991 г., наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата во 2015 г. за најдобра книга објавена меѓу два фестивала за стихозбирката Година без лето, наградата „Ацо Шопов“ на ДПМ за најдобра поетска книга во 2018 година за Патот.