Elementi Logo

ЕДНО ОБИЧНО ОКТОМВРИСКО УТРО

Backgorund

Едно сосема обично октомвриско утро, Арлинд реши да се прошета по кејот на Вардар и да испуши еден џоинт, кој го беше смотал уште претходната вечер. Цела недела го чекаше овој миг. Веќе четири години како работеше во брзата помош. Телефонските повици пристигнуваа сосема неочекувано, затекнувајќи го Арлинд во најразлично расположение. Понекогаш мораше да рипне од креветот, врз кој се беше испружил за миг, само за да си ги одмори очите, и бргу да го облече палтото, истрчувајќи од зградата на болницата и главечки рипајќи во белото комбе. Понекогаш патуваше десетици километри само за да најде некој здробен пијаница, кој влетал во бездна, или маалскиот лудак што повторно трча гол по гробиштата. Работата не го поштедуваше ниту во најнеопходните мигови на интимност, кога Арлинд беше испружен покрај својата разголена девојка и слатко се смешкаше, со обновена верба во својата машкост. Немаше време ниту да се заплакне ниту да се замие. Ги навлекуваше панталоните и бргу истрчуваше надвор. Арлинд работеше во три смени и понекогаш сакаше да се самоубие.

Ја заклучи вратата и се најде на улицата пред својата куќа во Гази Баба. Погледна во обете насоки. Немаше никого. Бргу го извади џоинтот и го запали. Длабоко вовлече. Го испушташе чадот, чувствувајќи како мускулите на лицето отрпнуваат, а рамената паѓаат удолу. Цела недела го чекаше овој момент, не можејќи да крене глава од работата во Брзата помош. Повлече уште еднаш и уште еднаш, но никако не можеше да го зграпчи оној миг на целосно препуштање. Се обѕрна наоколу. Немаше никого, но куќите во неговото маало како да беа за половина метар повисоки од порано. Погледна во својата. Стара речиси сто години. Ѕидовите прокиснуваа на неколку места, а на покривот живееја гулаби. И таа беше за половина метар повисока од порано. Воздивна и полека појде кон крајот од улицата. Пушеше. Пушеше. Пушеше. И дур да трепнеш, се најде пред Иса-беговата џамија. Застана и го стави џоинтот во уста. Барајќи ја запалката, го забележа минарето на џамијата. Беше огромно. Многу повисоко од она на кое се сеќаваше. Му изгледаше на некое мрачно чудовиште што се беше скаменило токму во мигот на својот најголем занес. Го полазија морници. Стоеше и гледаше, со џоинтот во устата. Нешто шушна зад него и Арлинд бргу се сврте, забележувајќи човек со исклучително бела брада и црно палто. Го гледаше одозгора и зајадливо му се смешкаше. Арлинд вресна и главечки потрча напред, кон чаршијата. Што од страв, што од срам, постојано погледнуваше зад себе, уверувајќи се дека никој не го следи. Калдрмата му се чинеше мошне поширока и поубава од порано. Неговите мали стапала едвај успеваа да ги прескокнат длабоките засеци помеѓу камењата. Арлинд го забави чекорот, но не можеше да го забави срцето. Стравот го натера со најлукави трикови да се мушне помеѓу нозете на минувачите и да излезе на другиот крај од чаршијата. Бревтајќи, седна на работ од кејот и повторно го стави џоинтот помеѓу усните. Човекот што сите го знаеја како Арлинд сега беше висок едвај неколку сантиметри. Темната река течеше кон југ, а на спротивниот брег, можеше да забележи неколку боси циганчиња, кои се смееја и го довикуваа. Тажно се насмевна и ја зеде запалката. Уште многу малце беше останало од џоинтот. Арлинд го запали и силно вовлече. Исчезнувајќи во истиот миг. Испушениот џоинт падна наземи и се стркала до работ од кејот. Двете баби што седеа на една од клупите, за миг замолкнаа и се втренчија во него. Циганчињата отрчаа кон своите картонски колиби за да го раскажат чудото, во кое никој нема да поверува.

Од збирката раскази „Утрото на бессоните“ во издание на Бегемот, Скопје, 2021)

ЗА АВТОРОТ

Андреј Ал Асади

АНДРЕЈ АЛ-АСАДИ (1996), македонски поет. Дипломирал на економскиот факултет на универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Автор на поетските збирки : Midnight blues, Под дервишкото сиќе и Небесна геометрија. Двапати бил во најтесен избор за наградата Браќа Миладиновци на Струшките вечери на поезијата.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ