Elementi Logo

ВОДНИ ТЕЛА

Backgorund

Извадок од „Водни тела“ – Ана Аврамовска

Влегува во галеријата заедно со група девојки кои успеваат брзо да се вовлечат во топлата и низ вратите. Наместо да се приклучат на луѓето кои сега се движат како вител околу кружната софа на средината на собата, девојките одат право кон фотографијата која стои на најдалечниот ѕид спроти влезот. Таа со несвесна одлучност им ги следи чекорите што одѕвонуваат по плочките. Фотографијата пред која застануваат е црно-бела, со средна големина, и стои сама, за разлика од групата фотографии закачени еднододруго десно до неа. Една од девојките се наведнува над насловната картичка, го чита името и ги крева веѓите, по што се враќа неколку чекори назад.
„Аха…“, вели гледајќи ја фотографијата со нови очи, небаре името го извадило во преден план скриеното во неа. „Луѓе застанати на речен брег“, го споделува името со групата и со прст покажува накај сенките кои се растекуваат низ водната површина.
Таа го следи прстот на девојката, но во сенките не препознава луѓе. Гледа илјадници нијанси на сиво преплетени пред неа како фолклорни шари. Под светлина од неколкуте рефлектори, фотографираната вода повторно се раздвижува. Сега ѝ се чини дека, со малку труд, во сивите нијанси ќе може да ја препознае и сината боја. Се оддалечува од снимката и се крева на прсти. Но залудно. Луѓе застанати на речен брег – не гледа. Гледа во фотографијата како да е автостереограм во кој луѓето на речниот брег се скриени со оптичка илузија. Но ако го смени фокусот, ако застане на друго место или ако доволно се потруди, можеби ќе може конечно да ги види. Девојката пред неа сега ја слика фотографијата со својот телефон, благо потклекнувајќи и вртејќи ја камерата наспроти светилката. Таа застанува зад неа; ѝ се чини дека во одразот на фотографијата на екранот во горното ќоше може да препознае човечко тело. Но штом го крева погледот, силуетата повторно се губи.
Изненадена од отпорот на фотографијата да биде јасно видена, се турка напред и застанува неколку сантиметри пред неа. Иако знае дека Јасна фотографира одрази врз водни површини, сепак не очекуваше ваква дисторзија на субјектите. Можеби токму ваквиот отпор на субјектот кон јасно осознавање е тоа што Јасна го забележала во водата. Не случајно водата е во нас, не случајно сме и ние водни тела, си помислува, а зборот „вода“ успева од мислата да ѝ се лизне низ усните како шепот. Се оддалечува од сликата и се развртува гледајќи дел од другите фотографии наредени по ѕидовите околу неа. Дури и оддалеку, во сите го препознава истиот отпор, иако не мисли дека тоа е фокусната точка на изложбата. Отпорот не ѝ се чини изнуден, конструиран, туку својствен, сеприсутен и неразделив аспект од водното тело, исто како и бранот. Поради тоа, напорот да ги препознае луѓето на брегот ѝ открива дека и на фотографијава гледа како на гатанка која треба да се разреши, од која треба да извлече јасен заклучок. И лицата на луѓето застанати околу неа го откриваат истиот подвиг. Заедно ги бараат човечките тела на водната површина, небаре целата вредност на фотографијата ќе се оттргне од неа и ќе се вознесе во мигот на одгатнување оставајќи ја да стои гола на ѕидот, не како уметничко дело, туку како декорација.
Девојките сега веќе минуваат на наредните фотографии, додека група нови посетители застанува зад неа. Па таа решава повторно да им се приклучи. Ги следи накај една од најголемите фотографии во галеријата. Но буткајќи се меѓу луѓето, забележува мал процеп празно место пред една врамена полароидна снимка. Оддалеку ѝ наликува на снимка на оган, но штом се доближува, во неа ги препознава уличните светилки одразени, овој пат, врз мирна вода. Ова е локва, сигурна е. Сепак, поради матната жолта светлина, фотографијата изгледа како режирана, снимена во внатрешноста на нечиј дом. Името ѝ е запишано на картичка која е малку помала од неа. Гласно го чита: Самовила. Само што го изговора името, чувствува како блага вознемиреност ѝ го бранува телото.
По денот кога ја посетија речната плажа, постојано се обидува да заборави на самовилите, на својот сон, на приказната на Гаврил, на реката. Обидувајќи се, речиси успеа и да го заврши трилерот, да ѝ помогне на Јасна со рамките за фотографиите, да ги среди по азбучен ред и жанр сите книги кај баба ѝ. Успеа дури и да ја посетува тетка ѝ во Скопје скоро секоја недела. Иако ѝ пречеше тоа што секогаш кога ќе ѝ ја спомнеше реката во Куманово, тетка ѝ ѝ велеше дека спасувањето на нашите овдешни реки, гледајќи од светска гледна точка, нема никакво значење. А таа секогаш ѝ одговараше дека тоа е исто како да кажува дека, гледајќи од светска гледна точка, спасувањето на живот овде нема никакво значење.
Но сега името Самовила ја вознемирува и ѝ пречи. Јасно ѝ е дека не треба да гледа на работите, на животот, на минатото како што гледаше на претходната фотографија. Да ги одгатне и да ги претвори во декорации на нејзиното Јас. Но обидите за заборав ѝ се чинат како слично насилство, како обид за бришење, уништување. Како принудно замолчување. Откога ја посетија речната плажа, скоро сите прашања како да избледеа, како да се повлекоа. Но она со кое пристигна: Зошто сум овде? само се преобрази во друго: Зошто реката?
Извадок од романот „Водни тела“, издание на Паблишер, Скопје, 2022

ЗА АВТОРОТ

Ана Аврамовска

Ана Аврамовска е родена во 1991 година, во Куманово. По дипломирање на Универзитетот во Викторија, започнува да работи во Канал 7 во Сиднеј, на ТВ-шоу. Работејќи со истакнати и креативни луѓе, писатели и уредници, се инспирирала да ја насочи својата кариера кон издавачкиот свет. Повторно дипломира со две специјализации на Универзитетот за уметност во Сиднеј во областа лингвистиката и по англиски јазик – каде што во 2017 година е наградена за натпросечен успех, најдобар во генерацијата. Поседува сертификат за предавање англиски јазик од Универзитетот на Кембриџ, а на Универзитетот во Мелбурн сега магистрира на Одделот за креативно пишување, објавување и уредување. Во нејзиното работно искуство се вбројува и уредувањето на веб-серија за режисерката Кели Смит, а меѓу освоените награди стои и наградата за поезија од „Ред рум поетри“. Во моментов работи како консултант и уредник во образовната институција Академија „Џенерејшен Аустралија“ (Generation Australia).

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ