Elementi Logo

Backgorund

Беше април, петокот по нејзиниот роденден кога пред да заминеме на работа, ја видовме понудата од туристичката агенција за рана уплата во Мароко. Остана уште тоа. 

Студиото за англиски јазик и дополнителни предмети од основно работеше со плус една вработена и еден куп деца, бевме веќе седум години заедно речиси како во брак, а и имавме почнато да ја планираме свадбата. Октомври 21 беше закажан хотелот, музиката веќе ја имавме одбрано, а другите работи – една по една во месеците што следуваат. Така што, понудата за Мароко дојде во вистински момент како по порачка.

Отидовме на работа заедно, Лидија брзаше за да стигне некоја минута пред часот, а јас си седнав на пултот во ходникот каде што пола од времето го поминував. Околу час и половина пред да затвориме, Лидија ме замоли да отидам на лице-место во агенцијата, да ги видам хотелите и другите детали и да ѝ се јавам. Во друга ситуација, ќе одевме заедно ама поради планот за викендот, тоа ќе требаше да биде дури во понеделник, па ни беше страв да не ја пропуштиме понудата. 

Планот за викендот беше Елена да ја собере со такси Лидија од работа која беше спремна со малото куферче и правец – автобуска, тргнуваат за Солун. Нешто како женски викенд, обично кога беше убаво времето одеа до Охрид или до Солун. Јас останував дома и уживав во времето што не ме бркаше, обврските што ги немав и храната што ја купував зготвена и ја јадев бавно со пиво, гледајќи снукер или некоја мини серија.

Така беше планот и сега, со таа разилка што прво отидов до агенцијата. Девојката таму беше пријатна и ми подари шпил карти за играње, како добредојде. Ги разгледаме понудите што варираа плус минус сто евра по човек, зависно од хотелите што беа на располагање. Морав да ѝ се јавам на Лидија, тие немаа уште поминато граница па можеше одма да ги отвори, да разгледа, да одбереме еден и да оставам капар. Тоа се заврши за само неколку минути и на заедничко задоволство, одбравме супер понуда, уплатив и веќе имавме датум. Всушност, го имавме датумот за последната работа што требаше да ја чкртнеме од листата пред свадбата и децата. На 20ти јуни, рано наутро во 4.00 се чекаме на аеродром со водичот и групата.

Си тргнав пешки од агенцијата што ни беше петнаесетина минути од дома, си купив пакетче од шест пива и нарачав пица што ќе дојде брзо откако ќе се приберам.

Уште еднаш свртев кај Лидија и многу брзо, немав ниту два пати заѕвонето, ми крена Елена  која шепотејќи ми рече дека подзаспала и ме праша дали е итно, дали да ја буди. Ѝ посакав среќен пат и ѝ реков да ми свртат од граница. 

Пицата дојде само што пуштив Еуроспорт, аранжманите од агеницјата ги потпрев покрај телевизорот за да ѝ ги фотнам на Лидија, пивата беа супер ладни како што ги сакам и сè си беше на место, сосем така како што требаше да биде. Рони играше добро, водеше два фрејма и изгледаше сосем мирно и сигурно, тоа најмногу доаѓаше до израз кога беше принуден да игра дефанзива. Јас, заедно со милионските навивачи од светот, секогаш бевме на штрек поради можноста да биде незадоволен од штаката, од чојата на масата, од луѓето што мрдаат во публиката и, на крај, можеше просто да не му се игра и да сака да си оди дома. 

Го немав завршено второто пиво кога почнаа да ми се затвораат очите и памтам, последно ги видов бројките од резултатот 3:1 и видов како заминуваат играчите на пауза и со нив заминав и јас. Се предадов на слаткото чувство на дремката и кога се разбудив, се штрекнав.

Беше стемнето, светеше само телевизорот. Резултатот беше 3:3, а беа поминати само педесетина минути откако заспав. Брзи два фрејма и резултат што не ми се допаѓа. 

Станав да запалам светло и отидов до кујната да си сварам кафе. Ми ѕвонеше телефонот и со трчање се вратив в дневна за да не ја пропуштам Лидија пред граница. 

Беше тетка ми.

Ме праша со кој автобус тргнале Елена и Лидија и беше како споулавена.

Ѝ го кажав точното време на поаѓање.

Прашуваше дали сум ги слушнал. 

Да.

Кога сум ги слушнал?

Хмм, пресметував кога стигнав дома и паузата во снукерот плус и дремката и ѝ реков дека тоа беше пред нешто повеќе од еден саат. Ја ставив на спикер и проверив, точно пред саат и петнаесет минути.

Ми рече да пуштам вести и дека таа ќе ѕвони во МВР. 

Главата ми бучеше со некои непознати натрапнички ѕвуци, но тие доаѓаа од ужасот кој ми го пренесе тетка ми по краткиот паничен и никако неразбирлив разговор.

Пуштив на прва и ме обзеде силен немир кога видов на горниот десен дел од екранот со црни букви: вонредни вести и целиот кадар од новинарката како исфрлена од поплава, застаната покрај автопатот зборува за автобуска несреќа. 

„Неофицијалниот број до кој дојде нашата редакција е девет жртви во траорната несреќа и преку дваесет повредени кои веќе се на пат кон болниците во нашата земја.“

Сменив канал.

„На автопатот Скопје – Гевгелија...“

Го зедов телефонот и ѝ свртев на Лидија. Недостапна. Ѕвонев и кај Елена. Истата приказна. Се јавив кај тетка ми која беше вон себе и не можеше да ми објасни затоа што ни самата точно не знаеше, но ми кажа дека возат накај Државна. Таму ќе ги носат повредените и дека нема повеќе информции.

Тоа значеше дека требаше да се надеваме дека ќе ги затекнеме таму. Дека ќе бидат во тие што таму ќе ги донесат. 

Одма излегов и не ни памтам како возев до Државна ама имав пуштено вести на телефонот кои ја преработуваа истата информација. Многу нејасно – автобусот се запалил, официјалната бројка на жртви се искачи на десет, останатите, со полесни и потешки повреди се траснпортираат низ ургентините центри во нашата замја. 

Од каде па тетка ми знае дека ги носат во Државна? Пробував да се смирам и да ја смирам и неа кога ќе ја видам. Во смисла, ако не ги донесат тука, тоа не значи дека не се однесени во Штип, на пример или во некој друг град. 

Влегов на паркингот и ја оставив колата таму, позади зградата на Ургентниот центар каде што веќе имаше гужва од семејства, новинари и таму меѓу толпата ги видов тетин ми и тетка ми. 

Таа ме гушна и, како што беше помалечка од мене, ми се сруши во прегратката, тетин ми ја придржуваше, а јас не пробуав, не умеев да ја утешам. Чекав, не знаев што, ама се молев во себе да дојдат тука, здрави живи или само живи ама да се опорават. Само да дојдат тука. 

Не знам колку пати сум си го повторувал тоа и не знам колку време тетка ми ми плачеше на рамото додека тетин ми ја придржуваше од едната страна кога се слушна силен звук на сирени од комбињата што доаѓаа. 

Не ни видов кога се појавија полицајците кои нè тргнаа од пред влезот и сите луѓе ги тргнаа до спротивната страна од уличката за да се обезбеди непречен влез на возилата. Тогаш почнаа да се редат ужасните слики од луѓето што ги вадеа од креветите на амулантните возила и брзо, со многу доктори и сестри ги спроведуваа во болницата, криците што некои од нив ги испуштаа, разулавените од бол гласови во толпата околу мене кои се обидуваа да се приближат и да ја поминат полицијата. Пробував да ја здогледам Лидија или Елена, но гледав само кревети и доктори со по некој исечок од глава или дел од коса што ќе ми дадеше надеж дека таму е таа, тие, некоја од нив, таму се ѝ двете, си велев зашто не може да не бидат. Надежта ми ја крепеше тоа што многу возила и многу кревети се пренесоа во тие неколку минути што истекоа како неколку секунди и сето тоа се одвиваше со невозможна брзина така што сигурно некаде меѓу сите тие, избројав барем петнаесетина, сигурно меѓу нив се Лидија и Елена.

Кога беше внесен и последниот кревет, толпата околу мене се разгневи и почна да ја пробива полицијата, не грижејќи се веќе како таа ќе реагира и дали можеби ќе употреби некаква сила. 

Секако дека ќе беше сосем неразумно да се употреби сила кон семејства на жртви во автобуска несреќа, па брзо се направи обид да се смират присутните со тоа што пред вратата излезе доктор од клиниката кој соопшти дека многу брзо ќе биде изготвен списокот на пациенти кои се примени тука и дека тој ќе биде даден на увид на сите членови на семејствата. За медиумите кои, исто така, беа тука, додаде дека примени се вкупно осумнаесет пациенти од кои петмина се во критична состојба и дека медицинскиот персонал работи во полн капацитет, дополнително засилен и со колегите кои не биле на смена, но се оѕвале на вонредниот повик и дошле веднаш на работа. 

Седнавме со тетка ми и тетин ми на клупата. Тогаш дојдоа и моите, а и доста други луѓе доаѓаа. 

Требаше да се почека. Мајка ѝ на Лидија ми ѕвонеше на секоја втора минута во плач а јас само ѝ одговарав дека сè ќе биде добро, кај и да е, ќе излезат и ќе ни кажат.

Минутите изгледаа неподносливо долги. Ако се чека животот, би го трпел тоа измачување и би се подготвил да чекам. Но, не знаевме што чекаме. Животот или смртта имаа еднакви шасни во само едното лице на кое ќе падне паричката со што и ќе заврши неизвесноста. 

Пуштив на мјут снукер и видов дека е завршува последниот фрејм, Рони губи 3:5. Го фатив всушност скандалозниот момент кај што му префрла нешто на судијата. Не слушнав што, но гримасата и нереасположението ми беа познати. 

Помислив дека не е добра работата. И како го помислив тоа за играта, ја видов влезната врата од болницата и пробав да ја избркам мислата. Башка, Рони ќе игра и утре, во втора сесија и ќе си дојде на себе. Нема да му е првпат. Или ќе потоне за помалку од два часа, нетрпеливо мразејќи го столчето на кое седи и нема многу прилики да игра. И тоа се има случувано. 

На тетка ми ѝ заѕвони телфонот. 

Елена! 

Молчевме и јас и тетин ми и моите, дури и толпата како за миг да ја снема. Само тетка ми која со растреперени прсти едвај се обидува да ја лизне зелената слушалка и конечно по два обиди успева.

Елена е добра. Тука е во Државна.

Не знае што се случило точно. Спиела и ја разбудиле викотници. 

Автобусот горел во предниот дел и целиот бил во чад. 

Ја разбудила Лидија и успеале да стигнат до задниот прозорец.

Некој маж пред нив со две деца го скршил прозорецот и низ него ги подал двете деца.

После ѝ помогнал на Елена. 

И?

А Лидија?

...

Елена се онесвестила уште пред да биде надвор, сигурно мажот ја извадил на раце.

Имало многу луѓе надовр. И викотници. 

Таа пак изгубила свест. Мисли дека неколкупати изгубила свест.

Сигурно таму во луѓето била и Лидија зашто заедно стоеле со мажот покрај прозорецот.

Ако излегла таа, излегла и Лидија.

Ако човекот ја извадил неа на раце, сигурно ја извадил и Лидија. Бил многу добар човек, како ангел-чувар. Самиот си го ризикувал животот за да спаси некој друг.

Сега во моментот ги легитимираат сите што можат во болницата.

Сега ќе проба да стане и ќе ја побара Лидија.

Ако не може да стане ќе го праша докторот, еве го, ѝ се приближува, мора да прекине сега па ќе нè побара пак.

 

***

 

Лидија, за првпат експлицитно, се појави во имињата со црни букви покрај годината на раѓање, на вестите што одеа со класична музика во позадината.

Претходно се појави во телефонскиот повик од полицијата. Тогаш уште се надевав дека некој неспособен направил некаква грешка – се случуваат такви работи кај нас.

Но, после буквите испишани со звукот на Адаџо во г-мол од Албинони и повикот на мајка ѝ на Лидија која имаше стигнато во Скопје и си ја имаше идентификувано ќерката, работата стана реална и наеднаш многу сурова.

А обратно, пак, дома, како уште да не беше заминала. Лаптопот ѝ трпекаше со опомена за да се вклучи во полнач, аранжманите од агенцијата го чекаа возбудливиот датум, а во фрижидерот имаше недојадена тегла мармалад од јагода. 

Целиот стан ми стануваше мачно место со илјада патокази кои водат само во црната небиднина и многу долго време јас таму едвај преживував. Најверојатно, преживував токму така како што е редот, во тага распоредена во неколку фази кои меѓусебно се разликуваа.

Во првата, не сакав да поместам ништо наоѓајќи некаква утеха во тоа како се наредени работите  и во идејата дека засекогаш треба да останат така.

Во втората, откако создадов доста грижа на блиските луѓе, се убедив да почнам да ги тргнувам работите, барем оние кои најмногу сведочеа за неа. Не да ги фрлам, туку ме убедија да ги складирам, на пример во оставата на тераса или кај моите, во мојата стара детска соба. 

Во третата фаза, почнав доброволно да разместувам многу работи и да ја преуредувам дневната и го сменив лежајот во спалната соба. Тоа го правев не за побрзо да ја заборавам, туку затоа што ме убедија дека и Лидија би сакала така. Всушност, за ова и не беа потребни убедувања затоа што кога дојдов при малку почиста свест, јас самиот знаев дека таа би сакала да бидам среќен, што и да значи тоа. И дека да се заробам во преметите и нивната верност кон минатото не е начинот да се постигне тоа.

На крајот, за тие фази измерени во двете години што поминаа, јас можам да пишувам само бегло, како што се раскажува сон или филм изгледан во полузаспана состојба. Јас пиев многу и многу вечери чекав да се спушат за да пијам додека не заспијам. Почнав да пробувам да го правам тоа што ми доаѓаше најлесно – да заборавам, а со пиењето успеав, не сосем, но барем да ги оддалечам сеќавањата, дотолку барем колку да не можат да ме болат. 

По некој период сфатив дека утрата ми се физички многу мачни, често и кога ќе го испиев кафето го повраќав и видов дека не можам така да продолжам. Почнав да го намалувам пиењето и да се држам исклучиво до пиво. Од него немав мамурлук а ми помагаше навечер да заспијам. Како што почнав да се отрезнувам, полека се убедив дека не секој човек е предодреден да биде среќен и дека за некои, како мене, таа работа се случила и завршила.

За сето тоа време, всушност, многу рано, пропадна студиото, како само еден дел од целиот минат свет што полека пропадна. Ваучерите за во Мароко ги ставив во една книга која најверојатно никогаш во животот нема да ја отворам.

И не бев потполно сам, имав луѓе што се грижеа за мене, но мене повеќето време ми беше потребно да бидам сам. Понекогаш тие луѓе не ми оставаа избор и дури ненајавено се тупнуваа на врата – моите, тетка ми, Бозо, Чипо и Деко, понекогаш заедно понекогаш на смени и, секако, Елена.

Но, со Елена ми беше најтешко. Со неа секогаш претходно зборувавме, а сега не сакав да зборувам. Доволно беше на почетокот. 

На почетокот, всушност, двајцата плачевме и не зборувавме многу. Таа ми ги кажа до детал последните работи што ги зборувале пред да заспие Лидија, потоа и самата таа. И плачевме. Се држевме за раце. Некогаш ѝ паѓав со главата на рамото. И тие средби ми беа тешки па решив барем некое време да ја избегнувам.

Елена беше паметна ама и упорна. Ја смени тактиката со тоа што откако ме остави некое време да се опоравам, почна да доаѓа и да зборува сосем други работи. Ниту Л од Лидија. И тоа, најверојатно, беше добро затоа што ми станаа малку полесни средбите со неа. 

По седум-осум месеци таа го запозна Јани и тука, едно поглавје од нејзиниот живот заврши, друго почна. Знам дека гледаше поинаку на работите по несреќата и не го оставаше времето да тече некаде туку-така, независно од неа. Се омажи со Јани после три месеци врска на мала Ковид венчавка и веднаш потоа остана трудна. Како да одеше сè по некој план. Многу брз и темелно обработен план. 

Така, често ме свлечкуваше кај нив или ми го утрапуваше Јани да гледаме, на пример, кога игра репрезентација, без разлика на тоа што ништо од тие спортови не ме интересира. На Елена ѝ се врати живоста, темпераментот и целата убавина – немаше никаква болка ниту во погледот ниту во која било тенка линија на лицето. Си мислев, сигурно успеала да заборави и сигурно заборавот е единствениот начин да се продолжи. 

Успеав по две години на некој начин да се дистанцирам себеси од минатото, од тоа што бев јас претходно, од Лидија, од нашите планови и целиот свет што го имавме сите тие години. Но, не можев да се видам себеси среќен, го немав во себе тоа, не можев да направам ништо за да го поттикнам. 

Само да знаев дека еден ден ќе можам да се радувам, само да ми го кажеше некој тоа, јас верно ќе го чекав тој ден и ќе направев сè што треба за да го заслужам. 

ЗА АВТОРОТ

Фросина Пармаковска

Фросина Пармаковска е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошки факултет, катедра за Општа и компаративна книжевност. Магистрирала на Институт за македонска книжевност, на тема „Варијации на магичниот реализам во светскиот и македонскиот роман“. Член е на ДПМ од 2018 година. Покрај раскази објавувани во книжевни списанија, Пармаковска ги објавила и следниве романи: „Кривата Дијана“, роман, (Арс Ламина, 2025) „Сè уште можам нешто да сторам“, роман (Или-Или, 2023 г.) „На враќање“, роман (Или-Или, 2020 г.) „Одбројување“, роман (Или-Или, 2017 г.) „Вишнова хроника“, роман (Или-Или, 2014 г.) - преведен е на бугарски и украински јазик „Пишувајќи ги изгубените топки“, роман (Култура, 2013 г.) Добитничка е на следните награди: 2017 - Роман на годината, за романот „Одбројување“. Претходно, во 2014 година, нејзиниот роман „Вишнова хроника“ влезе во финале за истата награда 2024 - Награда „Рациново признание“, за романот „Сѐ уште можам нешто да сторам“ 2025 - Награда „Пегаз“, за најдобар необјавен роман на годината во Македонија, за романот „Кривата Дијана“

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 18

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ