Elementi Logo

ЧИСТА ЕГЗОТИКА

Backgorund

Сања својот типично работен четврток го поминуваше како и било кој друг ден – низ вообичаен баланс меѓу сериозните работни задолженија и уживањата во ситните задоволства карактеристични за кратките мигови на драгоцениот одмор.
Тукушто завршувајќи го поволниот консултативен разговор со директорот, хранејќи се со чарите на контролираното одложување на надоаѓачката наслада, лежерно влезе во канцеларијата, полека ја отвори фиоката од работната маса и, за да се награди од неа извлече стилизирано спакувано слатко – неодолив микс на омилениот овошен јогурт и драгоцени семки од незаменливата чија.
Со одмерен маниризам, како да извршува посебно значаен ритуал, таа изврши прецизно движење со раката меѓу чии прсти ја држеше лажичката и, затворајќи ги очите, се препушти на единството од вкусови од неутралните семки и на величенствената арома на слатката, слатка јагода.
„Како животот“, си помисли таа. „Совршен баланс меѓу убавината и рамнодушноста без која животните плодови едноставно не би можеле да дојдат до израз… барем не во полн облик“, заклучи триумфално длабоко навалувајќи се на потпирачот од својата омилена кожна фотелја.
Следното движење со раката кое би ја следело новата ерупција од вкусови е нагло прекинато од неочекуваното влегување на постарата колешка на Сања во канцеларијата: „Здраво Сања… бев на минување, па реков да ти се јавам.“
После незнатниот момент на пауза, таа нестрпливо додаде: „Не знам дали си слушнала, но јас отворам боледување … сега бев кај правникот да ги однесам дозналите …“
Спуштајќи на на масата стилизираната шолја од која како некаква сламка ѕиркаше шареното лажиче, Сања, со заинтересирано кимање со главата и сигнализираше на колешката дека сосема ја разбира.
„Па јас веќе воопшто не можам да работам. Лекарите повторно се сомнрваат на бронхитис … Ама, неверојатно …“, изговори таа отсечно со незанемарлив степен на оправдана избувливост.
„Всушност, што повторно – тоа е хронична состојба. Имунитетот ми ослабе уште пред десетина години. Оттогаш самос е малтретирам и малку-малку, па на боледување … Не оди вака … Зрела сум за пензија. Телото ми е се поподложно на вируси. Којзнае што се можам да закачам…“
Сања, трпеливо слушајќи, лежерно вртеше со главата, чудејќи се и изразувајќи неверба.
Забележувајќи ги гестовните показатели на несомненото разборање, постарата колешка уште понестрпливо продолжи: „Ако овој вирус навистина ми отиде на белите дробови, јас сум начисто готова. Со недели нема да можам да станам од кревет. Да не зборувам за тоа како организмот додатно ќе ми ослаби – тоа е јасно како ден. Хроницитетот само чека да се разбие … Всушност, што да се развие – да се влоши“, заклучи депримирано со погледот вперен во насока на подот.
Сослушувајќи ја Јелена до крај, Сања, со челото прошарано со брчки на најдлабока загриженост, ги изговори пораките на безрезервна поддршка и чиста мотивација: „Тешко е, Јецо, но ти нема да се предадеш толку лесно. Те знам јас тебе. За две недели, ти си повторно на „терен“. Ти си неуништива, тоа го знаат сите. Всушност, не неуништива – нескршлива! Ама што е овој вирус … најсмешно нешто. Сепак, ти си стара гарда“, заклучи додека изразот на несреќната колешка укажуваше на значајно олеснување.
После поздравот и уште една доза на мотивирачко охрабрување, лицето на истоштената готвачка Јелена, за време на излегувањето од канцеларијата, одразуваше неубедлива фасада на нешто подобро расположение, додека во очите и понатаму и се забележуваше искра на неутешна тага, оправдана загриженост и неветувачки предвидувања.
Земајќи го повторно стилизирано спакуваното слатко од кое, како шарено цевче, се уште ѕиркаше шареното лажиче со допадлив изглед, Сања се препушти на прегратката на анатомски прилагодената кожна фотелја и си помисли како конечно успеала да пронајде адекватна споредба за да ја долови целата егзотичност на истовремено дискретниот, но и колосален спој на неутралната чија и величенствената јагода. „Во прашање е коктел“, заклучи таа триумфално. „И тоа егзотичен коктел. Еликсир за опуштање за сите оние кои заслужуваат сладок одмор после зачестените победи. Мали-големи победи во борбата со баналните проблеми со горчливото секојдневие!“

Расказот е од збирката раскази „Сурови писатели“ во издание на Чигоја печат, Белград, 2021

ЗА АВТОРОТ

Зоран Бар

Зоран Бар е српски писател, роден во 1987 година и по формалното занимање е психолог и психотерапевтски советник, апо неформалното е вљубеник во книжевноста и кинематографијата. Живее и твори во Белград, додака раната младост го врзува за Бела Црква во која израснал и го напишал поголемиот дел од својот почетен книжевен опус. Објавувал кратки раскази во повеќе десетици зборници, како и на различните портали за култура и уметност. Освојувач е нна прва награда во категоријата проза на вториот фестивал на книжевно творештво „Фелис“, втора награда на 11 фестивал на поезија и краток расказ „Душко Трифуновиќ“ и трета награда на културната манифестација „9 КНС Меѓународни книжевни средби 2020 – во Сараево“. Во октомври 2017 ја објави збирката кратки раскази „Брановите на залудноста“, која во истата година, на саемот на книгата во Белград го освои првото место на деветтиот конкурс за книжевна награда „Пегаз“. Во мај 2021 година ја објави и втората збирка кратки раскази „Сурови писатели“ под книгоиздателство на „Чигоја печат“.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 12

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ