Elementi Logo

БАЛАДА ЗА УБИЕЦОТ И УБИЕЦОТ И УБИЕЦОТ

Backgorund

Само што поминала полноќ во мигот кога ја допре замастената рачка од ножот, ја почувствува таа рачка како прилега на раката, го почувствува тоа прилегање како да е таа рачка направена токму за таа рака и токму за тој миг во кој таа рака ја дофатила, но тоа не беше нејзината рака со која ја допре таа рачка, тоа сигурно не беше нејзината рака; се сети дека со тој нож преку ден чистела риба, со тој нож и со таа или со некоја друга рака ја чистела рибата, а сега ја фатила рачката од тој нож со некоја друга рака, сепак со друга рака, дефинитивно со рака на некој друг: рачката беше мрсна и малку леплива, а раката туѓа, но сепак ја повлече; таа нечија рака ја повлече кон собата каде што спиеше тој или се преправаше дека спие, не беше сигурна, се сеќава дека не беше сигурна дали тој навистина заспал или само се преправа дека спие – туѓата рака знаеше и влечеше.

И Јана сфаќа дека таа рака е туѓа, се сеќава дека одеднаш го сфатила тоа и дека со другата рака, која веројатно беше нејзина, да, тоа е мојата рака, мисли Јана, тоа е мојата рака, мисли додека со таа своја рака ја фаќа другата рака што не е нејзина, и со таа рака, мисли Јана, тргнувам кон онаа друга рака, туѓата, што го држи ножот, и го грабам тој нож од таа туѓа рака, веројатно го грабам тој нож, и ја спречувам таа туѓа рака да ја користи мојата волја за своите гнасни планови; и се сеќава на рибата што лежи во мијалникот, Јана многу живо се сеќава на таа риба и се сеќава како сјајните рибји крлушки излетуваат под сечилото на ножот што Јана го држи во левата рака, излетуваат нагоре и сончевата светлина влегува низ отворената врата од терасата и тие крлушки блескаат под таа светлина; и тогаш Јана сфаќа дека е извршено само едно практично префрлување, ножот од десната туѓа рака е префрлен во левата туѓа рака, која е повешта, а сè друго останало исто, Јана сфаќа дека сè друго останало исто, дека истата сила влече напред, како доберман што влече, таква сила, ја влече кон креветот на кој тој спие или само се преправа дека спие, не е сигурна.

Јана се сеќава дека не беше сигурна дали тој спие, како што за овој Реља што седи на предното седиште на шкодата е сигурна – тој седи на предното седиште и спие, несомнено спие: ’рчи и е млитав како мртва риба и неговото тело се ниша на кривините, удира во стаклото и паѓа врз рамото на возачот, врз рамото на овој Пепол кој вози прилично брзо, вози со неприспособена брзина додека овој спие, сосем мирно спие, во тоа е сигурна – а тогаш не беше сигурна. Не беше сигурна дали тој спие или само се преправа дека спие, а сепак одеше. Одеше кон креветот на кој лежеше и можеби спиеше или можеби се преправаше дека спие и мислеше на рибата што порано преку ден ја чистела за него: таа не сакаше риба, тој сакаше риба, таа заради него ја чистеше таа риба и крлушките летнуваа нагоре кога ќе поминеше со ножот преку нив и прекрасно светкаа кога сонцето ќе ги прострелеше.

Јана долго ја чистеше таа риба затоа што не беше вешта во чистењето – ѝ требаше повеќе од еден час да стигне до сребрено-зеленкастата кожа што се наѕираше под безбројните крлушки што упорно ѝ се лепеа за прстите, но најпосле сепак успеа да ја исчисти, за првпат во тоа успеа – ниту еднаш дотогаш не ѝ успевало да ја исчисти, а сега успеа; и пресреќна поради својот успех отвори вино и ја стави рибата во рерната. А потоа почна да врне дожд и тој без збор излезе од станот. Веќе неколку дена наназад се случуваше истото: тој одеднаш без збор излегува и долго не се враќа – по неколку пати во текот на денот излегува и Јана мора да чека. Што ли му е? се прашува Јана, што ли му е, се прашуваше додека чекаше да се врати, долго чекаше да се врати, беше трпелива со него затоа што тој беше уметник, а уметноста бара трпение, особено уметниците бараат трпение, со нив мора трпеливо затоа што се чувствителни и животот сигурно не ги галел – затоа и станале уметници бидејќи животот не ги галел, не стануваат сите што животот не ги галел уметници, но некои стануваат и со нив мора внимателно, а овие другите кој ги ебе.

Јана понекогаш ќе помислеше: а овие другите, нив кој ги ебе? за миг ќе го помислеше тоа и во душата некаква рибарска мрежа ќе ѝ паднеше на дното; а потоа таа мрежа ќе ја извлекуваше од дното на душата: а ние другите? како нас животот да нè галел? себичнику! ќе помислеше Јана, но брзо ќе се соземеше. И Јана се сеќава како многу пати така се соземала, ја извлекувала таа мрежа од душата и се соземала – и овој пат се созема исто така, низ осветленото стакло на рерната ги гледа рибјите очи што одамна веќе испаднале од главата и мисли дека е време рибата да се извади, време е одамна да се извади рибата од рерната, крајно е време да ја извади рибата инаку ќе ја уништи, мисли Јана и стои, не ја вади рибата, се созема.

Јана чекори кон креветот на кој спие тој или се преправа дека спие, прилично соземена, но изгледа тоа не е нејзината соземеност, тоа е соземеност на некој друг, нечија туѓа соземеност, не е нејзината; и Јана чекори со таа туѓа соземеност, со туѓи раце и туѓи чекори, и Јана седи на задното седиште на шкодата и мисли: тоа се нечии туѓи чекори, тоа се нечии нозе – туѓи, не се мои; јас никогаш не би чекорела таму кон тој кревет, некоја туѓа Јана чекорела, така се сеќава: таа јасно се сеќава дека била туѓа, не била таа, иако неа, Јана, многу ја боли кога се сеќава, навистина боли.

И тогаш тој одеднаш се разбуди – проминуваат карпи и клисури пред нејзиниот нос што го прилепила до прозорецот на шкодата и поминуваат осамени борови на карпите – а овој Реља се разбуди и вели

Близу сме до тоа твое Липово

зее и вели

прилично близу.

И Јана мисли

Значи сме близу, значи тука е тоа Липово.

И Јана го спушта стаклото и ја протнува главата низ прозорецот на шкодата. Ѝ се допаѓа пределот: таа Сињаевина и таа Бјеласица се сè поблиску и сè поголеми како што им се приближуваат. И коритата од снег при нивните врвови растат во тоа приближување.

Има баш многу снег

мисли Јана и се сеќава дека тој ѝ раскажувал како неговата мајка како девојка од тие стрмнини над Липово на грб довлекувала огромни коцки мраз со кои потоа ја поеле стоката. Во текот на поголемиот дел од летото ги имало тие коцки, раскажувал. И ѝ рекол дека неговата мајка веќе во триесеттите била сосема погрбавена, свиткана до земја, сè од тие коцки. И Јана сега ја замислува таа жена свиткана до земја и мисли како таа жена, неа, Јана, би ја убила – да ја види, сигурно би ја убила – да беше жива, таа жена што мразот ја свиткал до самата земја би ја убила поради она што му го направила на нејзиниот син; а од таа Сињаевина и таа Бјеласица доаѓа свеж планински воздух и Јана со полни гради го вдишува тој воздух.

До пред малку мирисаше на риба, баш силно мирисаше, целиот стан и целиот свет ужасно мирисаа на загорена риба, а сега не се чувствува така силно – тој стар мирис станува сè послаб и Јана сега пред сè чувствува неверојатно свеж воздух, веројатно од Бјеласица и веројатно од Сињаевина, таа го чувствува тој прекрасен свеж воздух што веројатно доаѓа од тие планини и што можеби исто така доаѓа и од морето.

Чувствувате ли? Сега сигурно чувствувате!

– овој Реља што зее на предното седиште сигурно го чувствува тој мирис, мисли Јана, и одеднаш би сакала и тој да го почувствува исто така.

И тогаш продолжуваат да проминуваат клисурите и карпите и пред Јаниниот нос да лизгаат во некакво минато – таму во тоа минато до малку постоеше само една голема риба на која веќе сосема ѝ испаднале очите, една риба чија кожа веќе не беше сребрено-зелена туку жолта: најпрво жолта, но брзо станува сè потемна – за многу кратко време таа рибја кожа потемнува во тоа минато и на крај сосем поцрнува, за многу кратко време е црна, и тоа се случува одново и одново во тоа минато, и Јана одново и одново мисли како е крајно време да ја извади таа риба – но никако да го направи тоа, само седи, не ја вади. И Јана се сеќава дека едвај се натерала да ја извади таа риба од рерната; и кога најпосле ја извадила, ја ставила таа риба на кујнската маса и веќе не мислела на неа; решила повеќе да не мисли на неа и повеќе не мислела; дури некаде околу полноќ повторно ја видела таа риба – било пет часот попладне кога ја извадила рибата од рерната, дури некаде околу полноќ повторно влегла во кујната и ја видела; ја видела таа риба како јагленисана лежи на кујнската маса, а потоа го дофатила ножот и почувствувала дека рачката од ножот е мрсна и малку леплива.

(Извадок од романот „Балада за убиецот и убиецот и убиецот“, издфание на Геопоетика, Белград, 2025)

Превод од српски јазик:

Сашо Огненовски

ЗА АВТОРОТ

Далибор Пејиќ

Далибор Пејиќ (1984), e роден во Белград, студирал филозофија на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Белград. Ја објавил збирката поезија „Меѓа помеѓу“ (2010) и збирката ренесансни раскази, за кои ја добил наградата „Ѓура Ѓуканов“ во 2015 година. Неговиот прв роман „Месечари“ (Геопоетика, 2022) беше во потесен избор за НИН-овата награда. „Баладата за еден убиец и еден убиец и еден убиец“ е неговиот втор роман, копј исто така беше во потесен избор за НИН-овата награда. Живее во Белград.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 18

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ