Elementi Logo

ЗАГАТКА

Backgorund

ЗАГАТКА

Од којзнае каде, над градот збувна
румен пламен, распламтен како ореóл
крај иглолисна гора втоната в мрак
расечен како подбивна зајачка уста
безгласен како поткината жица
густ и непрониклив како зеница
надвисната над недовршена скица
што се задава како загатка, равенка
со непознат почеток и крај.

Но од каде и зошто е слетан тука
скакулецот на стракот трева во скица
што е недовршена и е загатка
на погрешно место и во ниедно време?!

ПРЕОБРАЗБИ

Светот во сонот со слики од секојдневјето
одлушнати од него и вмушнати во нас,
во најдлабоките темни ареали,
ги довикува оние искри што можат
на прескок да се префрлат лесно
од едно на друго место, од една
во друга форма, поинаква и не толку
само колку да не паднат в стапица
за да можат да се распламтат
и да нѐ озарат сите со убавина
што опива наоколу и се опева сега,
овде, веднаш, еднаш засегогаш!

ОВДЕ И СЕГА

Слапот фотони слеан низ мрачната инка
го пламнува без оган факелот што отвора
пат во свет пресликан на необично платно,
скриен зад решетки од преплетени коски
меѓу мрачното јаве и светлиот сон,
каде што ѕвонот од часовникот
е точниот клуч за невидливата брава
на кафезот за жар-птица, грлица
што слетува бесшумно пред тебе,
се исправа и пее со чисто грло
од кое се слеваат два гласа,
едниот водоскоклив за ден сведен,
другиот ромонлив за длабок мрак.

ДОПИР

Точките во кои првпат ќе се допрат
ветрот и водата, окото и светлината,
пренесени на графиконот се слеваат
во крива линија, а потоа во крила,
чиј замав на екранот растреперува
нови јата крај кладенецот, студен
и буден во холограмската слика,
каде што расцветува совршен лотос
од чија убавина намовнуваат лицата
внесени во нестварниот пенлив свет,
вкоренет во бескрајните синхронии
преплетени во жив јазичен крвоток.

ЗАПЛИСНУВАЊЕ

Совршен, завршен од почеток
и на исто место сѐ до крајот
стои стремен, врамен насреде,
пред овална празнина пропушта
стреперен струеж од хорна,
невидлив јавач на звучен бран
во лавиринт на заспан полжав,
каде што чистата убавина
е на чекор пред сопствен вознес
или да се залула за миг
пред стрмниот пад
во бескраен заборав.

КРИЛ

На оваа рамнина, зрна песок
се точките што се слеваат низ прсти,
раскрилен крил на планини вода
што жнее длабоки ледени гребени,
свилен цут на свивливи ливади
втиснат во немите очни ириси
свртени кон шумливото море
во дворот што ја најавува есента,
кон млечните облаци што зреат
до мигот кога здивените јата
тргнуваат во разуздан пир
да го обезглават пирејот,
никнат во несогледливиот свет
каде што изгрева и заоѓа безмерноста.

*Крил – „храна на китовите“, планктонски ракови, кои се појавуваат во гигантски јата во ледените океански води, според зоолозите, најуспешен животински вид; во песната, синоним за непрегледното мноштво (планктони, песок, капки вода, поленов прав, пиреј) во водените и земните пространства, за она што е речиси невидливо и е во основата на животот.

ДИНИ

Дланката добро го помни тој пат
на моливот врз сувиот лист,
прелетан не само еднаш без здив
во озрачениов андроиден век,
тој нежен напир врз снежно поле
кога се креваат сиви галеби,
ветер што, вртејќи се околу себе,
ја бранува леко мирната вода,
втиснува бујни еолски ребра
на полиња преполни песок,
ги подгонува дините да пеат
прво тихо, со одвај чуен ромон,
а потоа засилен шум и рев
ја ошумоглавуваат публиката,
распространета на Земјината кора,
свикната на лесни песни
и на горка смеа, до солзи.

ЖИЦИ ЗА НЕМИРНИ ПТИЦИ

„Ги зачував своите венци за тебе.“
(Леонард Коен, „Како птица на жица“)

Сонот на распнатиот што сонува лет
е налик на дамар што забрзан бие
под трнов венец на патот жолчен,
под оловни клепки пушта свој корен
од кој пеколна жица се влече в јама
а од рудата руно, огнено, метално
предиво за струни, раскрилени, диви,
што шибаат како разудани јата,
од глог до трн, од трн до глог:
и-ха-ха, и-ха-ха, е-хе-хеј!

НЕ Е НАШЕ

Некој под земи, далеку, се кикоти,
Како да ја прекрил устата со дланка.
Блаже Конески, „Стерна“

Она што нѐ опкружува не е наше,
тое е имот на нестројниот хаос,
го чека тој вистинското време
додека дреме во секојдневјето
и на штурецот ја слуша свирката,
подоко ги гледа мравите што влечат
ѕвездени зрна во амбарите
завиткани со бубаќерен молк
дури не нарасне најмилата му сестра,
нескротливата безумница, стерната.

И НA ЈАВЕ И НА СОН

Напразно е нему да му се поклониш до земја,
до трипати да чукнеш во тоа негорско дрво,
макар разгрането и со широко стебло
на кое прегрнуваш гранка по гранка
со нанижани бобинки што бабрат
а сокот ти пука в уста со засирена сласт
јазикот натежнува, а гласот татни
како распукан топ од црешово стебло
во востание што е осудено на пропаст
дури и тогаш кога се порева поредокот
но уште не се гледа кај му е крајот
во доба на бесповратни промени
со земјотреси од пеливанското ашкање
на тектонските тешки и широки плеќи.

ЗА АВТОРОТ

Весна Ацевска

ВЕСНА АЦЕВСКА (р. 1952) – пишува поезија и проза, преведува од руски и од јужнословенски јазици. Член е на Сојузот на писатели на Македонија; на Македонскиот ПЕН-центар; на Сојузот на литературни преведувачи на Македонија; на Интернационалното друштво „Калеваласеура“ од Финска; и на Меѓународната славјанска литературна и уметничка академија од Варна, Република Бугарија. Има објавено осум поетски збирки и еден поетски избор на македонски јазик, a десет избори од нејзината поезија се публикувани на англиски, албански, бугарски, полски, романски, српски, турски и хрватски јазик. Застапена е во разни антологии на македонската поезија објавени во земјата и во странство. Ги добила наградите за поезија „Браќа Миладиновци“ (2009) и „Ацо Шопов“ (2021). Авторка е на три романи за деца и младина. Ги превела еповите „Калавала“, „Стара еда“, митолошкиот дел од „Шахнаме“ на Фирдуси, „Млада еда. Видението на Гилфи“ од Снори Стурлусон и уште десетина книги, самостојно или во коавторство. За преводот на „Калевала“ и на „Стара еда“ двапати ја добила наградата „Григор Прличев“ (2000; 2009). Носителка е на почесно признание од Финска за преводот на „Калевала“ (2000) на македонски јазик и на признанието „Ана Ахматова“ (2020) за афирмација на руската литература. Има уредено два броја на ревијата на Македонскиот ПЕН-центар и две изданија со народни приказни од Македонија. Член е на редакцијата на списанито „Книжевно житие“ на книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје. Носителка е на државната награда „Св. Климент Охридски“ за животно дело во областа на културата и литературата.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ