Elementi Logo

САФАРИ ЗАД ВОДНО

Backgorund

Јасен. Ловиште, национален парк, природен резерват, или подземно скривалиште за македонскиот државен врв? Можеби е тешко да се дефинира што сè е Јасен, но едно е јасно. Станува збор за еден од најнепознатите предели во Македонија.

Можеме да објавиме стотици репортажи под заеднички наслов „Непозната Македонија“, но повторно ќе биде присутно чувството дека многу малку работа сме завршиле, сѐ додека не отидеме во „Јасен“, местото за кое никој не спори дека е едно од најнепознатите места во Македонија. Поводот да појдеме во „Јасен“ е една неодамнешна средба со Михаил Малахов, директорот на јавното претпријатие што стопанисува со резерватот, кој нè убедува дека повеќенаменското подрачје „Јасен“, како што официјално гласи називот, наскоро ќе биде достапно за секого и ќе биде врвна дестинација што ќе носи ловни туристи од сите краишта на светот. Решивме да ѕирнеме.

КУЛА. Водич во резерватот ни беше шумарскиот инженер Тони Арсовски, раководител за лов и шумарство во „Јасен“. Според договорот, со него се најдовме на крстосницата кај скопското село Нова Брезница, оддалечено на четириесет километри од центарот на градот. Оттаму заедно тргнавме кон месноста Кула – кон влезот.

Првото нешто што ќе го видите зад капијата на резерватот се неколкуте ловечки куќички на планината Караџица, на 1060 метри надморска височина. Куќите се со специфична архитектура – со форма на пирамиди. Како што ни објаснија домаќините, зиме тука паѓа и по еден метар снег, па затоа било одбрано такво архитектонско решение. Ѕидовите во собите се украсени со трофеи од помалку вредниот дивеч што го отстрелале гостите на ловиштето, што не е случај и со врвните трофеи, кои ги носат со себе. Од каде се ловците што доаѓаат во резерватот, најдобро ќе видите од врамените репортажни статии за „Јасен“ по ѕидовите, објавени во угледни светски списанија за лов и природа. Секоја куќичка има парно греење, а за посебно доживување во секоја има камин.

Остана уште да ги причекаме неколкуте работници што требаше да ги пренесеме со џипот до другите делови на „Јасен“, низ кои ќе поминеме.

НЕОТКРИЕНИ ПЕЈЗАЖИ. Големата табла што ја видовме веднаш по тргнувањето, најави дека патот е тесен 2 до 2,5 метри. Првиот пејзаж најави дека ќе се движиме низ шума од црн бор и варовнички карпи. На десетина минути возење од Кула, ја имавме првата средба со езерото Козјак, кое се договоривме да го видиме одблиску пред крајот на денот. Патот е навистина тесен и непрегледен и речиси е невозможно да се разминат две возила. Во тоа се уверивме кога нашиот ленд ровер нагло застана за да се размине со камиончето со работници на „Јасен“, тргнати кон Кула.

– Обично се договараме, но сега не очекувавме некој да дојде отспротива. Но, ние го знаеме патот, па знаеме како да се извадиме – ни рече нашиот водич.

Овој пат лесно се извлековме. Ленд роверот има високи тркала и може да се качи на карпестата банкина, но тешко би можеле да се извлечеме со автомобил, без да скршиме полуосовина или без друго сериозно оштетување. Гледајќи ги видливите траги од големите пожари во 1994 и во 2007 година, помислувате дека би било голема авантура повторно да се пушти за јавен сообраќај патот што некогаш водел одовде до Македонски Брод. Гледано од око, ви се чини дека единствено разумно решение е да се пробие нова лента, но брзо се прашувате колку е тоа исплатливо, гледајќи го карпестиот предел низ кој се пробивате кон Порече.

Единствениот објект што го видовме по патот беше некогашната смоларница, каде што се собирала смолата од боровите дрвја, сè до откривањето на синтетичките масла. Во ридовите и долините што се отвораат пред вас веднаш ќе ги забележите големите висински разлики на теренот во кругот на резреватот, кои се движат од 319 до 2.473 метри надморска височина. Шумичката од левата страна на патот најави дека се движиме покрај коритото на реката- -понорница Оча, најголемата река, по Треска, во кругот на „Јасен“. Пробивањето покрај скриениот водотек беше можност да видиме дел од опремата за одгледување на дивечот – хранилки, фаќалки и солишта. На целата површина на резерватот се поставени околу двесте хранилки и триста солишта за елени и диви свињи, за кои секојдневно се грижат работниците на „Јасен“, покрај другите дневни обврски. Еден од зафатите што треба да ги подобри условите за живеење на дивечот е и каптажата под сртот на планината, од левата страна на патот, со која се зафаќа водата од повисоките извори и преку цевковод се спроведува до пониските делови на резерватот – за напојување на дивечот. До нашето одредиште останаа уште десетина минути возење, па решивме накусо да одморивме кај Ристова чешма гледајќи ги крупните мрени и крапови во базенот со свежа риба од рибникот на резерватот.

КРЕВЕТОТ НА КАСТРО. Дрвената куќа од спротивната страна на серпентината, најави дека пристигнуваме во Селиште – некогаш село, денес мала ловечка населба со неколку куќи. Застанавме пред камена куќарка со трофеј од муфлон. Нѐ пречекаа голем црн шарпланинец и неколку работници од овој дел на резерватот. По шарпланинецот дојдоа и пет-шест мали шарпланинчиња, растрчани околу мајката, која веќе тргнала кон џипот да ги провери гостите. Дознавме дека кутрињата се најновиот пород од фармата за шарпланинци во овој дел од резерватот.

– Сега ќе ги видиме куќите – ни најави Арсовски, покажувајќи кон трите ловечки куќи, секоја различна една од друга.

Почнавме од зелената, куќата што ни се виде најздрава и тазе реновирана. Поучени од искуството со ловечките куќи кај Кула, знаевме дека и тука треба да очекуваме убаво уредени соби украсени со трофеи, опремени со парно греење и луксузни бањи. Но, добивме и нешто поопипливо… Бевме решени да разбереме барем едно звучно име од ВИП-гостите што престојувале во „Јасен“, и покрај строгиот режим за чување на тајноста на идентитетот на гостите. На крајот ни успеа. Кога веќе не ни беа доволни имињата на поранешните комунистички функционери Лазар Колишевски и Благој Попов, на високи сојузни функционери од времето на СФРЈ и на министри од транзицискиот период на Република Македонија, успеавме да искамчиме име на светски лидер.

– На овој кревет спиел Раул Кастро, сегашниот претседател на Куба – ни признаа домаќините од кои настојчиво баравме да го потврдат или да го одречат нашето сознание.

Продолживме со белата вила и дрвената куќа што ја видовме од спротивната страна на серпентината. Кој би рекол дека некогаш ќе седиме во салон на луксузна куќа од дрво на околу седумдесет километри зад Водно, ѕиркајќи низ прозорецот да видиме дали ќе помине некој муфлон или елен лопатар, со студени лименки пијалок од фрижидерот во куќичката? Зар не е воодушевувачки кога ѕиркајќи низ прозорецот ќе здогледате пупунец или некоја друга убава птица на телефонскиот кабел на неколку метри од прозорецот?

САФАРИ. Откако ги видовме вилите и неколкуте колипки од кал и плетени прачки, ни остана предизвикот да видиме и нешто од дивечот по кој во „Јасен“ доаѓаат важни гости од светот, па дури и државници и светски прочуени бизнисмени, чии имиња неофицијално се врзуваат за ловиштето „Ивање“, дел од „Јасен“, од другата страна на Треска. Се упативме кон Подиште, едно од заградените размножувалишта за крупен дивеч во месноста Селиште, со површина од околу 1.800 хектари.

Првото нешто што нè потсети дека сме влезени длабоко во дивината беше топотот на ниското црвенкаво крзно што протрча на стотина метри од нас, пробивајќи се низ дрвјата. Одговорот го видовме во свежите траги меѓу камчињата во меката црвена земја – неколку мига пред нас оттаму поминал елен. Газејќи на прсти, се пробивме до набљудувачницата кај ледината на десетина минути одење оттаму.

– Дивечот е малку попаметен од нас, па се крие порано, пред да стане жешко. Ако негде има шанси да видиме нешто, тоа е овде – кај хранилката, кај солиштето – ни објасни со шепот нашиот водич.

Доволно е да ви заѕвони мобилниот телефон за да се исплаши и да побегне во друг правец, како што ни се случи нам. Повикот беше до Арсовски и требаше да нè предупреди на новата опасност на тесниот пат – тракторот со сено тргнал кон Подиште.

– Телефонот ќе ги оддалечи, ама еве шанса. Дивечот ќе се раздвижи од тракторот, па би требало да видиме нешто – велеше искуството на Арсовски, но излезе дека залудно чекавме. Сепак, имавме некаков ќар од тракторот – барем враќањето до џипот ни беше полесно.

Ја искористивме можноста да се провозиме и повторно тргнавме кон Селиште, да провериме дали треба некого да префрлиме накај Кула.

Но, не било пишано тој ден да го видиме Козјак. Телефонски повик ја прекина спокојната пауза кај куќарката со шарпланинците. „Под Кула има пожар, сите вработени итно да заминат за Кула“ – беа малкуте зборови од телефонскиот повик, пред да настапат тишината и неизвесноста.

Прво објавување: 18 јули 2008 г., Форум

(Од книгата патеписи „Непозната Македонија“ во издание на Бегемот, Скопје, 2020 г.)

ЗА АВТОРОТ

Васко Марковски

ВАСКО МАРКОВСКИ (1973), туристички водич, поет, патеписец и литературен преведувач. Дипломирал на студиите по турски јазик и книжевсност со чешки јазик и книжевност. Автор е на поетската книга Корпоративно утро, монографијата Урбани легенди и патеписите Непозната Македонија. Главен уредник е на месечникот Free Time Guide – Macedonia. Добитник е на признанието Најдобар промотор на Македонија за 2010 година.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 12

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ