Станувај ајде,
знам дека си мрзлива, драга.
Но станувај, да бидеме заедно
агапето со твојот Бог да не го прекршиш.
Се чувствува, драга
твојата одбивност кон религијата
нашата религија љубовна,
а ти си паднала во униние
па не му се молиш на Бога,
не ни се молиш нам.
Па станувај да бидеме заедно
унинието изгледа посилно е сепак
па така
остани
со твоето срце.
Срцето нам посветено,
но мрзливо.
Парадокс те мислев,
но не си ми спротивна.
Спротивност те мислев,
но не си ми различна.
Различна те мислев,
но не си ми далечна.
Далечна те мислев,
но ти си ми љубена.
Љубена те мислев,
два пола сме од дијабола.
Светоста на нашата еротика
и близината обична.
Дихотомична двојност,
а едност сме сторени.
Далечна те мислев,
но ти си ми љубена.
Парадокс те мислев,
но ти ме надополнуваш.
Спротивност те мислев,
но ме изедначуваш.
Различна те мислев,
но една душа сме сродна.
Далечна те мислев,
но ти си ми љубена.
на секоја реплика од секој филм на Тарковски
што сум ја поврзал со тебе
И не е до мене проблемот
што заљубувањето и мислите кон тебе
форма си наоѓаат,
немам толкава сила, ниту разум
да пронајдам убавини за тебе
до тебе е, драга, што постоиш
и што си некаква Муза
што Бога до мене го плетеш,
а до Тарковски е проблемот
што поради неговите кадри
ти форма во песниве добиваш.
И не сум јас крив што не можам да се сопрам,
а зборови доаѓаат
ти низ нив проаѓаш,
а до Платон е што ми разјасни
како тука, баш во овој збор пристигнуваш,
а Демокрит уште пред него потврдил
дека во право сум што сум вдахнат.
И не сум јас виновен
за твоите проблеми што во мене решиле да поседат,
па што успевам да ги решам
и во уметност да ги престорам,
до тебе е, драга, што во мојата суштина се населуваш,
а Тарковски е проблемот што тоа го согледува,
го кадрира во стихови
и во песна го пишувам.
Не е до мене, до тебе е, драга,
не е до мојот вдах, до Тарковски е проблемот.
[песните се дел од стихозбирката „Молитвени дискурси“ (2022, ПНВ Публикации)]
Според своите лични убедувања дека сè што прави во животот е резултат на некаква инспирација или вдах од некаква небесна или световна Муза, Андреј Медиќ Лазаревски себеси се определува како вдахновен (со љубов) човек. Еросот по метафизиката и вистината го носи до студиите по философија на Филозофскиот факултет при УКИМ, како и до активно учество во активностите на Филозофското друштво на Македонија. Ентузијазмот за уметноста, пак, заедно со тој за философијата, го прави дел од организацискиот тим на Филозофскиот филмски фестивал. Од вдахновената потреба да направи простор за ширење на младинската уметност ја основа неформалната организација за култура „Култура β“ каде што работи на интервјуа, а ја уредува и поетската и философската рубрика, а заедно со поетесата Ивана Јовановска го отпочнува поетекиот проект „Поетска епизода“. Од поривот за пишување – има објавено две статии во списанието „Филозофска трибина“, како и неговото поетско првенче „Беседење со неа“ (2021, Дата Песнопој) и втората стихозбирка „Молитвени дискурси“ (2022, ПНВ Публикации). Најголемата инспирација ја добива од луѓето близу него чијшто вдах го вмрежува во стихови, го актуализира единствено преку прегратки, а го овековечува преку беседи. Ваквите беседи стануваат молитвени дискурси што молат за нови вдахновенија. Инаку, родум е од Скопје, а роден е на 14.4.2001 г.