Elementi Logo

Крвава книга

Backgorund

* * *

еднаш, вели, родила откупител. грчевите биле
неподносливи. часовите, статични како век, ја криеле
недоличноста од соседството. еднаш, заборавајќи
како се вика, побегнала во шумата и наместо име открила змија.
со камен ѝ ја здробила главата и од неа направила бич
со кој го убила поредокот. следниот пат, вели,
ќе направи бесилка, ќе заспие на детелина.

* * *

да се родел, вели, откупителот би имал рахитис.
веќе ги вградил своите заби во моите коски. тоа значи дека
откупителот наместо крв во вино би претворал млеко.
неа, за казна, би ѝ ги одстранил градите
и од нив би направил рибарска мрежа каква што користат
разуздани ловци на луѓе. еднаш, вели, за малку
родила одгледувач на свињи кому ќе му служи целото
село: сè додека народот–грешка не стане народ–оружје
со кое татковците на нациите ги убиваат отпадниците.

* * *

неа за љубов наместо свиња одгледав јазик
чието преполовено месо се дими обесено на четириножни куки.
неа за љубов, затоа што не чита, напишав дека имам проширена
аорта и циста на бубрег. и жена–жена
која, откако ќе го завршам своето, ќе исчисти зад мене.
која, откако ќе исчисти зад мене, ќе изведе утро
во кое ќе лежат осум умрени животи.

* * *

мојата мајка е зборливо финале на тишината,
посечена сенка на долги акцентски должини пренаменети
во ножеви со кои татковците–татковци, почитувајќи го космичкиот закон
на посилниот, на татковците–мајки им ги вадат очите.
на што татковците–мајки, во знак на благодарност,
им намигнуваат со поранешниот поглед.

(од поетската збирка „Крвава книга“, издание на Дурие, Загреб, 2024)

 

Препев од хрватски јазик:

Сашо Огненовски

 

ЗА АВТОРОТ

Фрањо Нагулов

Фрањо Нагулов е роден 1983 година во Винковци. Библиотекарски студии дипломирал на Факултетот за хрватски јазик и литература во Осиек. Досега објавил единаесет збирки поезија, две е-книги за поезија, три романи, две сценарија за играни филмови и студија за поезијата на Бранко Малеша. Добитник е на шест награди за литература и литературна критика, претставен е во неколку панорами и антологии, а е и преведен на англиски, германски и словенечки јазик. Објавувал поезија и литературна критика во бројни литературни списанија, специјализирани портали и во специјализирани емисии на Третата програма на Хрватското радио. Живее во Винковци.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 16

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ