Elementi Logo

Љубомора

Backgorund

Љубомора

(од „Под дервишовото сиќе“)

 

Една пеперуга - две крилца

Макнати в сребрена прав

Животот ѝ трае

Колку еден понеделник

И може да го обиколи целиот град

Без да се закашла

- Пеперугата.

 

Јас

Кој во еден ден

Ги надживувам

сите пеперуги на светов

Со чврга ја фрлам цигарата

Низ балконот

И дур стигнам до тоалетот се уморувам

- Јас.



Изгребани огледала

(од „Секој секому огледало“)

 

Дождот повторно ја слекува смрдеата

од зад ушите на градот.

И мувлата набабрува со истот оној крцкот

под крлушкавите и пожолтени фасади,

па ги ослободува така заробените воздишки

од бетонските бедра на нашите згради.

 

И ние веќе стискаме ново сонце в дланки,

верувајќи дека ништо не е за навек,

дека вината конечно ќе се помири 

со нашиот занес,

и ненаситно ќе грабаме напред.

 

Но нашите богови се спуштиле уште поблиску,

и, овој пат, брстат од усвитените гради и глави

како од букети брусница.

 

Боговите што се растурија на илјадници

светлечки квадрати и кружат околу нас, кружат

и како полипи го обрабија душникот на градот

и во секој од нив нов портрет се раѓа

за да го надополни кругот бесполезности.

 

Го разоружавме рамномерниот од на дождот,

што ноќва бесконечно нѐ приближува кон себе,

со воздишки што растат по екранот

и разборитост разбиена во недоглед од грчеви.

 

Но дождот ќе го пробие

и покривот на нашите удопства,

и светлината ќе мора да згасне,

и преплашени ќе немаме каде

да го скриеме погледот

освен во себе.

 

   
   

Сѐ уште не знаеш

Дали си од ровка почва

Или од солзливо небо

Дали си ја препитомил крвта

Или си го загризал ветрот

Сѐ уште не си го нашол островот

Во очите на ламјата

Ниту ровјето под срцето на бикот

Пред тебе

Илјадниците амајлии на ноќта

Се отвараат како пурпурни кшетрами

Вдолж папокот на иднината

Зад тебе

Илјадниците наговестувања на денот

Цветаат како соблазителна мрша

Во дланките на минатото

Ќе посакаш да љубиш

А нема да знаеш како

Ќе посакаш да мразиш

А ништо нема да добиеш

Ти си капка во океанот

И океан во капката

Грбот на каменот и мрморот на молњата

Се твојот непреболен дом

Но, живеј, живеј така подвиткан

За да умреш исправен

За да можеме да речеме

Човек, човек беше!

 

ЗА АВТОРОТ

Андреј Ал Асади

АНДРЕЈ АЛ-АСАДИ (1996), македонски поет. Дипломирал на економскиот факултет на универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Автор на поетските збирки : Midnight blues, Под дервишкото сиќе и Небесна геометрија. Двапати бил во најтесен избор за наградата Браќа Миладиновци на Струшките вечери на поезијата.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ