Elementi Logo

ШТО АКО?

Backgorund

Што ако?

Што ако еден ден се разбудам крај тебе
во твоите прегратки што потсетуваат
на топол песок во јули.
Што ако се изгубам во твоите светлосини очи
исти како мојата омилена вода.
Што ако ако сум само измамен од твојот подмолен бакнеж
што прави да се чувствувам посебен.
Што ако еден ден завршиме заедно
среќни во голема куќа
некаде на Медитеранот.
Што ако на грамофон ги пуштаме
само твоите омилени плочи
за со насмевка да ја слушаш твојата омилена песна.
Што ако сè што се случува e за да завршиме заедно
како во некоја подла игра во која ние сме куклите.
Што ако само уживаме во една таква манипулација.
Што ако сè ова е само во мојата глава?

Градски парк

Таму го поминав деството
и ги запознав моите први другари.
Таму уживав во мојата детска наивност,
исполнета со разни игри.
Таму го испив моето прво пиво.
Таму ја бакнав мојата прва симпатија.
Таму ја прашав мојата прва девојка
дали ме сака.
Таму го спознав светот – оној вистинскиот.
Видов сиромаштија, завист и љубомора.
Почувствував предавство.
Таму првпат заплакав.
Кога видов колку зол е овој свет.
А паркот ме прегрна
и со шумот на безброј лисја ми шепна:
„Сѐ ќе биде во ред!“

ЗА АВТОРОТ

Васил Ханџиски

Васил Ханџиски (2002, Скопје). Студент на машинскиот факултет (смер инженерство за заштита на животна средина) при универзитетот во Марибор. Автор е на стихозбирката ,,Сложувалка” (ПНВ Публикации, 2023).

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ