Elementi Logo

СИРОТИЦА

Backgorund

Сиротица

Го привлекуваа чудаци, го фасцинираа самоубијци, им се восхитуваше на проколнати поети.
Се запознаваше со секој депресивец и его-манијак кој ќе го сретнеше (со некои од нив дури и склучуваше пријателства), но сето тоа не значеше дека и самиот има дијагноза.
Сепак, се претставуваше како подвоена личност.
Немаше ниту еден симптом што укажува на такво психичко нарушување, но упорно повторуваше дека некаде длабоко во него живее и друга личност – Маргарета, сиротица заробена во мракот.
Неговата прва личност жестоко се противеше на тоа, тврдејќи дека нејзината соперничка не постои.
Наводната подвоеност е измислица на безделничкиот ум, желба за привлекување внимание.
Залудно се спротивставуваше на првата личност со повикување на законот за заштита на загрозени групи и поединци, на плурализмот на идентитетот – првата личност не отстапуваше од тврдењето дека целата игра е осмислена.
Во неможноста да ѝ овозможи на првата личност каков било доказ за постоењето на сиротицата, освен нејзиното име и изглед (што не можеше да се провери), посегна по маневарот на лажно предавање.
Се откажа од своите тврдења, со клаузулата:

Доколку се утврди дека Маргарета не постои или постои само како привид (па, не може да се смета за полесна девијација на психата), првата личност, сознанието дека е единствена, не смее да го прими со преголемо одушевување ниту ликување.

Ги потпиша тие ништожни зборови и така ја ослободи Маргарета од кафезот.
Нејзиното постоење е забележано на хартија и заверено со печат.
Тоа беше пресуден чекор во легализација на нејзиното постоење.
Нејзиното преземање на власта помалку или повеќе ќе биде рутинска работа.
Почна со планови какви чевли, фустан и накит да ѝ купи.
Ќе мора да изгледа како кралица додека оди до тронот по црвениот тепих.

Борба на титаните

Дури и кога ги разобличи сите нивни лаги и си замина од нив, сѐ уште го оптоваруваа со своето невидливо присуство.
Седеа во мрак и го мереа секој негов збор, ја проценуваа секоја негова постапка, стрпливо го чекаа неговиот телефонски повик.
Се трудеше да не размислува за нив и да не им придава важност на нивните премолчени очекувања, но знаеше дека ќе биде сосема слободен дури кога ќе ги погреба и исплати гробарите по извршената работа.
Не се осмелуваше да ги запали семејните фотографии.
Во ситниот растер од црно-бели сенки се криеја премногу духови со здрави заби и слабички лица, дефинитивно премногу евтини блузи и прекратки панталони, се менуваа премногу наивниот оптимизам и прераната сериозност…
Имаше премногу, премногу нешта што ги зајакнуваа.
А тие?
Тие седеа на своите фотелји и со слабите, жилави раце цврсто ја држеа слушалката на телефонот во која изговараа наредби во форма на молби.
За разлика од него, кој го поседуваше светот, тие поседуваа моќ.
Сепак, неговата непобедливост воопшто не ја интересираше тоа.

Превод од српски јазик: Иван Шопов

ЗА АВТОРОТ

Звонко Карановиќ

ЗВОНКО КАРАНОВИЌ е српски поет и прозаист. Роден е во Ниш, 1959 година. Работел како нивинар, уредник, водител на радио, диџеј и организатор на концерти. Почнал да пишува поезија под влијание на бит книжевноста и поп културата. Во совите подоцни книги експериментирал со надреализмот и песните во проза. Добитник е на неколку српски награди за поезија како и на неколку меѓународни книжевни стипендии, меѓу другото и оние што ги доделува „Хајрих Бел финдацијата“ во Келн, Германија, 2011 год. Објавувал во сите позначајни книжевни списанија во старата и новата земја. Песните му с епреведени на шеснаесет јазици.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ