Ништо повеќе од крик
Одвиен од грлото
Во мигот на најдлабокот занес
Највеличествениот презир
Кога тажната воинственост
Ги придвижува одродените
Прсти на векот
Божем наспроти нешто неповторливо
Нешто неминовно и вечно
Телата се грчат
Како пред будна жештина
Чекајќи го своето слевање со екот
А во неговите очи
Како во два студени тишјаци
Клучот до сите насмевки на смртта
Нашата радост, наша прокоба
Срцето со своја азбука.
Според Сцената „Кошмар“
од балетот „Аболиција“ на Љубомир Бранѓолица
Ги затвараш очите
И точка стануваш
– Околу тебе светот
Наеднаш се врти ..
…Свеста се издолжува
Во безбоен камшик
Кој ги обединува
Сите сонишата…
Слаткото одложување на неопходноста
И неосвоиливите вообличувања
Горчливоста на спротивностите
Низ која само се обзнанува
Излишноста на сопствениот траг
И пред да знаеш
Веќе те повлекла
Полека
Вовлекла
Со себе
Удолу
Безука
Палаво
Безумно
Подмолно
Безболно…
…Од другата страна
Каде што светот е точка, сега
А ти – цел еден свет
Па, татни во тебе
Тропа, гребе, завива
Да излезе
Да прогледа
Со одвратен смев
Ти ја распорува утробата
И од неа повторно
Само ти гол слегуваш…
Но бргу, бргу отвори ги очите:
Пред тебе ете, топка мрак
И еден камшик
Што бие во далечината…
АНДРЕЈ АЛ-АСАДИ (1996), македонски поет. Дипломирал на економскиот факултет на универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Автор на поетските збирки : Midnight blues, Под дервишкото сиќе и Небесна геометрија. Двапати бил во најтесен избор за наградата Браќа Миладиновци на Струшките вечери на поезијата.