Јас сум
заскитана прашинка
на осамена улица.
Се чудам
зошто душите
се закоравени
како засушена мов
на осамено сокаче.
Се спојувам
со агонијата
на несфатливото,
заробена сум
во магичното постоење.
Се прашувам
за гладта во душите.
Посегнувам по она
што заситува.
Погледот искривен
од матни сеќавања.
Мислам едно,
толкувам друго.
Ех, да можев
болката да ја исплачам!
Ех, да можев
мудроста да ја возвишам!
Душа скитничка
Душа скитничка
се лепи на туѓи улици,
чекори низ туѓи улици.
Чекори низ празни
и тешки ходници.
Душа скитничка…
Времето испарува,
мислите добиваат
божествен лик.
Во моментот
кога стануваш човек –
си го нашол Бога во себе.
Од поетската збирка „Јанѕа“ во издание на ПНВ Публикации, Скопје, 2022
Ана Петровска (1986, Скопје) дипломирала на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. Во 2015 ја одбранува магистерската теза: „Стадиумите на развој на личноста во философијата на Сорен Киркегор“. Автор е на стихозбирката „Јанѕа“ (2022, ПНВ Публикации). Во раната младост се занимавала со музика. Инспирацијата за нејзините стихови ја црпи од сивилото на секојдневието, од случајните средби, од спонтаните прошетки низ нејзиниот роден град.