Elementi Logo

Песни од „Цасрки рез на небото“

Backgorund

ПОНЕКОГАШ И СМРТТА СИ ИЗЛЕГУВА ОД ТЕЛОТО (ЗАРЕЗ 41) 

 

понекогаш и смртта си излегува од телото

кое ѝ дава живот

но брзо назад му се враќа

 

приказните можат да се допираат едни со други

да истекуваат едни во други

но мора да се раскажат до крај



СЕНКА

 

човечкото тело има капацитет 

да ја голтне сета своја тага 

но дури и тогаш 

таа е видлива за другите 

       - ми рече еднаш сенката моја

гледајќи ме в очи 

додека безмилосно ѝ ја толчев главата 

со петицата на нечија туѓа нога 

која случајно ми се најде при рака

 

ЗБОРОВИ 

 

кога видовме дека земјата 

почна да дише без маска

и дека нема значајни микроскопски промени

на нејзините бели дробови

барем не такви кои би можеле да ја убијат денес

си помисливме дека луѓето

научија дека тоа што не се гледа со голо око

не може да се зароби со синџир

и дека зборовите треба да ги пуштиме

да поминат низ нас

да ни пуштат и малку крв ако треба

или да ни протечат низ носот

за да станеме имуни на нив

за да не нѐ повредуваат повеќе во иднина

но доцна сфативме дека нова арка ни треба

за да ја собере сета наша надеж и болка

зашто во болка се раѓа животот

и со бистар поглед ни ја враќа надежта

што сме ја изгубиле кога сме биле усмртени

од некакви обични возгордеани зборови 

на кои многу значење сме им придавале

иако сме знаеле дека се само леплива глина

затестена од плунка



АРКА (ЗАРЕЗ 28) 

 

јавето со запенети зборови нè стрела во срцето

и мислата ни орбитира околу главата

и слободата слепо се удира во прозорците 

од висококатниците на нашето Его заѕидано во бетон

и огнот не можеме да си го задржиме во утробата

го ставаме во метална цевка

и си пукаме во небото како во своја петица

паѓаат ангели со очи полни иднина

и мозокот ни тече по образите

нова арка ни плови во очите

но немаме љубов која треба да ја спасуваме од смрт

и зелената боја не ја препознаваме

светлосни години далеку од нас 

живеат некои други како нас 

знаеме за нив од приказните што ни ги раскажуваат

црните дупки во здиплената мисла на универзумот

 

во море од случувања пловат 

безброј арки на покајанието

безброј бротчиња од хартија

не можат да го најдат својот дом



НЕСРЕЌИТЕ И ПАЗАРНАТА ЕКОНОМИЈА (ЗАРЕЗ 29)

 

несреќата е совршен купувач

и клуч за развој на пазарната економија.

 

песната стои заглавена во грлото

и се плаши да излезе надвор

зашто ќе биде продадена за ситна пара

ВРЕМЕ ШТО НИ БЕГА ОД ДЛАНКИТЕ (ЗАРЕЗ 40) 



времето честопати јурнува во нас неочекувано

од некоја споредна улица во ноќта

и нè нокаутира на земјата

и тогаш панично сакаме да ги спасиме од смрт

атомите на среќата за кои не сме ни биле свесни

дека ни припаѓале нам

си ги собираме зборовите 

расфрлени на асфалтот од ударот

и сакаме да си ги пикнеме повторно в глава

како мисли кои нè одржуваат во живот

без да знаеме дека черепот ни е напукнат

на неколку места

и дека не може повеќе да ги собере сите наши

стравови со кои се одржуваме во живот

а потоа си ја пресекуваме кожата

за да си го спасиме дишењето

нешто мора да се жртвува во име на вечноста, нели? си играме Богови 

држејќи ножеви и скалпели во рацете

над главата ни свети вештачко сонце

и ни дава привид на лажна слобода

за да можеме да изведеме хируршка интервенција

на сегашноста и да се истреламе во иднината 

но атомите на среќата не можат да се спасат

со ниту едно сецирање на сегашноста

 

нив мора некој да ги вдише и да ги издише

за да живеат во кругот

нацртан околу нас

како хелиум во балонот 

на соништата



ЗА ЕДЕН КАКТУС И ЗА СИТЕ СЛИЧНИ НА НЕГО



Ти си кактуС

И не сакаш дожд да ти капе по лицетО

Ниту да живееш во саксија со само една ракаткА Земја. таму каде што живееШ

Никој не знае за кактусите. и боцките им ги сечаТ Како грди израстоци на кожатА

 

Но

ти

сам

си

ги

сечеш

боцките

за

да

бидеш

општествено

прифатлив

примерок

Но

ти

сама

си

ги

сечеш

боцките

за

да

бидеш

општествено

прифатлив

примерок

 

А потоа со јазикот поминуваш по тоа местО

И се утешуваш дека тоа било неизбежнО.

Затоа секое утрО

Педантно поминуваш со жилетот по споменитЕ.

Само една боцка, може да тЕ

Издаде. Затоа ти е толку мазно и огледалотО.

Толку мазно што нема да каже ниту збоР,

Дури и ако е под заканА.

Племето ти е благодарнО.

Судбината е исполнета, на вистинскиот пат си. ШтО

Има врска што тоа не е твој паТ?

ТвоитЕ

СперматозоидИ

ПливааТ

ВО

МаткА

ТвојатА

МаткА

РаѓА

ПривиднА

СлободА

 

Што друго е важно? Не губи ја главата по неважнИ Нешта! Не буди се од својата хипнозА!

Денот на неизбричените огледалА

Никогаш нема да дојдЕ.

Затоа трај си во боцките што ги немаШ

Повеќе и чекаЈ.

Можеби ќе ти изградат спомениК

А можеби ништо од тоа нема да се случИ.

Трај си во своите поткожни боцки и чекаЈ

Додека не дојде време да се разбудиШ

И да сфатиш дека не постои толку мазно огледалО

На кое ќе можеш безбедно да поминеш со дланкатА

Без да си повредиш некој крвен саД

Па дури и да искрвавиш до смрТ

Никогаш не се знаЕ

А луѓето се лицемернИ

Ем се плашат од туѓите очИ

Ем со туѓи очи се облекуваат кога легнуваат навечеР В постела опседнати со своите боцкави огледала И Со туѓи пресечени крвни садовИ

ЗА АВТОРОТ

Даниела Андоновска Трајковска

Даниела Андоновска-Трајковска (1979, Битола, Македонија) е македонска поетеса, прозаистка, книжевна критичарка, доктор на науки по педагогија во областа на методиките и редовен професор по методика на Педагошкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Член е на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), на Славјанската литературна и уметничка академија со седиште во Варна, на Битолскиот книжевен круг (БКК) и на Македонското научно друштво (МНД) – Битола, каде во два мандати била претседател на Уредувачкиот совет. Главен уредник е на списанијата „Раст“ (БКК) и „Современи дијалози“ (МНД-Битола). Има објавено над 100 научни трудови објавени во референтни меѓународни научни списанија, 9 книги поезија од кои последните четири се со наслови: „Куќа на контрасти“ (Матица, Скопје, 2019), „Електронска крв“ (ЦК„Ацо Караманов“ – Радовиш, 2019), Математичка поезија“ (ЦККС, Скопје, 2020) и „Пеш по воздушна линија“ (Ми-Ан, Скопје, 2021), една книга со кратки раскази, една коавторска песнарка за деца, неколку стручни публикации и еден универзитетски учебник „Критичка писменост“ (2019). Нејзината книга „Електронска крв“ е објавена на англиски јазик („Electronic Blood“, Cyberwit India, 2021) и на арапски јазик (Равашен, Обединети Арапски емирати, 2021). Коавтор е на книгата „Dandelion Cadence“ заедно со уште тројца автори која содржи поезија на англиски јазик и е објавена во Калкута, Индија во 2021. Добитник е на повеќе награди меѓу кои позначајни се: „Крсте Чачански“ за проза (2019), Караманов 2019 за поезија, Македонска книжевна авангарда (2020), Abduvali Qutbiddin (Узбекистан, 2020), Premio Mondiale "Tulliola- Renato Filippelli" во Италија (2021), "City of Galateo-Antonio De Ferraris" (Рим, 2021) и највисоката награда за поезија што ја доделува Друштвото на писатели на Македонија „Ацо Шопов“ (ДПМ, 2021). Преведена е на над 40 светски јазици и објавена во реномирани книжевни списанија и антологии во земјата и странство.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 18

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ