Elementi Logo

Интервју со Фаер Кох

Backgorund

ДРАМАТИЧАР/КА Е ПРЕКАРНА ПРОФЕСИЈА

 

АРТ: Фаер, ти ја претставуваш новата генерација германски драматичари. Можеш ли да ни кажеш што значи да пишуваш за театар во Германија? Кои се можностите за млади драмски автори? Постои ли финансиска поддршка, стипендија за пишување драми? Како се доаѓа до соработка со режисери и поставување на текст во театар? Може ли да се живее од пишување? 

ФК: Во моментов сум во комфорна позиција, имам повеќе нарачки на текстови од различни театари и затоа можам добро да живеам од тоа. Сепак, да бидеш драматичар/ка е прекарна професија. Затоа што, кога немаме конкретни проекти, мораме да ги нудиме нашите текстови на театрите. Ако притоа не се најде сцена што ќе го постави текстот, не добиваме пари – значи правиме работа однапред, без да знаеме дали таа работа ќе ни биде платена. Покрај тоа, постојано сме во конкуренција со други автори за стипендии, финансиска поддршка и награди. Честопати чувствувам противречност помеѓу мојата лична потреба за солидарност со колегите и реалноста во литературната сцена. (Дали ги намалувам сопствените шанси на некој конкурс ако го споделам повикот со многу колеги?)

Како и во други уметности, и во театарот многу е важно вмрежувањето - многу соработки се случуваат дури тогаш кога лично се познавате. Тоа го сметам за многу заморно.

 

АРТ: Пишуваш драми за возрасни, но твојот фокус е драматика за младинци и деца. Текстот Т-Рекс зошто си толку тажен? Дали Т значи тажен? оваа година ја доби престижната награда за детски театарски текст на фестивалот во Милхајм (Mülhaimer Theatertage). Која е разликата во пристапот кога пишуваш за млада публика?

ФК: Театарот за млада публика допира до многу поразновидна публика отколку театарот во вечерната програма. Тоа се случува затоа што честопати претставите во детски и младински театар ги посетуваат училишта. Но во исто време, секогаш има и возрасни во публиката- па пишувањето за млада публика секогаш претставува рамнотежа.

Јас се обидувам да создавам текстови, кои функционираат за луѓе со различно образование и што се интересни и за младите и за возрасните. Кога пишувам за млада публика, имам повеќе фантазија. Се осмелувам да измислувам фантастични приказни и помалку се занимавам со актуелни дискурси. 

 

АРТ: Во Анорексија Feelgood песни ритамот и песните се лајтмотив на драмата, a покрај дијалошките сцени, во нарацијата се провлекува и поетичен јазик. Дали е тоа случај и со другите твои драми? Колку поезијата и драмата се испреплетуваат во твоето творештво? Дали современата драма е хибриден жанр? 

ФК: Според мојата перцепција, многу современи театарски текстови излегуваат од строгата шема на дијалог па во тој поглед повеќе не е ни можна јасна жанровска определба. Не ја ни сметам за посебно корисна. Можеби секој текст што се изведува на сцена е театарски текст?  

Во секој случај, пишувањето за театар го доживувам како многу компримирана работа. За разлика од романите, театарските текстови се кратки, едноставно нема многу простор. Затоа се обидувам да го редуцирам и јазикот, долго време работам на поединечни реченици, често си ги читам деловите на глас и го слушам ритамот. Веројатно оттаму доаѓа твојот впечаток за поетичен јазик.

 

АРТ: Во современата драматика присутна на сцените во германско говорно подрачје доминираат неколку теми, кои се тесно поврзани меѓусебно како што е подем на политичка десница, климатски промени, класни разлики, квир, феминизам. Дали сметаш дека има и други теми за кои сè уште не се пишува и не се зборува? Како ти ги одбираш темите кога не пишуваш по нарачка за некој театар?

ФК: Последно напишав драма за десничарски машки групи во интернет форуми. Тој текст не беше по нарачка, едноставно имав надеж или интуиција дека преку оваа тема ќе успеам да раскажам нешто за порастот на десничарските тенденции во нашето општество. Во право си дека одредени теми се "ин", а други се занемарени. Но, повеќе од конкретни теми, мене ми недостигаат одредени гласови, имено гласовите на маргинилизираните автори и авторки. Во Германија, на пример, сè уште има значително помалку објавени текстови од PoC (People of Colour) автори и авторки. Би ми било многу драго кога тоа би се променило.

 

АРТ: Кои претстави по твој текст моментално се играат или ќе имаат премиера наскоро и дали пишуваш нова драма?

ФК: Во оваа театарска сезона имам пет премиери, што за мене лично звучи неверојатно многу. Особено се радувам на SAFE AND SORRY во Театар на младиот свет во Лајпциг и на ZEHNER (ДЕСЕТКА)- две драми кои ги развивав во тесна соработка со млади. 

 

Интервјуто е направено на германски јазик и преведено на македонски јазик од Ана Ристоска Трпеноска

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 18

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ