Elementi Logo

ПАТ ЗА СОМБОР

Backgorund

ПАТ ЗА СОМБОР

Како ништо во природата
со што може да се спореди
се протегна асфалтот
за да ги израмни патиштата.


Како трага од полжав
се повлече белата линија
за да ги означи правците и односите
во тридимензионалниот свет.


Како суво дрво без гранки
бесплодни стојат фенерите дење,
половина живот сосема излишни,
ако не се расипани.


Како прекратко потстрижени шишки
покривите без стреи
со едно око гледаат кон мостот
сраснат со другиот брег.


Како зеници на пијан човек
светат дење фаровите на автомобилите,
додека покрај нив шумоли жолтила
од одамна собраната пченка.


Доста со слики! –
довикуваат безбедносните столпчиња
обраснати со трева повисока од нив.
„50 на час!“ –
ја тркала пораката
лимeното сонце.


На себе го свртува вниманието
асфалтната закрпа,
како и секоја друга закрпа
што по природа мора да биде забележана.
Како готови кори за пита
и овој лист се полни.
Храбро го поднесува галењето
без глас и без смеа.


Како кутија за јајца
исполнет е автобусот.
Како исечок од војводинската рамнина
патот за Сомбор се одвива пред него.

 

 

ТРАГИ

Како голем извичник
или пендрек
во далечината – шумичка од тополи.


Малку поблиску – стрниште,
па трска како скршени копја
забодени во земјата.


Безобразно бетонски столб
за струја ја открива
својата грмушка во подножјето.


Тоа се човечки интервенции
во рамнината, низ шофершајбната,
додека роеви мушички
ја испишуваат својата историја врз неа.

 

 

СПЛЕТ

Иритантна како празнината
на отворените врати
во спалната соба.


Напната како тинејџер
желбата од главата
стих да се извие.


Истовремено постојана и
во движење како змијски сплет
ѓубриште од впечатоци.


Како судија вешто изгубен
во сред своја смена
за потребите на увид,
така и моето пенкало
повторно се загинало.


Природна како твојата мисла,
мајчината помош: „Мамо!“ –
гледа како да ме поремети
дури и кога пенкалото ќе го најдам.

 

Превод од српски јазик:

Сашо Огненовски

ЗА АВТОРОТ

Дубравка Матовиќ

Дубравка Матовиќ (1982) е родена во Ариље, дипломирала на Филолошкиот факултет во Белград.Од 2019 година е уредник на литературната програма на ARLEMM, која ја организира и модерира. Соработува со списанието на манифестацијата ARLEMM уште од неговото прво издание. Ги објавила книгите: Имам и немам (2006), Сентиментална кујна (2012) и Млеко (2020). Нејзината поезија е објавена во печатена форма (Поља, Повеља, Корачи, Треќи Трг, Новости) и на интернет.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 17

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ