Ноќва
Ноќва, штом в постела ќе скротиш,
мојот бакнеж, сон ќе ти дари
Штом снагата сонот ќе ја галне,
прегратката моја,
прекривка ќе ти биде,
нежна и топла,
да те грее, да те чува.
Низ сонот јас ќе те водам,
на места кај само ние ќе сме сами,
да те гушкам, да те галам,
со убавини да те дарувам.
А штом зората ќе стаса,
не плаши се мила моја,
јас повторно крај тебе ќе бидам,
врз цветот, во чашата со вино,
низ воздухот, во душата твоја.
Ноќ за себе
Што ќе ми е утрото
ако немам за што да се разбудам
Цветот, трн ќе ми се гледа
дур сонцето болка во очи ќе ми шиба
Што ќе ми е денот
ако немам крај кого да го врвам
Чекорот, тежок како кован синџир
врз душава префрлен ќе тежи.
Што ќе ми е ноќта
ако немам кому да посакам
лека да му биде
Месечината матна ќе е дур сјае
и сал немир ќе ми влева.
Што ќе си сум јас
И што ќе ти сум тебе,
Ако сам себеси не се прегрнам
Ако сам себеси не си простам
Ако сам себеси не се сакам
Ако не копнееш да ме сонуваш
Ако не сум во нечија молитва
Ако не умеам да се покајам
Ноќва е создадена за себепрегратки,
а по нив копнеж за ново утро
во кое трнот на цвет ќе ми наликува
дур сонцето кротко ќе ме гали
и во нов ден ќе ме внесува
кон нова ноќ дур ме занесува.
Мевлем
Недостигаат денови поминати
врз зелени полјани,
на високи планини,
крај сини езера,
врз бели снегови,
крај софри богати и сиромашни,
проживеани со Луѓе Убави.
И не е ми е до софрите,
езерата и планините,
колку ми е до Луѓето
што крај мене веќе не се.
Тогаш не помислував
што ќе биде,
кога некого веќе не ќе го биде.
И бидејќи тогаш на тоа не помислував,
убаво си врвевме,
инаку со стравот ако се здружев,
сега пак некои тука ќе ги немаше,
а од пусти мисли со страв и несигурност
заматени и потиснати,
не ќе имав на што да се присетам
и со мислите во стравот ќе се удавев,
додека иднината ќе ја очекував.
Во исчекувања ќе се будев
и утрата со страв ќе ги броев,
а од ноќите ќе се плашев
дали утрата ќе ги осамнам.
Затоа минутата ја живеам
како да е залак највкусен,
а јас како алчен и најгладен,
со луѓе убави сум опкружен,
мевлем ми се за душава,
а од неубави одамна сум одалечен.
Сепак, некои Луѓе Убави
до болка недостигаат,
болка за која сѐ уште мевлем немам.
Мојот народ
Спие мојот народ,
заглавен во длабок и лош сон.
И не ме плаши сонот и поспаноста,
ами ме плаши,
среде кошмари и гадости,
што ич не се сепнува.
Помислив, мртов е народот мој,
но не е, блада и замижува,
а мртовец тоа не го прави
штом еднаш мртов ќе е.
Помислив, изморен е народот мој,
но не е, буден е оти штом вџеб ќе му чепнат,
тој вивнува и зоврива,
а штом некој е изморен,
сѐ ќе му украдеш само душата не ќе успееш.
Жален е народот мој,
жив е, а не живее,
насмеан, а тагува,
силен, но газен од слабаци.
Но и јас веќе не сум сигурен
дали овој народ е мој,
дали јас сум негов?
Не знам кој кому тука не припаѓа,
но надеж ми се две нешта,
Народот да ми се разбуди
од длабоката заспаност,
од гнаснава зачмаеност
или пак мене кошмаров да ми заврши,
па јас да се разбудам
крај народ чија крв не мирува,
врие и го размрдува,
го крева до небеса,
дур живее и се радува.
Марко Виденовиќ - роден 1980 година во Крушевац, Р. Србија. Основното и средното музичко образование ги завршил во Битола, а високото образование го стекнал на факултетот за музичка уметност во Скопје на отсекот виола. Како член на повеќе камерни состави и ансамбли( Бревис квартет, Мјузик прогресив квартет, Алеа-ансамбл за современа музика, Битолски камерен оркестар, Младински оркестар на југоисточна Европа, Оркестарот на музичка младина на Македонија, Камерен оркестар на македонска филхармонија и други) настапувал на подиумите ширум Македонија и светот. Свој удел како композитор и аранжер остварил во Филмовите "Трето полувреме" и "Балканот не е мртов" како и комплетен автор на музика која ја изведува Мјузик прогресив квартет. Зад себе има и една стихозбирка насловена "Платно од шепот".