Elementi Logo

Backgorund

ДОПИР

Ти го познаваш моето исчезнување
И расфрланоста што го собира плачот
Во солзи што говорат
Да сум само зреење во светлината
Која понекогаш ми ја опсипува кожата
Како дожд кој дава се од себе
За да го наводени коренот од стеблото
Зашто ако е по Твојата волја
Тогаш Љубовта ја преобразува
Крвта за срцето на небото
Да ги множи отчукувањата.
Од кои на земјата расте
Нежноста, не во плод што е
Вистински залак на насетувањето
Туку во допир по којшто знаеш
Ќе оживеат мртвите

СОЗДАНИЕ НА ЉУБОВТА

Јас умирам во миговите
Кога одвоен од небото
Паѓам во ткаењето на стравот
Во бесмислата што ја допира кожата
Како ветер познат по звукот
Што чкрипи
Во загризот што остава рана
По која знаеш дека е смртта
Опиплив и жива
Како дожд што паѓа врз градот
И му ја одзема смислата роден
Во светлината
Во сонцето што секој ден
Го открива светот
Кој живее со надежта дека мракот е
Минлив и кој ја исповедува верата
Која вели:

Ти си создание на љубовта
Ќе преживееш ако сакаш…

ЗБОРОВИТЕ НА ЉУБОВТА

Се родија на небото потполно цели
Во тело и крв
Оние што ја спознаа мојата глад
Се зборови на срцето

Зборови се на Љубовта што те крштева
Со Љубовта во името на љубовта Најголемо
Во името на крстот што го носиш
И врз кого траеш
Кога болката ќе ги запоседне ткивото и коската
И кога чекаш во молитвен зов
Да се излее невидливоста што
Ги исцелува пукнатините чии ѕидови се
Сите од страв и малкуверни звукови
Што го повикуваат падот

Но времето е така ткаено што го чинат
Искуствата кои се само неопходност
За битието да с еприближи на светлината
Потполно
Налик на билките што ги храни
Сончевиот зрак

На крајот се станува минливост
И не преостанува ништо освен таа густа
Тишина во која ја чувствуваш живата вечност
Која ја довикува сржта
Која копнее во бесмртноста да го оствари
Сепството и солзата која ја прашуваш:

Ти ли си ова Господе
Или зборот твој во мене расте
Давајќи му секогаш одново
Вода и сол …

ЗА АВТОРОТ

Марко Станоевиќ

Марко Станоевиќ, е поет од Србија, роден во 1992 година. Автор е на три поетски збирки: На ветерот на љубовта и тагата, Зазорување на меланхолијата и Јазикот на сепството. Неговата поезија е застапена во многу антологии и зборници во Србија и во странство, а преведен е и на неколку јазици.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ