Elementi Logo

НОЌНИОТ ВОЗ ПРИСТИГНУВА

Backgorund

НОЌНИОТ ВОЗ ПРИСТИГНУВА

Ноќниот воз пристигнува, галебите кружат под ноќното небо над твојот град,

пристигнаа вести од фронтот и вестите не се добри, скршен забец,

копје низ градите, мирис на загреано железо до непрепознавање

 

Јас сум садот за топење и носам ужасни вести, војната се приближи до нас, ако

ја допреш мојата кожа трупите ќе се истоварат, мојата храброст е меланхолична, моите

нозе се потопени, јас сум растопено олово и јас сум опасен

 

Овој партал во мојава рака некогаш беше на ученик, овој скршен ’рбет на книга

беше некогаш граматика по латински – како можам да го конјугирам ова, што се тоа деклинации

мојот учител ги мразеше и јас сум мостот преку Мононгахила

 

Јас од нигде доаѓам и јас врвам кон никаде




ПРОЛЕТТА Е ЗАКАЧЕНА ЗА НЕБО

Легнат на грб ги пребројувам моите предци како невидливи астронаути, светлината е 

мој пријател исто како и темнината, да, врне, да, што може очи како овие да видат

но јас сум налик мочуриште јас сум ти најслабата личност на овој свет, јас сум направен од кал и сум свикнал на светлина и темнина со созреана глава и соништа налик на лилјак кои пробиваат во мојата глава како муви

 

Јас имам прсти, зарем не? Јас бројам до десет, стоногалки и ново сонце 

изгрева, јас сум како и секој човек јас ѝ припаѓам на иднината и моето минато е во

мојот задник, дај ми време дај ми време смртта дава живот за чудата во тие 

пештери и оваа пролет и оваа сегашност е во тело на човек и јас сум

само човек исплакувам солзи како вистински кромид, моите соништа се излеваат во почвата какви и што се, соништа

 

Земјата од мене, што можам да ви кажам за оваа скршена мистерија? Она што во

коморите на ова срце исто така расте и во твоето срце, форми и облици, разрушување и обновување. А рајот е метростаница, моето белодробие се отвори и група луѓе излегоа и нова толпа луѓе влетаа – моите бели дробови се астронаути, моите бели дробови се пар плодни јајца и моите бубрези се спори од зеленчук

 

И рајот е во моето семе, јас сум управуван од моќна божица која носи

листови од винова лоза и зелка

 

Каква е оваа облека на вас, господине? Ќе ви го кажам ова, кој ќе ме нарече 

човек, не ме познава ни половина, јас сум поширок од тоа, мојата кожа има боја на вселена и јас сум галактички ветар кој чека да се приземји

 

Не ми е грижа, исечете ме и фрлете ме во сос, јас сум вонземјанин посејте ја мојата крв која тече слободно во високата мокра трева со векови



СТО ГОДИНИ ПОМЕЃУ МАРГАРИТКИТЕ

Јас сум скромен човек како бездомна мачка, јас не патувам

далеку ни многу и не верувам во чуда,

јас сум роден на ова место јас не сум ја искусил добро

великодушноста или твоето обично споредување на 

успехот; притисни ме и јас ќе те оттурнам назад, остави ме

покрај мојот џубокс и моето пиво и ние ќе останеме и покрај тоа

сосем во ред; да, јас бев роден тука, во овој пристаништен

град, а ние го нарекуваме рибина глава и Валентајн,

јас сум едноставен како јаже, јас сум од оној тип на луѓе што се

мамец и соборувач, трупот на мојот брод го издраскав од пристаништето в зори

мојот мотор ја мати масната вода – ноќе

кога сонувам, галеби летаат помеѓу орли

е па што и ако врне, го впивам дождот како

туршија во пресол, го пијам целосно и го нарекувам 

шампањ, како стаорец на пристаниште кој бега за

да преживее, истото го чинам и јас – дали си ти поинаква

со твоите обетки или со твојот матурски фустан?

кога полноќ ќе дојде кој ги поседува ѕвездите?

ветрот дува еднакво за сите мажи и

брановите му припаѓаат на оној човек кој ќе отплови до

нив. Знам дека имам недостаток од хумор но исто така знам

и што ми недостасува;

обликот на моето лице во огледало е мојот сопствен

лик и знам што е тоа фајронт. покажи ми го 

знакот за излез и јас ќе тргнам натаму. покажи ми добра забава

и нека засвири „go cat go“ бидејќи времето е тело во движење

а јас сум трпелив човек и човек од акција – фрли ме

како цигла преку оградата и јас ќе лежам таму

сто години помеѓу маргаритките, ако е потребно

стотина години -- но јас ќе го најдам мојот другар



Препев од англиски јазик: Нина Величковска

 

ЗА АВТОРОТ

Џорџ Валас

Џорџ Валас е американски поет и промотор на поезија, роден на 22 март 1949 година во Хемпстед, Њујорк. Низ годините настапувал на познати светски фестивали низ светот, како фестивалот во Ледбјури, фестивалот Вуди Гатри, Ловел Селебрејт Карук и Лирик Рикавери Карнеги Хол. Има соработувано со француски драматурзи на фестивалот во Авињо и се има појавено на сцената со голем број ликови од популарната музика. Неговите предавања и читања му овозможија присуство низ многу локации во Англија и во Америка, вклучувајќи ги и центарот Дилан Томас, центарот Роберт Бернс, центарот Џон Стајнбег и други. Неговата поезија во основа е ориентирана на поетски перформанс, заснован на имагинативна креација којашто се темели на игра на зборови и надреалистичка деконструкција и бриколаж во неговата финална форма, која вообичаено се карактеризира со достапен наративен и силен ритмички импулс.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 12

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ