Elementi Logo

ГИ ЗАТВОРАШ СВОИТЕ ОЧИ

Backgorund

ГИ ЗАТВОРАШ СВОИТЕ ОЧИ

Ги затвораш своите очи и моите прсти се река од ѕвезди,

кои се галат. Ветерот заспива со ноќта, во која

се спушта нашата едрилица на морето без крајбрежје. 

Безвременоста мириса на солената роса од кожата.

Двајцата бегаме во себе, твоето тело е сончев оган кој танцува.

Воздухот на твоите усни е ранет од допирите.

Паѓаш во мене: започнува долгото патување.

Водопадот од неизговорени зборови добива 

тежина на белите крилја од гугутките, скриени во твојата темна коса.

Не постојат јазици на земјата, кои би можеле да го изговорат името на твојата убавина.

Нашите тела ги говорат зборовите на птиците и брановите

во формите на треперливите житни полиња под долгите

летни светлини. Ги затвораш своите очи

на шумската чистинка среде собата и те пијам

како река со извори во пространите гори.

Така доаѓаш во моите соништа оваа ноќ.




ТЕ ПОСАКУВАМ

Подари ми ја твојата вулва. Твоите заби.
Твоите коски. Твојот здив. Твоето сонце. Твојот воздух.
Твоите мисли. Твоите прсти. Твојата сенка.
Твојата крв. Те посакувам. Го посакувам твоето море.
Ги посакувам твоите дрва. Ги посакувам твоите бои. Ги посакувам твоите зборови.
Го посакувам твоето крајбрежје. Ги посакувам твоите привиденија. Ја посакувам твојата светлина.
Ја посакувам твојата страст. Го посакувам твоето молчење. Ја посакувам твојата бездна.
Сето тоа го посакувам. Уште повеќе те посакувам тебе. Твојот оган го посакувам.
Неподвижноста на воздухот. Жарењето на ледот. Цветот на праската.
Спокојот на земјата. Трепетот на коњот. Мирисот на твојата девојка.

Далечината, која никогаш не ја преминуваш, а секогаш
сонуваш за неа. Рибите од коралите, кои те милуваат.
Водопадите на ноќта, кои те затвораат во јазикот на осаменоста.
Треперејќи те посакувам. Жестоко те посакувам. Разголено те посакувам.
Меѓу бамбуси и тополи, во пејзажот на црните косови. 

Допри ги моите очи. Моите патеки и
секундите, кои ја претставуваат вечноста на природата.
Тоа се лисјата. Тоа се децата. Тоа се твоите подморски
светови. Тоа е крвта на буквите, тоа се гладните усти за сол
на твојот грб. Зграпчи ги, додека уште горат.
Пиј ги долго. Бидејќи времето не е важно,
ниту годините, ниту местата, ниту начините
како ќе го направиш тоа. Ветерот се оддалечува,
бара и пронаоѓа во опустошениот пејзаж
како и јас, кој останувам и пишувам,
за да можеш да ме посетиш во кое било време.
Доцната осаменост. Знае за боите. Го чувствува студенилото.
Ги слуша брановите. Го кине утринскиот весник.
Дува во облаците и во тревата. Ги вее семињата
на габрите. Останува и заминува. Пее и чека.

Подари ми го твоето одење. Подари ми го твоето дишење.
Подари ми ги твоите ноќи. Темните џепчиња на радоста.
Вителот на недостижните усни. Тетратките, во кои
никој не го запишува моето име. Онаа воздишка.
Онаа надеж. Оној мрак, каде што се губиш и никој
не може да те најде, ниту во книгите, ниту под ќебињата, никаде.



ПЕСНА ЗА НАС ДВАЈЦА

Спијам во твојата душа.

Сонуваш во моето срце.

Горам во твоите дланки.

Во мојата имагинација двајцата се љубиме без крај.

Во твоите очи умирам, вратен од дамнината. 

Во моите букви мирисаш на нежните животинки од прашумата.

Во тебе пак се пронаоѓам: реката ме носи.

Во себе те чувствувам, ожесточениот дожд, топлината од реките, монсунот на вечноста.

Во твоите соништа преполни од тишина, заспивам на морскиот брег, од чиста светлина. 

Во мене пееш, танцуваш, се бакнуваш, ме галиш, ти, само ти.

Во тебе сум твој, сѐ повеќе, сѐ повеќе целосен, со сета убавина на бесмртните песни. 

Се преселуваш во мојот предел, неиздржливо. 

Паѓам во тебе. На мовта од нежната роса, на водопадите од омиленото пеење.

Тонеш во мене, ги чувствувам твоите усни, мирисливата кожа од соблекувањето, треперењето од блискоста.

Во нас двајцата се раѓаат нови универзуми, никогаш претходно постоечки, неповторливи.

Со нас двајца се отвораат, расцветуваат, се шират, прскаат, трчаат, шумолат.

Поезија се, жедно божество, блескави тревници од рози, океани од среќни зборови.

Каде пливаат, вријат, викаат, бараат, сакаат: ожесточено, нежно, меко, страсно? 

Ова да биде пеење за летните треви. Истурање на морската пена. Ѕвечење од топлите песни

надвор од земните зандани во нашиот оган на милувањето. 

Сонувањето на ветерот, сега. Во моментите од

безвременоста, кога се враќаме

кон нашето детство,

каде што сѐ е остварливо.

 

Препев од словенечки јазик: Драгана Евтимова

 

ЗА АВТОРОТ

Иван Добник

ИВАН ДОБНИК е роден во 1960 година во Цеље, Словенија. Поет, преведувач, уредник, есеист и критичар. Дипломирал на филозофија со компаративна книжевност на Универзитетот во Љубљана. Од 1988 до 1995 година бил вработен во Библиотеката Бежиград. Уредник е на списанието Апокалипса, како и главен и одговорен уредник на литературното списание Поетикон од 2005 година до денес. Основач е на книжевниот кружок Куќа на поезијата во 2006 година и до денес организира активности со поети од цел свет. За поетската книга „Ги затвораш своите очи“ е номвиниран за престижната поетска награда Вероника во 2004 година. Има учествувано на бројни фестивали во регионот и светот. Неговата поезија е препеана на српски, хрватски, германски, македонски, полски, чешки, италијански, англиски, бугарски, белоруски, словачки, француски и романски. Има напишано на 15 поетски збирки. Живее и твори во Словенија.

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 12

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ