Elementi Logo

Не е тоа

Backgorund

Не е тоа каде ќе живееш и со кого ќе живееш
крај песочниот брег, врелиот асфалт и ајкулите
или студената планина и змејот во езеро
во камената куќа, приземјето
или станот на петтиот кат
не е со кого ќе спиеш
со жена, маж, крава, со сите
или со никого, или нема да спиеш
или не можеш, затоа што се е нацртано во твоите зеници
не е што ќе јадеш, растенија, животни, кози или кучиња
или ќе гладуваш како кобра
кундалини
не е дали ќе одиш во Париз за викенд
па ќе ти го рефундираат билетот и ќе го платат хотелот
можеби ќе изгниеш во дупка со здив од евтино пиво
не е тоа, нешто друго е
нема да ти кажам што е тоа
ти тоа мораш да го најдеш
ако не го најдеш, тогаш
тоа не е тоа

старееш

се ќе те престигне
младите мажи
тестостеронот естроген
бројот на испиени пива
квалитетот на извршената работа
нема да биде колку постаро толку подобро
нема да биде колку постаро толку помудро
ќе те чека само глупоста
што ќе правиш со неа?
исто како и секогаш
ќе играш
старееш
тоа не ти е лошо, очајно е
рано ти е
заеби го
и за мене беше рано
никој не ме праша
само се случи
смрт пред раѓањето
се случува, така рекоа

ете и ти старееш нагло
се случува, ти велам
те теши ли тоа
не те теши
старееш
сето тоа ни се гледа
ние сме транспарентни
има нешто што не се гледа
љубовта и што со неа
ништо

Препев од српски јазик: Сашо Огненовски

(Од поетската збирка „Мојот чекор е лесен, тоа ќе ме чини“ во издание на
Енклава од Белград, Србија, 2023)

ЗА АВТОРОТ

Јована Бојовиќ

Јована Бојовиќ е родена 1989 година во Подгорица. Дипломирала драматургија на ФДУ Цетиње, а магистерски студии завршила на ФДУ, Белград. Докторантка на Академијата за уметности, Нови Сад. Добитничка е на повеќе награди за најдобар студент на ФДУ-Цетиње. Сценаристка е на девет епизоди од првата историска ТВ серија во Црна Гора - „Божиќно востание“ (РТЦГ, 2017). Со драмата „Отворен крај“ (2015) победи на конкурсот „Сосема нова драма“ што го распишува Црногорскиот народен театар. „Отворен крај“ премиерно беше изведен во Црногорскиот народен театар во режија на Петар Пејаковиќ и оттогаш е на редовниот репертоар на театарот. Во Националната академија на уметностите во Норвешка (Осло) во режија на Херман Бернхофт беше изведена „Слободно време или темно е светлина“ од Јована Бојовиќ. „Кротење на фуријата“ од Вилијам Шекспир, во адаптација на Јована Бојовиќ и во режија на Зоран Ракочевиќ, премиерно беше изведен во 2017 година на фестивалот „Град театар Будва“. Јована Бојовиќ победи на меѓународниот натпревар на Театар Епицентар- Загреб и театарот Company of angels од Лондон со драмата „Мировна мисија“ (2011). Истоимената драма беше изведена во 2018 година во продукција на театарот Бјелополис. Јована Бојовиќ е автор на повеќе есеи објавени во списанието Сцена, Стеријно позорја, Нови Сад. На конкурсот „Вечер на поезијата на Ратковиќ“ (2016) ја освоил првата награда за книгата поезија „Со глава во вреќа“. Предава филмско и ТВ-сценарио на Факултетот за драмски уметности во Цетиње.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ