НЕСРЕЌА
Беше некоја чудна пладнина, од како
на идните ни денови срцевина; оние кои
никогаш не се случиле, зашто никогаш
не престанале да тлеат, а никогаш не престанале
зашто никогаш не гореле, туку згаснувале
во жарењата на секојдневието, така потиснати
од нашето посакувано јас, кое нема
храброст да ја проколва челичната обвивка
на недовербата.
Во таа попладневна запурничавост
виде дека портокаловата детинестост
која отсекогаш толку го заплашуваше
премина во згмеченост,
како што исправеноста премина
во наведнатост, за да е предност
на токму таа несигурност,
дека би сме можеле да се наднесеме
над злото, над поганијата-
кога јасиките се извиваат под напливите
на споулавениот ветер на катарзата,
тие голи Амазонки облеани со лигавоста
на плунките од презирите, од омразата-
единствената храна за бездетноста,
а каде месото под отсечената цицка
е запалено, никнува туморот на бесмисленоста.
Тесно поставен е дрворедот, низ него
застрашувачки се протнува густината на
воздухот, кој е едно потиснување за имање,
всушност сенката на конформизмот ни,
кој ги измолкнува тие виежи на операта
пре-гласна од нимфи и вриежи проклети,
сепси по краевите на замолкнатите усни
и тие нови денови кои само за нас
не се прекрасни…
Знаеше дека никогаш нема да излезе
од тој круг црно-маѓосан кој беше со
кафена боја околу него заокружен
(бојата на умирачкото куче- скитник).
Се сеќаваше на своите први соништа,
оние на кои можеше да се сети, и тие
беа секогаш со спиења ранобудни.
Кога се будеше во студено-испотени
перници, мокри како од смрдливиот
кисел дожд, целиот пре-разочаран
од тоа дека цела ноќ сонуваше како
трча по некое возило и за малку
го настигнува, без разлика дали
беше камион со патници, кои ја
подигнуваа задната шатра, или
пак некакви чудни возила, кои
по многу години се појавија, а
всушност беа автомобили современи.
Така си врза во крпче, големиот
маж дека сите страни му биле пишани
однапред, за да разјадуваат сè што
би сакал да смести во оставата на
иднината.
Така беше многу заглавен, од таа
пуста суеверност, дека од страната онаа
на север и на југ ќе го пречекуваат
оние кои го предаваат, зашто од тоа
всушност заработуваат, кога знаат
да се продаваат на оние кои ги опкружуваа
за разлика од него, кој само умееше
господски да ги одбегнува, а се каеше
потоа зашто ништо не му остануваше
и така постојано немаше.
А потоа почнуваше да се самообвинува,
исто како кога имаше 7, а сега беше
47 без некој месец, и знаеше
до последниот сеч дека салатата
од судбината му е расипана.
Ама ќе ја јаде, не е важно што
потоа стомакот многу го боли;
кога гледаше во небото со гаврани,
а не орли храбри ил соколи.
За сето ја обвинуваше токму таа
сината покривка наречена небо,
која со гени некои нордиски од
татковата страна го имаше наградено,
а всушност испокрадено, оставајќи
го без никој, без љубов братско-сестринска
во мисијата мајчина празна, спартанска.
Тоа пиле снесено беше како од погрешно
место ТУКА пренесено, за да во тој простор
тесен неговиот дух сиромав биде разнесен.
Чекаше постојано уште од најраната младост
нештата да почнат, но тоа веќе беше
кругот започнат, во адот овално затнат,
каде секој кој е малку различен, е странец
обезличен, на цицањето балканско препуштен,
тој одвод клозетски, запушен. Сите го гледаа
со подочници им помрачени, синот-
единец, на стогот сена заврзан, како вештерка
средновековна ќе го палат, оти знаат, дека
нема кој со него да биде, па сè нека му е со за никаде.
И така се должеше тој траеж бесконечен, во
затнувањето вечно, како неговиот одброј трагичен,
на банкарската му сметка обезличен, заш`
секогаш кога и најмалку ќе сакаше да заштеди
сè снемуваше веднаш, за наеднаш пак да е без
ништо, и така таа зависност му се потцртуваше
од стадото мајчино. Зошто пак немаше никој?
Не оти не беше како секој, туку заш` не
слушаше родната си мајка и не сакаше со
тие роднините му од Северот да се дружи
кои биле некои фини луѓе; само 2-3 пати
со нив на летувања некои се имаше видено,
и кај нас по црквичиња некои едноставни
со нив имаше одено, со своето грпче здрвено,
пред олтарот заедно со нив имаше седено.
И додека снопот светлински на дрвото крстно
паѓаше, тој знаеше дека ним не им припаѓаше,
а стоеше на земјата си некоја горда, своја,
со презир кон таткото кој го игнорирал дур
не умрел се полнеше. И сè сакаше од него
да му снема, како да е само од тука се стремеше.
И за тоа се подготвуваше, кога ќе порасне
никој да не познае дека изданок некаков бил
нордиски, па се внесуваше со муцката
во порцијата од манџи несредени, евтини
пред него која како фетиш за тукашноста
му стануваше. Не ги јадеше значи,
бифтеците од Север, кои роднините богати
му ги праќаа, а се полнеше со ОД ТУКА
помиите, кои сало растресено му создаваа,
и си велеше дека не ќе го препознаеа
дека има гени од некаков Север Европски.
И облеката која тие од таму некаде му
ја праќаа, ја переше со даски за да изгледа
износена, за да изгледа тукашна. Но пак
неговата појава надворешна, беше сепак
чудна и несекојдневна, со таа косичка
мека и некои раце како на принцеза
француска. Сите се чудеа кога ќе
го видеа во тие партали, а со одот му
господски, и му дофрлуваа, така простачки:
„Враќај се во твојата шупа харингосана!“
Него пак инаетот уште посилно го стегаше
тогаш и токму кон тие измеќарите се упатуваше
и контакти божем блиски, пријателски
вкоренуваше. За навредите им простуваше
и настојуваше, во секој поглед да ги имитира,
без да ги нервира, да покаже дека и него,
цивилизацијата западна го иритира, и дека
и тој сака на Балканот да му припаѓа,
од мрак до утрина, со својата душа и
цревна содржина. Кога над порцеланската
WC шолја седеше, тој како во
соѕвездијата да гледаше, а всушност
во сводот мемлив се ѕвереше, и го чекаше
одѕвонот меко леплив, од евтината
храна продукт кој со месеци се ровеше
некаде длабоко, длабоко во него сè
до најдлабоката му суштина. Празнењето
знаеше да биде и многу гласно, што
особено му се допаѓаше, бидејќи така
чувствуваше дека навистина е како да
е од тука. Дека е на нешто многу неосновано
тешко кое е освен ова и необјасниво
неправедно и така заплеткано, како неговите
секогаш празни сметки, вклучувајќи
ја неговата полупразна наобразба и
вработено-неплатениот му работно-
престоен однос во канцеларијата за
која никогаш не дозна за што всушност е;
а со што е, не му требаше за ова да го дознае
да заврши курс за дизајн, тоа го пишуваше
на металните комунистички прилепувања.
Но кога сфати дека знае каде се наоѓа
на планетата и од каде сака да биде,
тоа веќе не можеше да го комбинира
со олеснувачкото задоволство кое секна!
Си ги навлече гаќите и почувствува необична
тишина, за која се изненади дека му се допаѓа
како нешто тукушто да му се олеснило од
грбот. Никој не ги пуштил вестите на ТВ
до даска гласно?! Влезе во дневниот престој
и виде дека старата ги оптегнала копитата,
го подистави далечинскиот да не се расипе
од лигата која ѝ паѓаше врз… По сè саде
односно по погребот, прво што направи-
купи авионска за Северот на Европа.
На рецепцијата на цигаросаниот се пофали:
„Навистина сакам нешто лошо да кажам
за татко ми, а тоа е дека дур беше жив,
смислата на животот, тој проклет саможив
ја наоѓаше да ме малтретира мене и мајка
ми. Знам дека еве сите сме морале за
мртвите да кажуваме само добро, ама
јас и за мајка ми не би сум дал подобра
слика- се израдував кога ја видов пцовисана!
Која сè имаше посветено на заедничката ни
несреќа за која веруваше дека историски
потекнувала од Спарта. Беше сандак гомнарски!“
НЕСРЕЌА (II дел)
Се паркирам во носачот, останувам внатре!
Не е исто како кога се вози по копно знам!!
Значи и различното е нешто кое го имам!!!
Иако прв пат вкусувам знам…
Толку долго ли ми требаше, да разберам
дека сега кога патувам кон Северот далечен…
…сум како запрег влечен од она кое сум требал
одамна да го направам, кога сè сум не-знаел!
А тоа што сега го знам е дека сум имал почеток
кој бил без продолжеток, на лагата зачеток.
Дека требало да се сака нешто што се нема
без да се зема, од кај јасноста неземна.
На овој свет сè ни е најчесто заматено, а само
во сонот прогледуваме кон простори најјасно.
Кога ми требаше да крикнам гласно, беше касно
да се има страсно, прогледувањето прво најпрекрасно.
Зашто кругот заокружен само сенки создаваше
таму каде сонце ми требаше; ете сè е ваше.
Ништо не било мое, не смеело да се има мислење свое
разбудено од лаењето кучешко и нашето пцуење.
Кога сонцето се издигна, над пасторалниот стремеж
овчарчето со сламката в уста беше легнато во дремеж.
Јас се привлеков таму во неговиот рај мислејќи дека
и јас во делото ова ќе се вцртам, оти витален сум за разлика…
…од оние кои за зеленилото не зборуваа, туку попуваа
за седењето безделно и развратувањето умилно.
Од уморот на затапеноста тие од околу не можеа да
го видат пејзажот, запуштени од дрогата секојдневна.
Сите нели велат мора да бидеш како и сите, бидејќи
нема кој да покаже што е тоа кое везден стравувајќи…
…го носи денот различен, но не декоративен, дека
напреден е кога има што да се каже пред таа река.
Која река од тиркиз и азур е исткаена, со развратот
отфрлен зајакната, со мисла развиена, длабочински затемнета.
Дали е некој пловец нејзин, или само гледач, восхитувач
како јас кој секогаш на страста развиена сум вгледувач?
Кога страста царува, тука кон овие предели северни
таа студот го видоизменува во цивилизации посветени.
Нека патот овој ми е последен бег од стремежот
заокружен кој е јасност на од гласноста притајот.
Пламти огну северен, изгори ги пердувите небесни
од маглините вселенски, од хероите кон нив привлечени.
Ставата женска е мермер вообличен во светот обликуван
според девственоста на ликот детски никогаш не заплукан.
Раѓани од страста на Весталките, носени на перките
од делфините од најстудените океани се ѕвездените…
…композиции во отсјајот на азурните реки преплетени
во пејзажот на бесконечноста, од злото недопрени.
Злокобните навестувања во треперењата на минорностите
секојдневни ги има во пенењето на водата под бродот.
Тој брод ме носи мене и моето возило (всушност животно
симболично), со товарот ми на ништото досегашно.
Пенењето станува засилено, татнеењето прегласно
цивилизацијата ли се промени, сè е сега нејасно.
Ќе настрада ли Аријадна? Минотаурот полуден, со здивот му носен огнено бездушен… Ќе ја начека ли во темнината на лавиринтот?… … И вглавено набие на ѕидот бетонски… … … Или пак таа драстично се променила, станала силна како и тој, со меч в рака, сега станала како женската на Конан или така нешто веќе?
Пената ја снема!? Моторот не татни веќе, се расипа ли?
Да не потонеме? Тоа би била една моја и многу туѓи загуби…
Сепак сме сигурни, слушам што зборуваат од другите
коли? Излегувам на палубата, ми студи на прстите.
Шалот си го префрлам преку здивот маглив, вгледувам
околу, нема никој познат, што е и нормално- заклучувам.
Осамата ли сега ќе ме мачи? Сега сум многу далеку и
знам дека сум емоционален, со потреби човечки.
Сонцето бледо северно и месечината мила со
замрзнатоста бела ќе ми е она сè недочекано.
Сè она сонувано во постоењето бездетно ќе се
разлее во среќно-просторното остварување.
Како валканиот тротоар што од цивилизираниот
граѓанин е чистен посветено како од стремежот вечно мој.
Игор Поп Трајков долж неколку децении е еден од најпродуктивните писатели во регионот на Југоисточна Европа. Неговиот опус опфаќа илјадници страници поезија, проза, пиеси и публицистика. Некои од неговите теоретски трудови се објавени на најпрестижните универзитети. Тој по професија е филмски режисер, а е многу продуктивен и во визуелните уметности и дизајнот. Моментално е на докторат во Институтот за македонска литература. Во 2020 беше еден од добитницте на Наградата за најдобра божикна порака на American Corner Struga. Тој е добитник на годинешните награди (2021): за најдобра стихотворба за Денот на поезијата на списанието The Poet- Несогледани простори и Наградата за најдобра стихотворба на HOPS - Телесен двојник.