Elementi Logo

Backgorund

ЛЕТУВАЊЕ

Тоа лето жените од моето семејство ги спакуваа своите куфери  

и болките пригушени во мрзоволност  

заколнувајќи се дека никогаш нема да се вратат  

мажите останаа на праговите  

чешкајќи збунети чела и тркалезни стомаци во маици  

со џексонполоковски наслаги од претходните оброци  

изненадени од вишокот на тишина  

Тоа лето жените од моето семејство ги зедоа своите  

уредно спакувани разочарувања (секое со линија од пегла)  

меѓу нив ставија сапуни (за да мирисаат поубаво така сложени)  

внимателно ги лакираа ноктите за да не се видат трагите  

на исползувањето од сопствените осамености (колку подолг брак, толку подлабока јама)  

и ги подигнаа на потпетици своите убави, тркалезни задници  

за да скријат дека ниту една од нив повеќе не оди по земјата  

Тоа лето секоја се сети дека има возачка дозвола  

иако никогаш не седнала зад волан  

обидувајќи се да им дадат значење на своите мажи  

(гледај, сепак не можат баш сѐ!)  

Можеби само се надеваа дека на патот од точката А до точката Б  

со благо вртење на воланот на Оној Чии Рацe Некогаш Биле Свет  

ќе можат да го состават покиданото  

преку случаен разговор за пејзажот

Да го испробуваат својот глас над морската шир 

Да врзани за јарболот непречено создаваат  

а всушност  

додека во пулсирањето на вратната жила  

го чувствуваат зародишот  

на ненаправениот чекор  

заминале  

да врескаат од местото  

помеѓу нозете  

 

во надеж  

прек(р)асна надеж  

дека урликот  

ќе привлече глутница.

 

МЕЃУ СПЕКУЛУМОТ И ГРЛОТО НА МАТКАТА

Таму  

Меѓу спекулумот и грлото на матката  

Сигурно засолниште за сè она  

Што зборовите не го опфатиле 

 

ЗА АВТОРОТ

Светлана Калезиќ-Радоњиќ

Светлана Калезиќ-Радоњиќ е родена во Подгорица во 1980 година, на денот кога била објавена првата печатена книга на словенскиот Југ. По образование е докторка на книжевни науки, по професија универзитетска професорка, а по повик поетеса која активно објавува од својата петнаесетта година. По страст е мајка, рок-музичарка, преведувачка и светска патничка. Како посебни изданија има објавено седум збирки поезија, од кои една на шпански јазик. Добитничка е на голем број домашни и меѓународни книжевни награди. Работи на Филолошкиот и Филозофскиот факултет во Никшиќ, а живее во Подгорица, заљубена во вчера, денес и утре.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ