Elementi Logo

ЕКСПЛОЗИВНА СЕМЕЈНА САГА ЗА РЕТКА ЖЕНА СО РЕТКО ИМЕ

Backgorund

Поговор кон романот „Мина“ од Игор Анѓелков, Скопје: ИЛИ-ИЛИ, 2023
Пишува: Ана Мартиноска

Загриженоста за човековото страдање на германскиот филозоф и социолог Теодор В. Адорно суптилно се провејува низ саморефлексивната семејна сага на новиот роман на Игор Анѓелков, кој започнува со неговиот цитат како мото „Можеби сетив дека сè она што човек постигнува во животот е само обид да си го врати детството.“. Токму тој стремеж за навраќање кон спомените од детството и кон сопственото и семејното минато, блиско и подалечно, а во обид да се разбере и прифати смислата, но и залудноста на животот, ја гради нарацијата на „Мина“, роман кој по многу нешта се надоврзува, го надополнува или пак претставува извесно продолжение на претходниот роман на овој автор – „Шрапнел“. Таа спојка не е само во експлозивноста на симболиката на двата наслови, туку уште повеќе во споделениот фокус на неколку генерации на ликови од исто семејство, вклучувајќи го и самиот наратор, кој веројатно, но не и нужно, е и самиот автор.
Промислувајќи ја и книжевно обликувајќи ја реалноста на сопственото постоење и особено, сопственото творештво, тој бравурозно нè води напред-назад низ времето, понирајќи длабоко во интимата на своето семејство, нивните односи, поврзаност и заедништво, тривијалните факти од секојдневието и погрешно запомнетите приказни, табу-темите, премолчуваните тајни и духовите од минатото. Композициски структурата е поставена така да го долови чувството како да длабиме по семејната меморија вртејќи ги старите фамилијарни фотографии, оние кои во романот се опишани и анализирани до најситни детали и кои за навек ги замрзнуваат во времето ликовите на нив, држењето на нивните тела, изразот на лицата, привлечните црти и ситните недостатоци.
Главната разлика е што овој пат, сите водечки ликови се жени. Носечки лик е бабата близначка на дедото од „Шрапнел“ по која овој нов роман го добива името, заедно со споредните, ама значајни ликови на Дафинка, Вида, мајката и сестрата како некакви паметници на скришните детали од семејната историја и чуварки на традицијата, задолжени за опстанокот на семејството, па и човештвото во крајна линија. Анѓелков ќе рече дека мајката во неговите книги е „како добар дух, кој е тука, сеприсутен, но невидлив“. (Анѓелков, 2023: 52)
Онаа пак која во ова дело е највидлива и најприсутна во реминисценциите на нараторот е Мина, ретка жена со ретко име. За Игор, таа е македонската Фрида Кало, не само поради младешките женски мустаци што ги здогледува на една нејзина фотографија, туку и поради симболичната поврзаност на живот исполнет со болка, бројни операции и долгогодишна врзаност за креветот, што го одбележува животот на двете исклучителни жени. Мина од фрагментарните носталгични сеќавања на едно момченце прави чај од тегавец и палачинки со шеќер и плете џемпери како симбол на исконската женска грижа за другите, дополнително изразена поради нереализираната мајчинска љубов која сакала да ја даде некому, кога веќе го нема своето дете покрај себе. Во исто време, иако хронично болна, таа претставува силна жена која се справува со сите предизвици на животот, фам фатал со голема моќ на заводливост, вечно во потрага по љубов по која тагува секое човечко битие, со бројни љубовнички и пријателски врски со мажи, главно доктори. Носејќи го името на машкиот светец Св. Мина, ама и на главната вампирка од приказната за Дракула, низ страниците на романот Мина ја осознаваме како жена со невообичаена појава и неверојатен дух. „Мина била напредна и да не живеела во ваква средина, со одредена поддршка, далеку ќе стигнела во животот.“ (Анѓелков, 2023: 87) Веројатно и оттаму провокацијата на авторот да тргне во истражување на нејзината животна драма за да ја зачува од заборав и да ја искористи конспиративната приказна за детето на Мина кое таа никогаш не го видела како мост за спојување на генерациите и идеална матрица за разоткривање на вистините.
Постојано во корелација на дотраените спомени со она што во моментот е во неговата глава, авторот вешто нè „шалта“ меѓу Втората светска војна и последните неколку пандемиски години, меѓу драмската програма на Радио Скопје со гласот на Борис Мајсторов и неговите лични искуства како радио-водител децении подоцна, меѓу описите на старо Скопје и ова денешново, но не како опозиции, туку повеќе како судбински испреплетени доживувања. Личното дискретно, но редовно се врзува и со колективното, па низ пластовите на мозаикот има и протнати етно-антрополошки прилози во описите на разни уроци и клетви, обидите за абортирање со камена плоча на стомакот и нејасната судбина на вонбрачно дете, прославувањето на Велигден и на типична македонска свадба од минатиот век и ритуалите со банкноти на ќилимот, меѓу останатите. По истиот принцип локалното се врзува со глобалното, па гостите од оваа свадба заличуваат како да излегле од филм на Жан-Лик Годар, како што тврди една од филмските референци протнати низ ткивото на приказната. Истата тенденција се забележува и кога ликот на главната хероина станува и некаква индиција за женската еманципација воопшто. „Колку жени на средината на минатиот век можеле да се пофалат со некаква работа? Според информациите од мајка ми, само три. САМО ТРИ во селото со преку илјада и кусур жители“. (Анѓелков, 2023:67) Анѓелков прецизно забележува дека женската еманципација всушност тропнала на порта многу подоцна, дури во либералните седумдесетти и осумдесетти години на 20 век, а во истиот контекст го „чепка“ и граѓанскиот слој кој слуша класична музика како дискрепанца, меѓутоа и како точка на спојување на нишките на семејното помнење.
Раскажувачот во едно поглавје се зафаќа и со деликатната тема на религијата, највеќе со посветеноста кон неа, која не секогаш значи и фанатичност. Таа лаичка, народна верба во црквата го има календарчето за празници како семејна Библија, кога веќе ја немаат книгата над книгите во домашната библиотека со руски класици. Со иронично обоен призвук Анѓелков ги раскажува детските гафови за сликата со популарниот Сандокан на иконата со Исус, за да сумира со помирувачката мудрост дека „Бог за некого постои, за некого не.“
Огромен наративен слој во романот се автопоетичките и автореференцијални записи на авторот за сопственото писмо и за инспирацијата која ја наоѓа кај Умберто Еко, Миљенко Јерговиќ и книгата „Како да станам писател“ од Солев, но и кај Пол Остер, Владислав Бајац, Едгар Алан По и други писатели. Нивните дела не само што го тераат да ги преиспитува сопствените зборови, туку и го водат низ целиот процес „во кој сомневањата и самоувереноста со наизменични надвасувања ја одржуваат нужната рамнотежа на самокритичноста и занесот, по која се живее и твори.“ (Анѓелков, 2023: 14) Затоа, „Мина“ речиси во секое поглавје вклучува цитати и парафрази што зборуваат општо за книжевноста, миговите на креативен занес или комплексноста на раскажувачкиот процес. Вклопени во новиот контекст тие стануваат сосема лични и, дури би рекле, клучни за конкретното книжевно дело кое се создава со нивна помош, а со кое Анѓелков сака да ги задоволи и сопствените, заедно со читателските потреби. Па така „…процесот низ кој настанува овој роман – е нов роман“ (Анѓелков, 2023:83), ќе рече авторот.
Во повеќе наврати Анѓелков го елаборира својот внатрешен повик да ги искаже впечатоците и сопствената интерпретација на доживувањата или, како што вели Пол Остер, да не го одвојува пишувањето од набљудувањето, бидејќи чинот на пишување е всушност чин на сеќавање. Игор се сеќава и пишува за она што го знае. Наоѓајќи ја вистинската мера што да се вклучи во конечната верзија, а што да се скрати, тој сака да експериментира со формата (но не само експеримент заради експеримент), да ги растегнува конвенционалните жанровски дефиниции и наместа да плови помеѓу повеста, романот, есејот и новелата. На тој начин, како и во „Шрапнел“, тој и овде потенцира дека пишувањето е арт-терапија за депресијата, несоницата и сите останати обични или необични дилеми предизвикани од сериозните моменти од кои, меѓу другото, е составен животот.
Наведувајќи ја изреката на Томас Вулф дека секој творечки труд мора во основата да биде автобиографски, Анѓелков ја почнува својата писателска кариера со еден самиздат на чија корица се рентген снимките на бабата Мина, продаден во три примероци. Многу изданија и продадени книги потоа, се чини дека ова навраќање на Мина во истоимениот роман за сега веќе етаблираниот автор е извесно затворање на кругот, па во таа конотација можеме да го сметаме за цикличен роман. Евидентна е авторовата конструкција на неговата содржина во поглавја, чии наслови се повторуваат, за последниот да биде со идентичен наслов „Матрјошка“ како и насловот на првото поглавје, додатно носејќи ја со себе семантиката на зборот бабушка и фигуричката претстава на жена во народна носија од руската детска играчка со повеќе кукли вклопени една во друга. На сличен начин се повторуваат и датумите, па шестоаприлскиот ден 2020 да речеме се надоврзува за судниот ден од истиот датум од почетокот на бомбардирањето на нацистичка Германија. Оваа тенденција не е новина во писмото на Анѓелков бидејќи тој и во својата збирка раскази „Двојна експозиција“ исто така инсистираше на дихотомија на приказните, ликовите, времињата и гледните точки.
Покрај мотивските автобиографски поклопувања од една и автопоетичките промислувања од друга страна, она што останува како константа е дека во „Мина“ Игор Анѓелков повторно го потврдува она што во една прилика го означивме како непретенциозен стил кој „едновремено успева да биде и длабок, и ангажиран, и актуелен, и компактен во изразот, и искрен до коска“ (Мартиноска, 2020) 1. Со здрава доза на фантазија свртувајќи се кон минатото, ама со акцент на она што ја детерминира сегашноста, препознавајќи ја својата сила во едноставноста на раскажувањето, Анѓелков одново нè заробува во имагинативна и емотивна, тематски комплексна и слоевита нарација. „Фрагментарните доживувања што се надевам дека читателот сам ќе ги склопи во својата глава, движејќи се низ разните наративни можности, за мене се вистински предизвик при процесот на создавање на ова дело.“ (Анѓелков, 2023: 59)
Покрај навигирањето низ овие лавиринти низ туѓата приказна, она што за секој читател е веројатно најважно е дека оваа книга ќе ве упати на зрело преиспитување на сопственото семејно наследство кое, сакале да признаеме или не, ја одредува насоката на нашата, лична животна авантура и со тоа, нé потсетува на сопствената минливост. Од сите овие причини, и уште многу кои допрва ќе ги откриваме со секое следно препрочитување, сé појасно станува дека секое ново дело на Анѓелков веќе нема да се чита исклучиво само по себе, туку и како дел од еден поголем циклус на дела кои создаваат една голема книжевна приказна или дури и во контекст на комплетниот опус на авторот.
По урнекот на романот „Мина“, и овој текст завршува враќајќи се на почетокот. Можеби Адорно бил во право кога велел дека спомените не можат да се сочуваат во фиоки и кутии, но тие секако можат да се претворат во добра литература.

1 Мартиноска Ана, Прецизна вивисекција на генерација родена во ’70 и
некоја (Кон „Шрапнел“ на Игор Анѓелков), Окно, 05.09.2020, https://okno.
mk/node/86120

ЗА АВТОРОТ

Ана Мартиноска

Ана Мартиноска (Скопје, 1972) е професорка, научничка во областа на фолклорот, литературата и културата, колумнистка на родови и културолошки теми, феминистка и активистка за родова еднаквост Дипломирала на Филолошкиот факултет на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности во 1994 г., каде ги завршила и постдипломските студии. Магистрирала во 2002 г. со теза со наслов “Поетика на македонските народни гатанки”. Била на кус докторски престој на Универзитетот Оксфорд во Велика Британија, а во 2010 jа одбранила докторската дисертација со наслов “Конески и фолклорот“. Од 1996 г. д-р Мартиноска е вработена во Институтот за македонска книжевност, во Одделението за македонска народна литература. Во моментов е на работното место научна советничка/редовна професорка. Учествувала со самостојни прилози во националните научноистражувачки проекти “Истражување на митот и ритуалот во македонската народна литература”, “Драмски елементи во македонскиот фолклор”, “Националните рефлексии во одредени творечки пројави од македонската книжевност 19 век”, „Аспекти на традиционалното во македонскиот фолклор“, „Аспекти на религиозното во македонскиот фолклор“ и макропроектот “Македонски книжевен лексикон”, како и во меѓународните проекти на Институтот „Родови претстави во македонската и албанската култура и социјално живеење“ (UNESCO), „Родови претстави во балканските литератури и култури“ (соработка со Унив. Неофит Рилски, Бугарија) и „Традицијата и континуитетот во македонско-хрватските врски“ (соработка со Универзитетот во Ријека, Хрватска). Посебно значајно е и нејзиното учество во меѓународните проекти “Nationality Building and the Break-up of the Empire“ (Билги Универзитет, Турција), “Learning How to Write Effectively” (во рамки на COST програмите) и “Literacy Development in the Humanities: Creating Competence Centres for the Enhancement of Reading and Writing Skills as Part of University Teaching” (SCOPES). Напоредно со нејзината научна активност, Мартиноска предава на Постдипломските културолошки студии во книжевноста, каде е ангажирана на предметите „Вовед во културолошки студии“, „Културата и глобализацијата“, „Сексуалноста и културата", "Народна култура" и “Академско пишување“. На докторските студии на истата група ангажирана е на предметите „Културните предизвици на глобализацијата“ и „Родови претстави во современата култура и медиуми“, а на групата по Македонистика со предметите „Фолклорот и современата литература“ и „Процесите на митологизација и демитологизација во македонската книжевност“. Мартиноска има и работно искуство како предавачка по предметите „Македонска народна литература“ и „Теорија на литературата“ на Државниот Универзитет во Тетово.

ЕЛЕМЕНТИ - БРОЈ 14

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ