1. Вие сте прозаист со голема специфика, со стил препознатив само за Вас. Каде ги црпите мотивите за своите прозни дела и дали има тема која се уште не сте ја допреле?
Прво за стилот. Пред да почнам сериозно да се занимавам со литература, особено внимание ѝ посветив на стилистиката. Така настанаа и „Согледби“ (1981), во која пристапив сосема прагматично, иако тогаш немав поим што е прагматизам. Имено, за сето она што го учев во завршните години од моите редовни студии, особено од областа на современиот македонски јазик, веднаш барав примери во современата македонска литература, ‒ во „книгите што требаше да излезат утре“, зашто повеќето од нив ги читав во ракопис, на пример романите од Петре М. Андрееевски, Зоран Ковачевски, Васе Манчев и други, а добар дел од поезијата ја знаев и поетски средби на кои настапуваа македонски поети (Ристо Лазаров, Раде Силјан, Евтим Клетников) и бев речиси постојано во творечко дружење со Гане Тодоровски и Матеја Матевски).
Од друга страна, ја живеев македонската литература, но и македонската култура на секој чекор, за што најмногу е виновен охридскиот „Хотелпалас“, а потоа виновници наоѓав на секој чекор, само што ќе се оддалечев од „Хотелпалас“ и ќе заскитав до Плаошник, а и прекуноќ ќе се најдев на светски места каде што се создавала литературата и лингвистиката, јужнословенската, светската и, особено, македонската. Во Охрид сум се среќавал и со најзначајните личности од македонската, југословенската и светската сцена (од пејачи до претседатели на држави), исто како што низ Источна Европа сум се среќавал со личности кои сакаа да го променат светот, а повеќето од нив ако не беа писатели или политичари, тогаш имаа големи идеи. Добар дел од сето тоа веќе сум го внел во својата проза, по принцип, „ако е забавено, да не биде заборавено“, особено ако е забавно на прв поглед и, се разбира, пикарескно. Дел од нив сум ги внел во мојата проза, дел сум ги мимикрирал, а дел сум ги навестил за во некои следни книги. И како што обично бива со книгите, повеќето од нив сѐ уште ми се ракопис.
2. Архаиката е мирисот што го насетуваме и кога ја читаме Вашата поезија. Дали би се навратиле на стиховите?
„Глагољубни песновиденија“ требаше да биде студија за глаголицата, која ја скицирав, но не ја објавив, од повеќе причини, за кои сега е излишно да се зборува. Но во неа сѐ е во дослух со науката, со кирилометодиевистиката, со приказната за глаголицата, и со теоријата на писмото. Една друга моја студија за „Чудесата на пресветата Богородица“ на Јоаким Крчовски, исто остана необјавена како книга, но добар дел од неа преточив во стихови, а инаку ја преточував низ повеќе форми и стилови, од идиолектот, т.е. јазикот и стилот на Крчовски, што во основа е македонскиот народен јазик, до Стихот најдобро ја чува идејата, до преоткривање на приказната за патиштата на „Чудесата“ низ светската литература. Преточувањето на форми е клучна теза на формалистите и отвора недопрени пространства на речта.
3. Димитар Пандев е знаменит филолог и книжевен теоретичар. Добитник сте на наградата „Димитар Митрев“ за книгата „Времето на Конески“: Дали македонската книжевност го живее аманетот на Конески?
Конески ни остави многу, особено на планот на теоријата на јазикот, но и на книжевноста. Она што лично сум го прифатил од негов е неговиот метод на работа, а теоријата во која најмногу се вложил, ‒ за јазикотворечките личности, ми е мисла водилка во книгата на која моментално работам. Поетиката на Конески сѐ уште е недоволно обработена тема, на којашто ќе треба уште долго да работи, да се најде оригиналното во неа, и да се допрат нејзините врски со други поетики. Да се постави поетиката на Конески меѓу неговиот сензибилитет и неговата ерудиција. Од друга страна, аманетот на Конески е аманетот што ни го остави Мисирков. А македонската книжевност исполни еден нивни аманет, имено, македонските писатели до таа мера го прифатија македонскиот јазик како свој личен израз и до таа мера ги развија суптилните особености на македонскиот јазик, како во ниту една друга национална средина што го стандардизирала својот јазик во XX век. Да не се лажеме, повеќето од јазиците во светот го кодифицираа својот јазик во минатиот век. И во тие податоци се крие она што ни ги порача Конески, да не наседнуваме на никакви правни диверзии насочени против македонската нација и, особено, против македонскиот јазик. Во нашата историографија сѐ е прецизно поставено, исто и во историјата на македонскиот јазик. За нас како да не е важно што кажале за македонскиот јазик врвните светски лингвисти, па и нашите македонисти, колку некој политичар отстрана случајно заглавен во историски мистификации. За волја на вистината, од политичарите од минатите два века опстоиле само дел од оние со „собрани дела“.
4. Кои се неистражените полиња од областа на филологијата на кои се уште не сте навлегле онака аналитично и длабоко како што знаете само Вие?
Јазикот на писателите што биле и се мои современици. Тоа е точката од која сум почнал, но во интерес на историјата на македонскиот јазик, но и на општата лингвистика, сум се оддалечувал од неа. А еве сега гледам повеќето од нив веќе се дел од историјата. Некои дури и се запоставени, а толку многу придонесле не само за препознатливоста на македонската литература и култура во светот и за промоција на македонскиот јазик. Од друга страна, јас се воспитував во едно време кога „книжевникот“ не само што не требаше туку и не смееше да биде биде „јазичар“. Редок исклучок кај нас беше Конески, па многумина што се кажуваа блиски му го изманипулираа тој податок до максимум. Она што сакав да докажам во моите проучувања на Конески беше дека не се право. Од друга страна, навлегувајќи подлабоко во теоријата на новиот биографизам во литературата, но и учејќи ги биографиите на големите лингвисти, сфаќам дека врвните светски граматичари и лингвисти биле одлични поети, како граматичарот Михаил Ломоносов, компаративистот Александар Востоков, и особено лингвистот и антропологот Едвард Сапир, кој бил најжестоко напаѓан од актуелната американска лингвистика во негово време, но кој ќе стане симбол на сексуалната револуција во она време на најжестоки искричена во Студената војна и станува главен репрезент на етнопоетиката во американската литература. И тоа е она што нашиот Конески го завешта во своите студии за јазикот на народната песна, како подлога на етнопоетиката во современата македонска поезија. А која лингвистика се вклопила во Студената војна е друго прашање. И таа е тема ма еден роман што допрва треба да го напишам, а сѐ го одложувам, поради тековни преокупации во областа на лингвистиката и поетиката. Новиот биографизам, значи, исто така, е една од моите актуелни преокупации. Од аналитичноста и задлабоченоста во обработката на голите факти ќе зависи и нивната завршна форма, во студија или во проза. Сега за сега е во проза, но и во повеќе реферати.
5. Каде треба да водат новите истражувања во областа на лингвистиката при потрагата по корените на македонскиот јазик?
Дел од моите знајби на оваа тема алегориски сум ги скицирал во прилогот „Македонскиот јазик меѓу лингвистиката на коренот и лингвистиката на кодот“ објавен во еден од претходните броеви на списанието на Друштвото на писателите на Македонија. Дел се расфрлани како идеи во повеќето мои книги и реферати, особено во книгата „Пристап во македонската лингвокултурологија“ (2007). Тоа е сѐ што во овој момент можам да кажам да оваа тема.
6. Конечно, каде македонската книжевност во мапата на европската?
Местото јасно ѝ е зацртано со кодификацијата на македонскиот јазик, како и со голем број книжевни настани, по кои станавме препознатливи во светот, пред сѐ, со „Струшките вечери на поезијата“, како и со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, но и со голем број други манифестации. Македонската литература живее насекаде во светот. Секој од овие настани си има своја историска улога. Светот е обележан во македонската литература, и македонската земја е отсликана во светската литература. Тоа е заемен однос. Дел од геопоетиката!
Елементи