Elementi Logo

ИНТЕРВЈУ СО ИГОР АНЃЕЛКОВ

Backgorund

1. Во литературата зачекоривте со кратки раскази многу суптилно и ненаметливо, но со еден стил кој подоцна се разви во исклучително оригинален. Дали урбаниот контекст е се уште место врз кое ќе ги развивате следните свои дела или можеби во она што го очекуваме следно од Игор Анѓелков има некои нови навеви?
– „Суптилно и ненаметливо“ е фина перцепција на нештата, делумно поради скромноста (не лажната, секако), а делумно поради гледањето и познавањето на нештата во македонската книжевност однатре, како издавач. Деби збирката со раскази „Кротки приказни“ имаше убав одек меѓу читателите, како еден вид книжевна „вежба“ за тоа на кој начин сакам да им пристапам на приказните кои ги носам во себе. Потоа влегов во романескните води како поголем предизвик, и за краток период се појавија „Крај-пат“ и „Фото синтеза“ како приказни условно наменети за помладата генерација на читатели, иако овие романи си го најдоа својот пат и до порафинираните читатели. По пауза од седум години пополнета со изданија со филмска есеистика, во 2020 година излезе и романот „Шрапнел“ кој, според критичарите, претставува токму тој „нов навев“ што го споменувате, нов здив во мојата проза. Добриот прием беше мотив да продолжам во таа насока, и токму периодов е прилично инспиративен за пишување, и набргу ќе ја издадам мојата втора збирка со раскази, а во подготвока е и мојот нов роман, кој суптилно се надоврзува на „Шрапнел“, како близнак чија судбина е поврзана со она што како израз го понудив во претходниот роман.

2. „Шрапнел“ е роман кој со себе носи една многу чудна асоцијативна и еден стил кој наликува на оној на Џорџ Сондерс. Каде се корените на инспиративноста за една ваква мултиасоцијативна хроника како што е тој роман?
– „Шрапнел“ е мозаик од две паралелни генерациски приказни кои содржат многу лични елементи, надополнети со трета приказна која, иако на маргините, сепак корепсондира со овие две на едно метафикциско ниво. Предизвик беше да се пишува овој роман. И во претходните дела милував да кокетирам со помислата да изградам еден сложен „билдунгс“ роман во кој случувањата на главниот лик, или на ликовите, низ процесот на себеиспитување да достигнат ниво на промена после која нема враќање назад. Во прилог ми одеше и заклучокот дека во последниве години литературата остана единственото место каде човек може сосема искрено да погледне внатре, во себе, да си поигра со таа состојба на духот, и потоа да им ја даде на уви на читателите. На крајот се надевам дека тоа сум го сторил на исклучителен начин, на задоволство на читателите, гладни за нешто ново, за нов израз, за ново гледање на светот околу нас.

3. Вие сте и еден од уредниците на издавачката куќа „Или-Или“ која во своите изданија има завидни европски книжевни имиња. Дали низ тие страници ги пронајдовте Вашите писателски примери, автори кои Ве поттикнале и во стилска и во тематска смисла?
– Едицијата „ПроаЗа“ изобилува со исклучителни имиња претежно на актуелната европска литература, и со нивното издавање имаме директен увид во моментните книжевни тенденции на Стариот континент. Меѓу тие преводи има фантастични книги кои делуваат инспиративно, што секако е и една од нашите мисии како издавачи, да понудиме квалитет од кој потоа домашните писатели би се инспирирале и би твореле своја, автентична книжевност. Сметам дека во претходните две декади успеавме да се профилираме како издавач кај кој читателите знаат што ќе пронајдат, и иако тоа претставува борба со ветерници, сепак, на крајот од денот, стаисфакцијата од сработеното е голема.

4. Игор Анѓелков е и филмски критичар со голема биографија зад себе и со респектабилната награда „Мито Хџивасилев Јасмин“, а бевте и долгогодишен уредник и водител на емисија за филм „Филмополис“ каква што за жал сега ја нема на телевизиските канали. Дали филмот обзема повеќе од литературата и каде се крстосниците во креативна смисла со прозата на која веќе добро и се подавате како автор?
– Како филмски критичар ревносно ја следам актуелната продукција кај нас и во светот, и пишувањето на осврти за филмовите претставува моја секојдневна обврска и задоволство. Сето тоа на крајот го средувам, и во период од седум години издадов три книги со филмска есеистика во кои ги рецензирам речиси сите македонски филмови во новиот милениум, но и сето она што беше возбудливо на светски филмски план. Во моментов е актуелна мојата трета книга „Филмотопија“, која наидува на добар прием кај љубителите на седмата уметност. Создавањето на книжевно дело, пак, изискува поинаков пристап. Тоа е процес кој трае одредено време внатре, во себе, потоа полека почнува да се отплеткува приказната на хартија, и токму во тој процес на креирање на еден нов свет лежи сета возбуда на пишувањето и создавањето. Се работи за поинакви принципи на творештво, неспоиви еден со друг. И обата имаат свој шарм, но сепак книжевното дело кое излегува на крајот е она кое има потрајна вредност, и низ кое авторот се надева дека одгатнал одредени прашања кои во тој период од животот го „мачеле“.

5. Дали сте помислиле на тоа да почнете да пишувате и во друг книжевен род: поезија, драма…?
– Интересно, јас и започнав со пишување на песни, и тоа го сметам за сосема природен и легитимен тек на настаните кај секој кој уште во младите денови го почувствувал жарчето на творењето. Поезијата ја дава таа слобода на мал простор да презентираш големи идеи, и сето тоа да биде експлозивно и веднаш достапно за коментари, а младоста е токму таква, таа не сака компромиси. Меѓутоа, набргу сфатив дека таа форма веќе не ме возбудува толку како прозата, но тоа не значи дека одвременаврме не чкрткам по некоја песна. Еве, во новата збирка раскази имам неколку песни кои еден од ликовите и’ ги чита на неговата пријателка. Драмата како жанр, пак, сметам дека им припаѓа на професионалните драматурзи кои најдобро ја разбираат нејзината граматика.

6. Кои теми недостасуваат во македонската кнжевност? Која е неистражената гама кај македонските писатели?
– Она што радува е што таа „нова генерација на македонски писатели“ е доволно храбра да се соочи со сегашноста, да и’ погледне директно в очи и во своите дела книжевно да ја обликува стварноста во која живееме овде и сега. Се радувам што токму „ИЛИ-ИЛИ“ го почувствува тој нов импулс и ги отвори вратите за новите македонски раскажувачи. Транзицијата создаде безброј приказни кои плачат да бидат напишани, но не по секоја цена. Јас сум повеќе за онаа линија во книжевноста во која раскажувајќи наши приказни се обидуваме да постигнеме универзално значење, отколку обратно, да им се додворуваме на поголемите книжевни сцени, стилски и наративно копирајќи ги, со цел да постигнеме некаква интернационална препознатливост.

7. Каде е местото на македонската книжевност во европски и светски рамки? Каде се патиштата на нејзината поширока препознатливост?
– За жал, успехот на наши автори и нивната препознатливост во регионот и пошироко претставува сладок инцидент, и секогаш се работи за индивидуална приказна наспроти големите наративи за градење на стратегија која со години, па и децении ниту ја видовме во книжевноста, ниту генерално, во културата. Понекогаш дури и оние што сметаат дека ја градат книжевната сцена всушност не се ни свесни дека истата ја рушат со снижување на критериумот и со личните каприци кои сакаат да ги истераат докрај, за да го нахранат своето его. Но оваа борба отсекогаш била таква, зошто сега би била поинаква? Останува вербата во себе и сопствените можности, умната работа и интелигентниот пристап, а крајните резултати можеби ќе дојдат, а можеби и не. Но зарем на крајот од денот тоа воопшто е важно? Важно е да се создава! Македонската книжевна сцена дефинитивно ја дуваат нови ветришта, и крајниот исход може да биде само позитивен.

ЗА АВТОРОТ

Елементи

Елементи

ЕЛЕМЕНТИ – БРОЈ 13

ПОДДРЖАНО ОД

Елементи

Елементи

© Електронско списание за книжевност - ЕЛЕМЕНТИ